Пандемијата на големо копа ровови и подига жици

Бројот на вакцинални дози против ковид што ги имаат примено граѓаните од богатите земји, е поголем од вкупното население во тие земји - во просек по 105 дози на 100 луѓе. Во сиромашните земји, тој сооднос е само две дози на 100 луѓе. Таа разлика на многу начини клучно ќе го дефинира постпандемискиот свет во кој ќе има болна сиромаштија од една, и богати западњаци, гадливи на други луѓе, од друга страна. Вториве, веќе живеат во држави тврдини.  

Малку е веројатно дека овој вирус ќе биде искоренет. Поверојатно е да стане ендемски, но повеќето западни земји успешно ќе го контролираат.

Не и сиромашните земји.

Триесетте најсиромашни земји во светот, кои заедно имаат речиси милијарда жители, во просек вакцинирал едвај 2% од населението. Во Демократска Република Конго тој број е 1 отсто, на Хаити 0,24%, во Танзанија 0,36%. Во овие земји, „да се живее со вирусот“ ќе значи нешто многу различно од она што ќе значи на Запад. Политиките на богатите дополнително ќе го отежнат животот со вирусот во најсиромашните земји. До крајот на оваа година, клубот Г7 - најголемите свeтски економии - ќе имаат залихи од речиси милијарда дози на вакцини; Велика Британија веќе има над 200 милиони. Тие залихи на членките на Г7 би биле повеќе од доволно да се вакцинира целото население во субсахарска Африка.

Иронијата е во тоа што многу сиромашни земји покажуваат значително повисоко ниво на доверба во вакцината, само што не можат да ја обезбедат, додека во многу земји кои трупаат залихи, луѓето се поскептични кон неа. Еден од авторите на студија за глобалниот сомнеж во вакцината забележува дека „да се даде предност на дистрибуцијата на вакцината на глобалниот југ, ќе донесе голем напредок во глобалната имунизација“. Но, во систем во кој распределбата на вакцините зависи од длабочината на џебот, логиката и потребите немаат големо влијание.

Приказната за Ковакс го разоткрива проблемот со глобалната нееднаквост. Проектот беше замислен како механизам за поправедна дистрибуција на вакцини за 92 земји со низок или среден приход. Досега се испорачани помалку од 10 проценти од ветените две милијарди дози.

Побогатите земји, не само што успеаја да го истуркаат Ковакс од пазарот за вакцини и да му отежнат набавка на доволен број дози, туку и купија дополнителни вакцини преку тој проект. Велика Британија, Канада, Австралија, Нов Зеланд, Јужна Кореја, Саудиска Арабија и Катар купија стотици илјади дози вакцини преку Ковакс. „Малку се зборува за овој скандалозно себичен чин“, пишува Кенан Малик во Гардијан.

Уште поподмолно е што политиките за ковид ќе ја зголемат физичката сегрегација на светот. Богатите нации веќе живеат во оградени заедници, во тврдината Европа, тврдината Британија, тврдината Австралија, замислени така да спречат влез на оние од сиромашните нации, мигранти и бегалци. „Офф-шорингот“ - инсистирање нерегуларните мигранти и баратели на азил да бидат процесирани во трети земји,  сега е вообичаена практика на Запад. Соединетите држави вака се однесуваат и кон авганистанските бегалци.

Во пост-пандемискиот свет, дефиниран со ковид пасоши и карантини, ваквите политики ќе станат уште понемилосрдни. Минатата недела, грчката полиција побара нерегуларните мигранти да платат казна од 5.000 евра веднаш штом излезат од бродот, бидејќи не направиле ПЦР тест. Очигледно бесмислен потег, дизајниран повеќе да исплаши и понижи отколку да наметне дисциплина поради опасностите од ковид. Јавноста протестираше па полицијата се повлече, но може да се насети каков ќе биде светот што доаѓа, во кој стравот од ковид ќе стане изговор за наметнување строги дискриминаторски правила.

Од туберкулозата до СИДА-та, долга е историјата во која властите го користат стравот од болести како форма на контрола што ги држи непожелните подалеку од нивниот праг.  Нееднаквоста придонесе за дефинирање на пандемија и најверојатно ќе го дефинира пост-пандемскиот свет во уште поголема мера, вели Малик.

*********

Ова што во Гардијан го пишува колумнистот на Опсервер, уште на почетокот на бељата го насети генијалниот Рамбо Амадеус:

„Короната не ја спорам, умираат луѓе, лежат по болници, но таа е искористена богатите држави, конечно и без пардон, да се заклучааат и изолираат од сиромашните. Ме секира тоа што ние сме од оваа страна на бодликавата жица, а таа делува дека ќе остане за стално“.
* во статијата „Не сакам теории на заговор, ама...’

 

 

2 септември 2021 - 12:55