Има ли „Подобар живот“ по смртта на Југославија?

Пред 30 години емитувана е првата епизода од социјалистичката сапуница „Подобар живот.“ Авторот на текстот неодамна повторно ги гледа сите 82 епизоди. Резултат: серијата има многу повеќе што да ни каже за социјалистичкото минато и капиталистичката сегашност отколку современите културни производи и политички трендови.

Можеби токму таа, 1987 година, беше пресудна. Од една страна, иднината широко се отвораше: Загреб под логото на Универзијадата забрзано растеше, Белград ги започнуваше подготовките за самитот на Неврзаните, фудбалската репрезентација предводена од Просинечки, Мијатовиќ, Шукер и Бобан стана младински шампион на светот во Чиле најавувајќи ја никогаш дочеканата ера на доминација на југословенскиот фудбал, Кукоч, Дивац, Раџа и останатите истата таа година, ја земаа јуниорската титула на светски шампион во кошарка, а производството на култура истовремено ги рушеше рекордите па, на пример, книжевната индустрија ќе објави повеќе од 10.000 нови наслови, отпечатени во неверојатни 68 милиони примероци...

Од друга страна, секако, кризата се заоструваше. Острите мерки на штедење кои ги наметна ММФ заради отплата на кредитите предизвикаа масовен револт: само во 1987 се организирани речиси 90.000 штрајкови на кои учествуваа речиси 300.000 работници - два пати повеќе од претходната година - а едномесечниот, медиумски внимателно проследен прекин на работата на рударите станува најпознатиот штрајк во историјата на Југославија. На Осмата седница на Централниот комитет на Сојузот на комунисти на Србија еден перспективен кадар, поранешен банкар, во директен судир го соборува својот поранеше ментор Иван Стамболиќ: партијата добива прв човек кој сфаќа дека бесот на работниците не смее да се игнорира.

А започнува да сфаќа и колкав е политичкиот потенцијал на национализмот: во пролетта 1987 Слободан Милошевиќ на српските и црногорските демонстранти на Косово поле веќе им довикна „Никој не смее вас да ве тепа!“ па разбра и како масата реагира на такви пораки. Сега само две години го делат од чуениот говор на Газиместан: паралелно започнува стрм раст на националистичките елити и во другите републики, спиралата на меѓусебни закани се забрзува и се поставени основните елементи на страотниот расплет во 90-те. Меѓутоа таа 1987, сето ова уште е далеку, а бруталните војни, рушење, колежи и протерувања се чинат невозможни. Работите се уште можат да тргнат во кој било правец: настаните френетично се менуваат, времето се згуснува. А еден човек внимателно го документира, пишувајќи недела за недела, во real time за погубното историско тркалање, сценарија за епизоди за можеби и најпопуларниот југословенски ТВ-проект на сите времиња: Синиша Павиќ, одамна етаблираниот автор на низа популарни филмови (Отпишани, Тесна кожа...) и серии (Театар в куќи, Жежок ветар...), таа година на Првата програма на Радиотелевизија Белград го лансираше својот најнов наслов. Во разноразни, приватни и јавни лексикони на Ју-митологија, 1987 ќе останаа запаметена и како годината кога почна да се емитува „Подобар живот.“

Во контекст на ревизионизмот

Во 2017 30-от јубилеј од настанувањето на серијата не беше обележан со медиумски спектакл: добивме само попатна вест прикладна за насловните страни на светкавите магазини, мал носталгичен потсетник за минливоста на времето. Ништо невообичаено: Подобар живот само во Србија е репризиран веќе девет пати, во повеќе наврати се заврте и во Хрватска и БиХ, а експлоатацијата на сеќавањата одамна е направено во широк распон на жанрови од големи рекламни кампањи, па до мали посвети од фановите. Работата е, по сè изгледа, потрошена. Штета: баш денес, во етапата на галопирачки историски ревизионизам кој поприма различни артикулации од една до друга постјугословенска држава - па, на пример, во Србија се храни со идеализирани прикази на периодот меѓу двете светски војни, додека во Хрватска низ службено славење на онаа Татковинската се поттура релативизација на периодот на НДХ - гледањето на Подобар живот всушност е поинтересно од кога и да е претходно. Бидејќи почетната точка на баш сите ревизионистички проповеди се сведува на бришење на социјалистичкото минато: бидејќи Подобар живот, за разлика од нив, повторно ја повикува таа историја.

