Како маркетингот нè убедува дека имаме проблем

Влезете во продавница за козметика: сите тие варијации на течности и креми, сето тоа е последица на сто години маркетинг кампањи, кои полека измислувале еден по еден проблем и ги убедувале луѓето дека го имаат.

Дали некогаш сте чуле за халитоза? Тоа е медицински назив за непријатен здив, збор кој е од латинско потекло.

Логично, секој би помислил дека овој збор го смислил некој тим доктори или научници, како и останатите медицински поими, меѓутоа не е така. Зборот "халитоза" пред околу 100 години го смислуваат маркетинг експертите на компанијата Листерин. Оваа компанија доаѓа до генијална идеја да направи течност за плакнење на устата со вкус на ментол, која би требало да го неутрализира непријатниот здив.

Проблемот е што во тоа време просечниот човек смета дека неговиот здив има ОК мирис, па оваа течност никој не ја купува. Така маркетинг експертите доаѓаат до генијална идеја: да ги убедат луѓето дека имаат проблем.

Следните години, весниците се преплавени со реклами за оваа течност, кои се сведуваат на пораки како: Можеби имате непријатен здив, а не знаете за тоа. Може вас колегите на работа тајно не ве поднесуваат и зад грб ви зборуваат за вашиот здив, а вие тоа не го знаете. Можеби момчето со кое излеговте на состанок престана да ви се јавува заради вашиот непријатен здив, а вие се прашувате во што е проблемот. И така натаму.

По оваа кампања, продажбата скока за 4.000 проценти! Овој легендарен пример од дваесеттите години на минатиот век им даде нова генијална идеја на компаниите ширум светот: наместо да се обидуваат да направат решение за постојните проблеми, зошто да не направат проблем, а потоа да продадат решение за него? Од тогаш започна низа кампањи кои се засноваа на тоа дека вие имате некаков проблем, обично со вашето тело, меѓутоа луѓето се премногу културни да ви го кажат тоа во лице.

Верувале или не, и сапунот е производ на една таква кампања. Најголемиот дел од луѓето денес смета дека бањањето е неопходно секој ден, така што целото тело ќе го истриеме со сапун. Меѓутоа ова е последица на долгогодишната кампања на производителите на сапун. Мислењето на докторите е дека бањањето е неопходно еднаш на 2 до 3 дена, а што се однесува на сапунот, освен ако не работите во рудник, сапунот има смисла само на повлечените делови (под пазуви и слично). Меѓутоа, ако луѓето толку ретко трошеле сапун, продажбата би била десет пати помала од денес.

Имајќи предвид дека неприфаќањето во друштво е еден од најголемите човечки стравови, сите овие кампањи биле крајно успешни, а од таму се изроди и цел спектар производи за хигиена и козметика. Влезете во која било продавница за козметика: сите тие илјадници варијации и специфични течности и креми, сето тоа е последица на сто години маркетинг кампањи, кои полека но сигурно измислувале еден проблем по друг и ги убедувале луѓето дека го имаат.

Како маркетинг експерт, можам да ви кажам дека и ден-денеска голем број работи се продаваат на ваков начин. Постои еден многу актуелен пример: нетолеранција на глутен.

Храната без глутен е последниот моден хит. Насекаде околу нас има печиво без глутен, кекси без глутен, а луѓето масовно го купуваат ова живеејќи во илузија дека тоа им е потребно.

Во реалноста медицинските истражувања покажаа дека севкупно еден процент од луѓето во светот навистина имаат проблем со глутенот. Главни виновници за ова, како и обично, се медиумите. Не мислам на медиумите како "Политика", тие за жал се во малцинство. Сензационалистичките медиуми објавуваат дека "можеби имате проблем со глутенот а да не го знаете тоа". Кога на ова ќе ја додадат информацијата дека луѓето со овие проблеми не можат ни да ослабат, тука е крајот на секој разум. Имено, нетолерантноста на глутен се докажува исклучително тешко, но сега на луѓето им е доволно да прочитаат неколку симптоми во списание за да бидат сигурни дека они го имаат тоа ("секогаш се дујам кога ќе јадам леб, сто посто ми е од тоа глутенот"). Така милиони луѓе одеднаш си замислуваат дека имаат проблеми со глутенот, и продажбата на безглутенски производи скока до небо. Значи, принципите на "халитоза маркетингот" одлично функционираат и во 2017 година.

Некој би рекол дека ова е општ заговор на производителите, меѓутоа тие само ја следат побарувачката на пазарот. Да речеме дека имате десет производители на кекси. Еден од нив гледа дека цел свет полудел околу глутенот, и предлага да пуштат "ново, први во Србија - кекси без глутен." Одеднаш продажбата скока. Сега, и останатите девет фабрики за кекси го гледаат овој ефект и, колку и да знаат дека е бесмислено, мораат да се приклучат кон општото лудило па и тие да пуштат свои кекси без глутен. Ваков ист ефект се случува и во другите области, и така на сите страни имаме производи без глутен кои одлично се продаваат.

Питер Гибсон, канадскиот научник кој ја откри нетолеранција на глутен, неодамна изработи нова студија во која покажа дека најголемиот број луѓе кои мислат дека им смета глутен всушност тоа си го измислуваат. Но, сега нема враќање.

Поентата на приказната е - никогаш не им верувајте на шармантните "Џорџ Клуни" доктори во рекламите и во текстовите на шарените списанија. Денес со помош на Гугл лесно може да ја дознаете вистината - доволно е, на пример, да напишете нетолеранција на глутен, во комбинација со терминот измама (gluten intolerance hoax) и ќе добиете низа резултати. Од овие резултати земете ги предвид исклучиво оние кои потекнуваат од проверени медицински институции, или од реномирани медиуми (на пример Њујорк тајмс, или Гардијан). Вистината секогаш е тука, за оние кои знаат и сакаат да ја најдат.

Исток Павловиќ,
Политика

13 февруари 2017 - 14:40