Уште од изборот на претседателот Емануел Макрон во 2017 читав или слушав дека тој е лидерот на слободниот свет, надежта на Европа, и пример за САД. Наместо тоа, тој се повеќе изгледа како добронамерен човек избран во погрешна историска ера.
Од почетокот сум поддржувач на Макрон и неговата желба да ја прошири економската глобализација. Но проблемот е следен: Западот минува низ загуба на својот релативен статус, заради намалената моќ и влијание. Западните општества, вклучувајќи ја и Франција, се трансформирани од имиграција која е поголема од она што го очекувале најголемиот дел од нивните државјани по раѓање. Растечкото присуство на тероризмот, миграцијата и безбедносните прашања им дадоа снага на некои помалку здрави страни на десното крило. На овој микс треба да се додаде и стагнација на платите и се пораширен став - што го имаат 91% од Французите - дека денешните деца нема да имаат подобар живот од нивните родители. На крај, тука е и падот на организираната религија, посебно изразен во Западна Европа, кој создаде духовен вакуум и криза на смислата.
Како реакција на ова луѓето сакаат нешто повеќе од редистрибуција на приходите (она што го нуди левицата) и глобализација (она што го нудеше пред-популистичката десница). Луѓето сакаат идеи и инспирација, а кога нема да бидат понудени добри нови идеи, нивото ќе биде националистички идеи, вклучувајќи ги и оние од помалку толерантен вид.
Макрон нема никаква нова идеја и визија, без разлика колку ти се допаѓаат старите идеи што тој ги поддржува. Па, без разлика колку на прва изгледаше дека ветува, неговиот мандат го забрза колапсот на традиционалниот европски либерален поредок. Веќе некое време, неговиот рејтинг во Франција е понизок отколку оној на американскиот претседател Доналд Трамп.
Ако се сомневаш во недостатокот на инспирација, земи го предвид одговорот на Макрон на протестите, даден во неговиот неодамнешен говор пренесуван од телевизиите. Во недостаток на идеи, или ако повеќе сакате приказ на студена технократија, тој понуди беден финансиски стимул. Тој вети дека ќе ги зголеми минималните плати за 100 евра месечно, но тоа да не падне на трошок на работодавците. Тој вети дека нема да го даночи прекувременото работење во 2019, и побара од работодавците да исплатат бонуси за крај на годината, кои ќе бидат исклучени од оданочување, и укина некои од давачките на пензиите.
Нешто од ова се прифатливи промени. Ама кога ќе почнеш да фрлаш пари по демонстрантите многу е веројатно да добиеш уште повеќе протести и барања. Купувањето противници најдобро функционира кога тоа не е така очигледно. Тешко е да оддадеш политичка почит кога не создаваш некоја инспиративна визија за иднината.
Франција сега се соочува со опасноста да стане следната Италија, комплет сосе фискалната неодговорност, па тешко е на земјата да се гледа како на некој што има политичка сила или домашен консензус за да ја одржи заедно Европската унија. Французите имаат извонредна држава: висока продуктивност на работниците, квалитетна јавна служба, неверојатни одмори, и веројатно најпрефинет вкус за култура во светот. Но сепак, тоа не е доволно. Брза споредба со француската култура од 19-от век, со нагласок на прогресот, утопијата и рационализацијата на социјалниот систем, покажува колку многу недостасува напредната перспектива.
Интелектуалната група која навистина сфаќа што се случува во моментот се често клеветените либертаријанци. Со децении ним им се закачуваше дека се премногу аналитични, дека им недостасува емпатија, дека немаа што многу да и понудат на јавноста во однос на инспирација.
Работата е што либертаријанците се навикнати да се справуваат со оваа слабост. Ниту прогресивната левица, ниту меинстрим неолибералните толпи не знаат како да се справат. Затоа што не можат да поверуваат дека нивната визија е толку слаба и толку непримамлива, тие продолжуваат да бараат нов спасител. Макрон е само најновата жртва што паднала.
Во Америка, репликата на левицата обично е едноставна: неопходно е поголема редистрибуција на приходите. Во францускиот случај, како и со подемот на алт-десничарските идеи во Германија и нордиските држави, ваквото решение се повеќе изгледа неизводливо.
Француските протести посебно беа болни за реформаторите насочени кон спасување на животната средина. Главното барање на жолтите елеци беше да се отфрли дополнителниот данок на гориво - со други зборови, данок на јаглерод диоксид, кој може да ги ублажи климатските промени. Ова е врв на технократска политика, меѓутоа сега предизвика 4 недели немири во еден од најубавите и најважните градови на Западот, истиот оној во кој светот пред три години се согласи да преземе мерки против климатските промени.
Во оваа драма има моќни историски сили, духовен и идеолошки вакум, и зачудувачки малку херои. Колку побрзо го сфатиме тоа, толку подобро.