Само во СФРЈ, имено, можеше да се создаде така необична ТВ-сапуница. Строго жанровски, до душа, серијата попрво би можела да се означи како теленовела: дејствието, иако развлечено низ дури 82 епизоди, релативно е заокружено, додека мноштвото наративни заливи постојано се вкрстуваат, меѓутоа никогаш не преминуваат во произволно пермутирање на односите меѓу ликовите карактеристично за сапунскиот заплет на случувањата. Сите наративни заливи во Подобар живот притоа водат назад во станот на семејството Попадиќ, горе-долу типичното југословенско семејство од средна класа. Pater familias, Гига Моравац, вечно нервозниот правник на поголемо белградско претпријатие, дојденец од Морава, склон да се напие и подготвен да се степа. Сопругата Ема доаѓа од поинаква средина: гимназиска професорка по латински јазик, добро образована единка од некогаш богато предвоено семејство, во интервалите меѓу честите мигрени на домашниот клавир избира Шопен.

И ликовите на нивните три деца се типски поставени: најстариот Саша, исто така е правник, неодлучен е и пасивен, па околностите го фрлаат горе-долу и низ љубовните афери и низ кариерата; убавицата Виолета, театарска глумица, низ најголемиот дел од серијата ги бира погрешните; најмладиот Боба е лош ученик, ама добар заебант. Околу семејството Попадиќ понатаму се шири раскошна галерија на споредни ликови: стотина урнебесни сценаристички бравури, неретко и брилијантни актерски минијатури. Тука е партискиот „тешкаш“ и моќниот раководител Јатаганац, директорот, кариерист и опортунист Стевица Курчубиќ, естрадата фолк-ѕвезда во подем Нина Андрејевиќ, народната жена Живадинка, љубовникот на Ема, професорот Душан Марковиќ, службеничката кавгаџика Сека Секулиќ, сопругот на Вики, др. Иво Лукшиќ... Синиша Павиќ и онака сите свои сценарија ги градеше околу препознатливи ликови, па и Подобар живот во добар дел е и комедија на карактерот.

Серијата со која исчезна Југославија

Меѓутоа тука не завршуваа жанровската збрка: серијата постојано ќе комбинира „сериозни“ драмски мотиви, елементи на сит-ком и популистичка општествена критика, сето ова додека се пишува со неделен ритам - пуштајќи ги во светот на Попадиќ феномените од тогашната политичка реалност како штрајкови, корупција и подем на национализмот - кој на крај непланирано ќе се претвори во чудна, измислена хроника на распадот на земјата. Можеби, имено, таа беше замислена како добра забава за широките народни маси, без сериозни уметнички претензии, можеби никогаш немала цел да биде дел од она што денес би го нарекле „квалитетна телевизија“, можеби немала намера да стане посебно „квалитетна“ серија. Сеедно, ќе се покаже, дека реалноста за која таа зборува беше неквалитетна: за помалку од две седмици откако е емитувана последната серија, во Словенија со интервенција на ЈНА започнува т.нр. десетдневна војна, злоустиот вовед во сети оние подоцна, подолготрајни и неспоредливо покрвави. Подобар живот нема да остане запаметена како серија која можеше да настане само во Југославија: ќе стане и серија со која Југославија исчезна.

