ММФ е против штедење?

Неодамна на официјалната страна на ММФ беше објавен текст од првиот човек на Фондот за Европа, Пол Томсен, во кој се тврди дека "ММФ не се залага за болните мерки за штедење во Грција". Во сето досегашно искуство на Грците со ММФ, вон овој текст, Фондот беше дел од троглавото финансиско чудовиште што ја наметна сиромаштијата во земјата.

Тројката, која освен ММФ, ја сочинуваат и Европската комисија и Европската централна банка, е ад хок тело кое се години е задолжено за предлагање програми за "спасување на Грција" која, по поголем или помал отпор, упорно ги спроведуваат сите грчки влади, паралелно со катастрофалните последици по животниот стандард на тамошното население и без позитивни ефекти од намалувањето на државниот долг.

Поразителните резултати ретко кого изненадуваат затоа што програмите по правило се сведуваат на политики на драстично намалување на државните социјални вложувања, рушење на цените на трудот и социјалната заштита, со приватизација и субвенција за инвеститорите. Со други зборови, програмите на Тројката се токму она што последните децении и поборниците за нив и противниците ги нарекуваат "болни мерки на штедење". Треба да се признае дека ММФ не се согласуваше во сè со своите соработници, и дека Томсен во својот последен текст објаснува и зошто.

"Кога грчката влада со европските партнери го договори програмот што требаше да овозможи раст од 3,5% до 2018, ние предупредувавме дека оваа програма ќе овозможи раст од вкупно 1,5%, што не е доволно за да ја поддржиме, па и понатаму тврдиме дека на Грција не и требаат понатамошни болни мерки," пишува Томсен.

Томсен, кој Блумберг своевремено го нарече "најомразениот човек во Грција", тврди дека ММФ никогаш не ги поддржувал "болните мерки" кои ги спроведуваа европските институции и грчката влада. "Токму спротивното", категоричен е директорот на ММФ, "Грција би требала да ја зголеми потрошувачката или да ги намали даноците за да го засили растот". Неговите предлози, меѓутоа, на секој чекор изгледаат противречни: се критикуваат "длабоките засеци кои оневозможија функционирање на основните сервиси", но истовремено предлагаат и "радикално преструктуирање на јавниот сектор"; се повикува на стимулација на потрошувачката, но истовремено и дополнително намалување на пензиите и укинување на заштитата на работниците од арбитрарни откази; се предлага "намалување на даноците", но истовремено си напаѓа и ниската ставка на оданочување на доходот на граѓаните.

На кратко, ММФ од грешките во овој случај научи дека "грчкиот долг е неодржлив и никакви структурни реформи нема да го направат одржлив без значително простување на долгот", со други зборови дека досегашниот модел на решавање на овој проблем е згрешен. Меѓутоа нивните предлог измени, со реторичко оддалечување од "болните мерки на штедење", по ништо не се разликуваат значително од она што веќе се спроведуваше. На страна игрите со зборови, изгледа сè поочигледно дека ММФ, како и нивните грчки и европски "партнери", не се сосема сигурни што точно може да ја спаси Грција, иако и понатаму инсистираат на итно спроведување на не сосема размислени програми. Тогаш не чуди ни тоа што нивните резултатите се толку поразителни.

Билтен

 

15 декември 2016 - 10:29