Зборот "популист" и онака веќе масовно погрешно се користи во Европа, меѓутоа тој несомнено одговара на американскиот милијардер. Може да дебатираме за "крајно-десничарски екстремист", меѓутоа "фашист" не е соодветен на ниту еден начин. Прекумерната карикатура е штетна.
Исто како што левицата е составена од голем број елементи (анархисти, ленинисти, маоисти), така и крајната-десница обединува голем број симпатизери: ројалисти, нео-фашисти, ултра религиозни, ултра сепаратисти, регионални сепаратисти, и така натаму.
Мора да запаметиме дека фашизмот пред се е идеологија, партија, и националистички режим од крајно авторитарна природа, воден од општествена мобилизација и со силен афинитет кон униформи. Имало само една држава која комплетно го има присвоено фашизмот на долг рок - всушност и го има измислено: Италија, од 1922 до 1943. И ова важи освен ако некој не ги спои во едно фашизмот и национал-социјализмот. Сепак симпатизерите на Мусолини биле многу поразлични од фундаментално расистичките, империјалистички наци криминалци.
Салазар или Франко?
Дали Португалија под Салазар (1926-1974) беше фашистичка? Не толку многу. Беше ултра-конзервативна диктатура со економски режим базиран на корпорации кој значеше негирање на класната борба и на работнички права. Меѓутоа, тој немаше фанатична масовна партија која бараше ширење на својата моќ.
Генералот Франциско Франко беше пучист и крвожеден диктатор, меѓутоа тој никогаш не беше фашист. Фашистичката партија, Фалангата, чиј лидер Антонио Примо де Ривера беше егзекутиран во 1936-та, беше доста присутна во шпанската политичка арена, меѓутоа никогаш немаше власт. Франко имаше симпатизери меѓу конзервативните и реакционерните сили, католичкото свештенство и армијата, меѓутоа тој и само тој ја имаше власта.
Постоеа фашистички партии и во Источна Европа: Железната гарда во Романија (1927-1941), Партијата на стрелестиот крст во Унгарија (1939-1945) и Усташите во Хрватска (1941-1945). Меѓутоа тие не беа создадени да траат. Тогаш, Џорџ Олтрамаре, кодош во нацистичка Франција, стекна популарност во својот роден град Женева. Во Англија Освалд Мосли ја основаше Британската унија на фашисти на почетокот од 30-те, меѓутоа тој никогаш не влезе во владата. Во Франција, во време на Националниот фронт, алијанса на левичарски движења, голем број организации флертуваа со фашизмот ама никогаш не мобилизираа големи маси на следбеници.
За време на Алжирската војна (1954-1962), имаше клики како Млада Европа со стотици членови и веројатно илјадници симпатизери. Со краток век беше и француската крајно десничарска паравојска Организацијата на тајната армија, која собираше луѓе од сите професии и слоеви, вклучувајќи и поранешни членови на Отпорот. Еден од нејзините лидери, Раул Салан, секако дека создаде поделба, но не беше фашист.
Што можеме да кажеме за безбројните воени удари во Јужна Америка? Единствени фашисти беа поддржувачите на Перонизмот, политичкото движење именувано по аргентискиот претседател Хуан Перон и неговата сопруга Евита Перон. Нивните наследници, како Киршнерови, се до срж расипани, ама барем не се фашисти.
И иако не е кредибилен лидер, Доналд Трамп секако е причина за голема загриженост. Меѓутоа да го нарекуваш него фашист е и погрешно и контрапродуктивно. Американските претседателски избори се демократски. Никој не е присилен да гласа за никого. Црнците, латиносите и образованите белци секако нема да го поддржат Трамп. Големите играчи во Републиканската партија не го поддржуваат. За разлика од Кју Клукс Кланот, на пример, Трамп и неговите блиски не се ниту екстремисти ниту фашисти.
Трамп може да се смета за непријател, меѓутоа тој нема да има еквивалент на Маршот на Рим на Мусолини, ниту на Кристалната ноќ од 1938, ниту на инвазијата на Етиопија. Нема да има војна, нема да има цензура на медиумите, нема да има концентрациони кампови. САД веќе имаат 2,2 милиони затвореници, и тоа е сосема доволно.