НАТО е во своја кожа: Влегуваме во Студена војна

Блоковска поделеност и Студена војна се природна атмосфера за НАТО и суштина на неговото постоење. Алијансата сега фрла око и на Кина, а на самитот во Мадрид се цртаат новите борбени линии кои ќе траат со генерации. Само што денес светот веќе не ја купува приказната дека се работи за глобална борба за слобода.

„Онаа“студена војна можеби заврши пред три децении, но сега започнува друга, поинаква студена војна. И оваа, исто така, станува глобална. Лидерите на НАТО неделава фрлаат око на Индо-Пацификот и се подготвуваат, освен со Русија, да се конфронтираат и со Кина.

На самитот на НАТО во Мадрид - каде што првпат се приклучуваат лидерите на Јапонија, Јужна Кореја, Австралија и Нов Зеланд - се повлекуваат нови борбени линии кои би можеле да траат со генерации.

За разлика од 40-годишната американско-советска конфронтација во која две големи сили целосно се изолираа една од друга во посебни сфери, оваа битка е повеќедимензионална: Кина и Запад се спротивставени но сепак тргуваат и инвестираат една со друга, а во равенката е и санкционираната Русија која за едната страна набавува важна нафта, гас и жито.

Новиот стратешки концепт за Вашингтон произлезе од коминике од пред една година по последниот самит на НАТО, кога за првпат се предупреди на „системските предизвици од Кина за меѓународниот поредок заснован на правила“. Во тоа време, европските лидери сè уште пружаа отпор на американските притисоци за адресирање на „кинескиот проблем“. Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел помина голем дел од нејзините 16 години на власт негувајќи ги врските со Кина. Руската инвазија, со поддршка (сè уште не и воена) на Кина, драматично го промени тој пристап. Во неделата, германскиот канцелар Олаф Шолц, заедно со американскиот претседател Џо Бајден и другите лидери на Г-7, објавија нова глобална инфраструктурна иницијатива вредна 600 милијарди долари наменета да се спротивстави на кинеската иницијатива „Појас и пат“. (повеќе за тоа овде).

Промените почнаа да се забрзуваат последните неколку месеци откако Бајден и НАТО ја проширија својата политика на помагање на украинската одбрана во политика на поткопување на моќта на самата Русија - или, како што рече американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, „да се види Русија ослабена“.

Британската министерка за надворешни работи Лиз Трас дополнително го подигна влогот кога изјави дека „НАТО мора да има глобален изглед“, „да ги спречи заканите во Индо-Пацификот“ и да обезбеди услови „демократиите како Тајван да се способни да се бранат .“

Проширувањето на НАТО надвор од Европа се случува веќе некое време - прво на Блискиот Исток, а потоа и во Авганистан, каде што Алијансата мизерно го споделуваше 20-годишниот дебакл кој заврши со повлекување. Но, сега НАТО го преоѓа Рубикон во Азија.

Или како што минатата недела рече генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, со остри зборови за да терцира на заострената реторика на администрацијата на Бајден: „За прв пат, ќе се осврнеме на Кина и предизвиците што таа ги поставува за нашите интереси, безбедност и вредности. “

Во меѓувреме, Вашингтон ги вооружува Јапонија и Јужна Кореја (заедно со Австралија) па и ги покани Токио и Сеул да се приклучат на самитот на НАТО како „набљудувачи“. Ова дефинитивно почнува да личи на верзија на НАТО во Пацификот.

Поедноставено, големите западни сили сега веруваат дека - од Мариупол на Црното Море, преку Тајпеј на Тајванскиот теснец и можеби сè до Соломонските острови во јужниот дел на Пацификот - се спушта нова железна завеса. „Во суштина, НАТО повторно го зазема гардот од Студената војна“, вели Макс Бергман, директор на европскиот програм во Центарот за стратешки и меѓународни студии.

Малку пошироко, САД и сојузниците сега може да се соочат со застрашувачка комбинација на две нуклеарни сили: богатата со ресурси Русија, ујдисана со економски и технолошки моќната Кина, како што годинава предупреди Џорџ Бибе, поранешниот главен аналитичар на ЦИА за Русија.

Контурите на новата Студена војна не се ни приближно чисти како што беа за време на првата Студена војна. Тогаш остриот идеолошки судир меѓу комунизмот и демократијата/капитализмот беше јасен (иако Вашингтон знаеше да се извалка подржувајќи анти-комунистички автократи). Спротивно на тогаш, денес повеќето нации во светот, од Блискиот Исток и Јужна Азија до Латинска Америка и Африка, веќе не ја купуваат приказната на Бајден и неговиот обид и новиот конфликт да го претстави како глобална борба за слобода“.

Мајкл Хирш, за Форин Полиси

************

Од истиот автор види и:

Опасната завршница на Бајден: Да нема завршница

 

30 јуни 2022 - 11:06