Неле за Ноле

Жално звучат нивните објаснувања зошто на Ноле му се одзема веќе дадената виза. Тажни се и нивните демек правни приказни дека сите се еднакви пред судот, бидејќи, да беше така, на Ноле уште пред еден месец ќе му беше јасно да не доаѓа во Австралија.

Една од оние особини што го одвојуваат човекот од другите живи суштества е лицемерието. Не постои лав, орел, оса, вирус, змија, риба, што ја има оваа особина, едноставно, ниту една форма на живот, освен човекот.

Со оглед на тоа што човекот е општествено суштество, тој ги споделува своите карактеристики со другите во заедницата, па покрај доброто, моралот, етиката, религијата, уметноста, науката, идеалите, се пренесуваат и работи со кои човечкиот род не треба да се гордее. Кога една лоша особина станува мерка во едно општество или општествен систем, кога се третира како нормална, дури и посакувана во тоа општество, тоа е знак дека тоа општество или тој систем почнува да гние.

Лицемерието е една од таквите лоши особини која во современиот свет го доби „статусот“ на посакуваност. Таа стана составен дел на она што го нарекуваме „развиени земји на парламентарна демократија“. Новак Ѓоковиќ, најдобриот тенисер во историјата на овој прекрасен спорт, е нова жртва на овој отров, и тоа во земја која, барем така се прикажува, треба да биде идеал за она што се нарекува човекови права.

Неколку високи австралиски политичари, како мршојадци, видоа шанса за себе во најдобриот светски спортист, го искористија неговиот став за вакцинирањето, желбата да го освои турнирот во Мелбурн по десетти пат, тешко разбирливата процедура за добивање специјална дозвола за влез во земјата и генералниот став на Запад дека на тој балкански бунтџија не смее да му се дозволи да го земе дваесеттиот и не знам кој Грен слем, сето тоа со идеја да освојат некој бод пред електоратот кој одамна ја изгубил довербата во нив.

Жално звучат нивните објаснувања зошто на Ноле му се одзема веќе дадената виза. Тажни се и нивните демек правни приказни дека сите се еднакви пред судот, бидејќи, да беше така, на Ноле уште пред еден месец ќе му беше јасно да не доаѓа во Австралија.

Само голем наивец може да помисли дека оваа замка за Ноле не е смислувана месеци наназад.

Несреќна е и постапката за приведување на Новак Ѓоковиќ, начинот на кој се однесуваа кон него, начин со кој на сите нас кои не припаѓаме на нивниот „цивилизациски код“, јасно ни се кажува дека нè гледаат како пониска форма на живот. Единственото добро е што во секој нивен настап против Бројот 1, можат да се видат и знаците на распаѓање на еден систем кој почна сам да се гуши.

Горд сум на Новак. Горд сум не само затоа што е шампион. Тоа ми е можеби најмалку важно. Горд сум што е таков каков што е. Добар, благороден, ведар. Горд сум затоа што знам дека овој немил настан во кој се најде нема да му ја отруе душата. Сигурен сум дека никогаш нема да почувствува омраза, а тоа им беше целта. Тие него не го разбираат токму затоа што во себе го нема она што тие го имаат во големи количини. Лицемерие! Горд сум затоа што знам дека и покрај тоа што му го направи, во некој недајбоже случај на катастрофа, Австралија може да смета на негова несебична помош.

Го пишувам овој текст без да знам за кого пишувам. Не знам ниту едно име на австралиски функционер, ниту премиерот, ниту неговиот заменик, ниту министерот за здравство, ниту неговиот шеф на кабинет, секретарка, љубовница. Веројатно и тие не ги знаат своите имиња. Името на Ноле ќе биде врежано не само во историјата на тенисот и спортот воопшто, туку и во срцата на сите нас кои креваме глава против неправдата и лицемерието. Ноле ни е доказ дека вреди да се бориме.

Доктор Неле Карајлиќ

7 јануари 2022 - 09:19