Младиот Французин имаше жесток повик за поддршка (En Marche!) и визија одново да ја изгради европската куќа обновувајќи го разрушениот дух на братство на континентот. Ако Европа често пати изгледаше како да е нелагодност за голем број национални лидери, Макрон јасно покажа дека таа е негова причина за постоење. Од европското знаме до „Ода на радоста“ тој не остави никаков сомнеж дека комплетно е посветен.
Француската колумнистка Натали Нугеред во текст за Гардијан го опиша расположението на денот по изборот на Макрон: „Најважното е дека Макрон победи со силна про-европска порака на надеж и реформи во време кога самиот збор Европа стана речиси синоним за безнадежност.“
Конечно, дојде утро за Европа. И тогаш настапи реалноста.
Последните неколку денови покажаа што остана од визијата на Макрон: не нешто многу. Без разлика дали е францускиот данок на гориво, плановите за дигитален данок во ЕУ или планираните реформи во еврозоната, Макрон постигна малку од она што го вети.
Зошто е тоа така подеднакво многу зборува за Европа колку и за самоуверениот млад Французин опиен од својата новооткриена моќ и влијание.
Причините за неуспехот на револуцијата на Макрон ги има и во дома и во странство. Од старт беше јасно дека за Макрон да ја оствари својата европска агенда, тој прво ќе мора да покаже дека може да ја реформира Франција. Со години, Берлин гледаше со растечка нервоза (на раб со паника) како и Николас Саркози и Франсоа Оланд не успеваат да спроведат сериозни реформи соочени со растечки проблематичната економска ситуација во земјата.
Макрон знаеше дека за да успее во Европа, тој ќе треба да ја придобие Германија а единствен начин за да го направи тоа е да ја среди Франција. Понорниот пад на неговиот рејтинг дома во изминатава година, кулминирајќи со „востанието“ на Жолтите елеци, го лиши Макрон од легитимитетот кој му е потребен на европска сцена.
Едноставно кажано, француски лидер со поддршка од ниски 20% не може кредибилно да се залага за историски промени на европската политика, без разлика дали тоа било за војска или за внатрешното функционирање на еврозоната.
Директорот на програмата за Европа во германскиот Маршалов план на САД, Јан Техау, тврди дека има подлабока причина за неуспехот на Макрон.
„Тој не е вистински Европеец како што сака ние да веруваме. Тој не е Европеец за доброто на Европа, туку за доброто на Франција,“ смета Техау, според кого Макрон во основа е Галист кој францускиот национален интерес го ставил над се.
Минатата недела, на пример, Париз реагираше со слабо затскриена нервоза на предлогот од германскиот министер за финансии Олаф Шулц, Франција на ЕУ да и го предаде своето постојано место во Советот за безбедност на Обединетите нации.
Кога е во прашање заедничката европска одбрана, и посебно „европската армија“, Макрон брзо се губи во генералиите, што е сигурен знак во очите на голем број набљудувачи дека тој не е навистина заинтересиран за тоа.
Дури и кај вештачката интелигенција, поле во кое Франција и Германија ветија дека ќе работат заедно за да се спротивстават на конкуренцијата од Кина и САД, двете страни изгледа како да бркаат сопствени цели.
Неуспехот на Макрон да ги оствари очекувањата не е лоша вест само за каузата за реформи на ЕУ. Многумина исто така се надеваа дека кога германската канцеларка Ангела Меркел ќе си замине од функцијата, тој ќе го преземе лидерството со ЕУ. За сега, има многу малку причини да се верува дека тој ќе го може тоа.