Овој мит за големиот и ужасен Путин

А што ако грешиме за Владимир Путин? Ако деновиве го следиш американското покривање на рускиот претседател, ќе помислиш дека тој е 3 метри висок куклар кој само треба да ги мрдне конците за неговата хакерска армија во Кремљ да ги натера заљубените во демократија Американци да се тресат над своите ајфони, дома незапирлив џин подготвен да ги предизвика САД на голем број фронтови во странство, пишува Сузан Гласер во текстот за Политико.

Има само еден проблем со ова гледиште: речиси сите најпаметни експерти за Русија кои ги познавам и голем број Руси не се согласуваат со ова.

Многумина од овие се плашат дека со тоа што го издигнуваат Путин, Американците кои тој ги презира му ја дадоа на рускиот лидер баш застрашувачката геополитичка репутација што тој ја посакуваше. Михаил Ходорковски, кој беше најбогатиот човек во Русија пред цела деценија да биде затворен од страна на Путин, лишен од неговиот имот и последователни присилен на егзил, тоа го нарекува „овој мит за големиот и ужасен Путин“.

Ова не значи дека Путин е некој несфатен демократ. Експертите за Русија од сите убедувања се согласуваат дека тој е авторитарен владетел со тешка рака кој ги гледа САД како непријател на кој треба да му се спротивстави на светската сцена секогаш кога тоа е возможно. Тој речиси сигурно следната година ќе биде реизбран во систем наместен за постигнување на овој исход.

Меѓутоа додека политичарите од Вашингтон обично го опишуваат Путин како голем стратег кој ги манипулира неговите наивни и деморализирани колеги од Западот, мноштво од луѓето кои од близу го следат Кремљ го опишуваат Путин далеку поинаку. Иако Путин често пати се користи со лекциите од советскиот учебник што ги научил во КГБ, претседателот и оние околу него располагаат со многу послаба рака за играње отколку Советскиот сојуз чија империја тој сака да ја возобнови, и тие често пати ја раководат Русија дефанзивно а не офанзивно, свртени навнатре и делувајќи како нивната моќ да е многу понесигурна отколку што ние сфаќаме, трудејќи се да одолеат на закани, реални или поинакви, кои се предизвик за режимот.

Во новото интервју Ходорковски тврди дека растечката американска опсесија со Путин, кој стана најдолгогодишниот руски владетел од Сталин до денес, често пати ја греши поентата. Тој не е реинкарнација на Сталин, барем не се уште.

„Тука, на Западот, впечатокот на луѓето е дека Путин управува со целата земја. Тоа не е така, воопшто.

Тој секако не управува со Русија вон пошироката московска околина. Пактот што тој го има со најразличните луѓе кои раководат со најразличните региони во земјата е прилично едноставен: Ти извади ги гласовите што на мене ми требаат, и јас ќе те оставам да правиш што сакаш во твојот регион. Така функционира целата работа, и така ќе функционира на следните избори,“ објаснува Ходорковски во интервјуто за Политико за време на неговата ретка посета на Вашингтон.

Ваквото погрешно толкување на Путин е уште од пред актуелната врева околу американските претседателски избори во 2016; постои долга историја на погрешно разбирање на Путин која често доведе до катастрофално погрешни решенија на западните лидери. Во САД, на пример, како што истакнува пулицеровката и советска историчарка Ен Еплбаум, многумина првично ги игнорираа доказите за мешањето на владата на Путин во изборните резултати на другите држави - се додека беше предоцна, кога тие почнаа тоа да го прават и во САД.

Меѓутоа сега кога беше откриено хакирањето, постои тенденција да се претерува во спротивната насока, и Путин да се гледа како објаснување за изборот на Трамп без да се признае опсегот во кој руските хакери само умешно ги идентификуваат и нагласуваат пукнатините кои веќе постојат во американското општество.

„Русија не ја измисли политиката на екстремизам... Тука во оваа држава тие ќе поддржат група за правата на црнците - и тоа лажна - или во исто време ќе создадат друга анти-имигранстка група.

Секако, тоа што ова го покажува е дека овие пукнатини веќе постоеле, и дека луѓето се волни да бидат освоени од вакви видови на групи и организации. Па, тој не ни измислува нови проблеми; тој само ги видел постојните,“ објаснува Еплбаум.

Дали можеме да го обвиниме Путин за хакирање на американските избори? Секако. Меѓутоа поентата на Еплбаум е крајно важна: разговорот околу хакирањето, не секогаш правилно ја има разбрано Русија.

***

Руските претседателски избори во 2018 ќе бидат одржани на 18-ти март, и начинот на кој тие почнуваат да се формираат нуди увид во тоа како денес функционира путинизмот - и зошто напаѓањето на Америка игра и ќе продолжи да игра таква клучна улога во одржување на Путин на власт.

