Теоретичарите на игри ги анализираат преговорите како да се игра за поделба на питата во која се вклучени себични играчи. Бидејќи многу години од мојот претходен живот минав истражувајќи ја теоријата на игри, некои коментатори избрзаа да претпостават дека јас како нов министер за финансии на Грција сум зафатен со креирање блефови, стратегии и дополнителни опции, обидувајќи се да ја подобрам мојата слаба позиција.
Ништо не може да биде подалеку од вистината од ова.
Ако било што, моето минато во теоријата на игри ме убеди дека би била чиста глупост да ја сметаш сегашната размена меѓу Грција и нашите партнери како игра за ценкање која може да биде добиена или изгубена преку блефови и тактички изговори.
Проблемот со теоријата на игри, како што им кажував на моите студенти, е што мотивите на своите играчи ги зема здраво за готово. Кај покерот или блекџек оваа претпоставка е точна. Меѓутоа во сегашните разговори меѓу европските партнери и новата грчка влада, целата поента е да се исковаат нови мотиви. Да се измоделира нов начин на размислување кој ги надминува националните поделби, ја топи поделбата кредитор-должник во корист на пан-Европската перспектива, и го поставува заедничкото европско добро над бедните политики, догма која се покажува како токсична ако се рашири, и нас-против-нив начин на размислување.
Како министер за финансии на мала, фискално потресена нација на која и недостасува сопствена централна банка и која за многумина од нашите партнери е проблематичен должник, јас сум уверен дека ние имаме само една опција: да отфрлиме какво било искушение да го третираме овој значаен момент како експеримент по стратегија и, наместо тоа, искрено да ги преставиме фактите кои се од интерес на грчката социјална економија, да ги наведеме нашите предлози за повторен раст на Грција, да објасниме зошто тие се во интерес на Европа, и да ги откриеме црвените линии преку кои логиката и нашата должност не ни дозволува да минеме.
Големата разлика меѓу оваа и претходните грчки влади е двократна: Ние сме решени да се судриме со моќните интереси со цел да ја рестартираме Грција и да ја придобиеме довербата од нашите партнери. Ние исто така сме решени да не бидеме третирани како задолжена колонија која треба да го истрпи она што мора. Принципот на најголемо штедење за економијата со најголема депресија би била необична, доколку не предизвикуваше толку непотребно страдање.
Често пати ме прашуваат: Што ако единствен начин на кој можеш да обезбедиш финансирање е да ги минеш своите црвени линии и да прифатиш мерки кои ти сметаш дека се дел од проблемот, а не од решението? Верен на принципот дека немам право да блефирам, мојот одговор е: Линиите кои ние ги претставивме како црвени нема да бидат поминати. Во спротивно, тие не би биле навистина црвени, туку само блеф.
Ама што ако тоа им предизвика дополнителна болка на твоите луѓе? - ме прашуваат. Мора да блефираш.
Проблемот со овој аргумент е дека тој претпоставува, заедно со теоријата на игри, дека ние живееме во тиранијата на последиците. Дека нема околности во кои мора да го направиме она што е правилно не како стратегија, туку едноставно затоа што така е... правилно.
Наспроти таквиот цинизам новата грчка Влада ќе мора да иновира. Ние ќе се откажеме, без разлика на последиците, од договори кои се штетни за Грција и кои се штетни за Европа. Играта на "продолжување и преправање" која започна во 2010-та кога грчкиот јавен долг повеќе не можеше да се сервисира, ќе заврши. Нема повеќе заеми - не додека немаме кредибилен план за раст на економијата со цел да ги отплатиме овие долгови, да ѝ помогнеме на средната класа да се врати на нозе и да се справиме со одвратната хуманитарна криза. Нема повеќе "реформи" чија мета се сиромашните пензионери или семејните аптеки, додека големата корупција останува недопрена.
Нашата влада не бара од нашите партнери начин како да го исплати долгот. Ние бараме неколку месеци финансиска стабилност која ќе ни дозволи да се зафатиме со задачите за реформирање кои широката грчка јавност ќе ги поддржи, за да можеме да го вратиме растот и да ставиме крај на нашата немоќ да ги исплатиме своите долгови.
Човек може да помисли дека ова повлекување од теоријата на игра е мотивирано од некаква радикално-левичарска агенда. Не е. Тука најголемото влијание е од Имануел Кант, германскиот филозоф кој нè учеше дека рационалните и слободните го избегнуваат кралството на опортунизмот правејќи го она што е правилно.
Како знаеме дека нашата скромна политичка агенда, која ги содржи нашите црвени линии, е во согласност со правилата на Кант? Знаеме гледајќи во очите на гладните на улиците од нашите градови или набљудувајќи ја нашата потресена средна класа, или земајќи ги предвид интересите на работните луѓе во секое европско село или град во рамките нашата монетарна унија. После сè, Европа ќе ја добие назад својата душа само кога ќе ја придобие довербата на луѓето со ставање на нивните интереси на централно место.