Путин нема официјално објавено, иако се очекува пак да се кандидира, со што неговото владеење кое започна на Нова година 1999 ќе се продолжи за барем уште 6-годишен мандат кој ќе заврши во 2024. Главната опозициска фигура која има каква било јавна поддршка е анти-корупцискиот активист Алексеј Навални, кој беше спречен од властите да се кандидира на изборите, и наместо Навални изгледа дека единствен либерал што ќе го има на гласачкото ливче е Ксенија Собчак, поранешен руски Плејбој модел и ѕвезда на реално шоу чиј татко, починатиот градоначалник на Санкт Петербург, Анатолиј Собчак, го овозможи влезот на Путин во политиката.

Со други зборови, тоа е лажна кандидатура - која како што посочува Еплбаум изгледа како речиси намерно створена за да направи „опозицијата да изгледа смешно“ - и потврдува дека изборите подобро е да бидат сфатени како „плебисцит“ како што објаснува Ходорковски, на кои од руската јавност се бара на секои 6 години да го потврдат продолжувањето на власта на Путин.

Освен тоа, опозицијата која постои не само што е слаба туку е и длабоко поделена, нешто што станува јасно кога го прашувам Ходорковски за Навални, единствениот кој има покажано каква било јавна поддршка зад себе. Ходорковски, се уште длабоко непопуларен како олигарх кој се смета дека профитирал во пост-Советскиот хаос од 1990-те, вели дека не би застанал зад Навални или кој било друг опозициски лик (според него обединета опозиција е само добра голема мета за власта) и го нарекува Навални „апсолутист“.

Меѓутоа само затоа што Путин нема никаков кредибилен опозициски кандидат за следата година, тоа не значи дека тој нема против кого да ја води својата кампања. Всушност, станува се појасно дека Путин ќе се кандидира против САД: напаѓањето на Америка како платформа за кампањата 2018.

“Путин има очигледен проблем. Економијата на неговата држава е во стагнација. Тој мора постојано да покажува со прст кон виновник. Америка е тој виновник. Тој мора да ги посочи фронтовите - правците во кои тој ја поразува Америка. Во Сирија, на пример - во Сирија тој ја поразува Америка, а не ИСИС. Во Украина, тој не ги победува Украинците; тој ги поразува Американците во Украина,“ објаснува Ходорковски.

Во масовно игнорираниот минатонеделен говор на годишниот состанок на Валдаи клубот, група странски експерти кои секоја година се канат во Русија за да го чујат Путин, рускиот претседател беше забележително директен околу тоа колку од неговата доктрина се базира на анти-американското гледиште на светот.

Ангела Стент, поранешниот национален офицер за безбедност задолжен за Русија во времето на Џорџ Буш помладиот, беше присутна на говорот во Сочи. Таа истакнува дека тој во основа одбил да ги одговори сите прашања околу неговите планови за оживување на руската економија, а наместо тоа се концентрирал на неговата улога како глобален лидер спротивставен на САД.

„Ова беше многу анти-американски говор со нов елемент што тој го истакна во пред план: алармирање околу можната неизбежност на нуклеарната војна. Дефинитивно, тој порача дека моментално сме на опасно место. Тоа беше пораката,“ изјавила Стент.

Ја прашав дали таа се согласува со Ходорковски и останатите дека ние го имаме издигнато Путин вон она што неговите моќи навистина се.

„Секако во Русија, тоа го мислат голем број од моите пријатели. Тие сите ја кажуваат истата работа: ’Што е проблемот со вас Американците? Го силите како да е некој лик со натприродни моќи.’ И има некоја вистина во тоа. Тоа него го прави моќен, а во исто време прави САД да изгледаат многу слабо,“ објаснува Стент.

Напаѓањето на Америка што Стент го чула од Путин во Сочи е нешто кое се развива со години, меѓутоа сепак е забележително како водечка тема на кампањата на Путин за 2018 - секако изгледа како реприза од неговата анти-САД кампања од 2012 која го врати на претседателската позиција. Ваквата сурова реторика од Путин минатата недела секако е најпотврдниот доказ до ден денес дека тој се откажал од надежта што ја имал дека претседателот Трамп ќе може да ја заврши позитивната реторика од кампањата кон Русија со поугодни политики.

Со други зборови, ќе бидете сведоци на уште повеќе реторика од Русија која доаѓа директно од советските учебници.

„Така функционира руската пропаганда. Таа е направена за да го покаже Путин како важен лидер на светската сцена, како еднаков на американскиот претседател, исто како за време на Студената војна, и таа е создадена за да го врати чувството дека светот е поделен на половина и дека Русија е на едната страна а САД се на другата.

Мислам дека Американците не го разбираат степенот до кој тие се главна тема руските телевизиски вести... Секоја вечер, повторно и повторно САД се прикажани како непријателот на Русија. И ова, секако, е корисно за рускиот претседател, бидејќи покажува дека ’ние го имаме овој голем и важен непријател - и ние треба да се бориме против него.’

Па, ова нè става во чудна позиција, како да е вратена Студената војна, ама само едната страна се бори во нејзе,“ заклучува Еплбаум.

24 октомври 2017 - 12:07