Затоа е и добро што нејзиниот автор подоцна упорно ги одбиваше предлозите да напише нови продолженија: затоа нас, сето она недоразбирање околу жанрот нè наведе на погрешна трага. Клучот на Подобар живот, имено, како да е токму во неговата жанровска неодреденост: мешањето на елементи на сапуници, теленовели, ситкоми, драми и општествен „документаризам“ делува како потрага по форма соодветна за сопственото време. А времето - барем она телевизиското - тогаш на големо беше обележано со увозна стока, пред се Далас и Династија, па и Подобар живот значеше обид за домашен одговор на популарноста на американските сапуници. Тоа го препозна и Игор Мандиќ, кој во 1991 гостувајќи во посебна емисија на Радиотелевизија Белград посветена на феноменот на серијата на Павиќ (од 7:15): „Треба да се направи разлика меѓу вообичаениот поим за американска сапунска опера и овој нашиот Подобар живот, кој забавно импровизира пред камера во скромната кујничка, таму каде што се снимани некои сцени од серијата: „Дали е ова амбиентот на подобар живот? Да, наш живот кој тежи кон подобар, но од сапунскиот се разликува колку што ние се разликуваме од Америка. Ова не е живот на висока нога, тука нема Кадилак, нема крзна, нема кавијар, нема јастог... Гледај го ова: најобични кисели краставици!“

Мандиќ, секако, беше во право, иако од денешна, 30-годишна дистанца специфичноста на Подобар живот се гледа уште подобро. Тоа не е само духовита варијација на „американската“ тема снимена од перспектива на сиромашна земја, туку понуди нешто што Далас и Династија никогаш не можеа: ако таму во фокус исклучиво беа моќни богаташи, живот на висока нога и кавијар, тука подеднакво внимание добиваа политички моќници, невработени и професорки, ситни бизнисмени и вечни кираџии... Цели елаборирани дејствија се случуваа во училишта, судови и докторски ординации, во раскошни канцеларии и на синдикални состаноци, во затвор и во војска: сите клучни институции беа покриени. Ликовите ги придвижуваше потрага по работа, стан или хонорарен ангажман, ги измачуваа кредити и неплатени сметки, ги обликуваа јасни класни разлики. На страна урнебесните нервни напади на Гиго, љубовните перипетии на Виолета и адолесцентските авантури на Боба, по кои серијата најмногу ќе се памети: меурот на социјалистичката ТВ-сапуница беше доволно широк за да ја опфати комплетната општествена панорама, заедно со нејзините клучни политички, економски и социјални проблеми.

Follow the money

Ако од така амбициозниот потфат може да се издвојат главни лајтмотиви, два изгледаат пресудни: „кафенце“ и пари. Првата не може да се заобиколи, бидејќи меѓу 82-те епизоди нема ни една во која не се готви и не се служат барем пет-шест кафиња: тие се проследен ритуал на „нормалниот живот“, мал секојдневен симбол на гостопримство, скромност и домаќинска опуштеност. Вториот потешко се воочува на прва: видео делото Падежи на белградскиот уметнички колектив Доплгенгер јасно покажува колку е тој присутен. Уште од самиот почеток на серијата, животот меѓу кафињата главно го управуваат парите: премисата на главниот тек на случувањата е напишана во тестаментот во кој покојната сестра на Гиго им остава 2 милијарди (стари) динари на неговите деца, под услов да се исполнат одредени обврски, од Саша да се вработи, до Виолета да се омажи а Боба да заврши четврта година гимназија.

Меѓутоа тоа е само почеток: неисплатени плати, минималци и покачувања, неброени долгови, распродажба на семејното богатство, купување, подароци, камати, позајмици и останати финансиски трансакции се незабележлив погон на дејствието се до последниот кадар. Веројатно затоа и посебно се интересни оние наративни линии кои се плетат во полето на економијата. Во Подобар живот нас нè чека истиот оној репертоар на нужни мерки на штедење и стегање на каишот со кој нас медиумите не затрупуваа во изминатите години, но и понекој од последните успеси на моделот на самоуправување; ги следиме гадните судири меѓу раководителите и работниците па слушаме што го чека овие вториве ако случајно решат да се побунат; гледаме како во првите чекори на приватизацијата се снаоѓаат „обичните“ вработени, гледаме и како ќе се снајде техноменаџерската класа; штрајковите почнуваат и се прекршуваат, а над сите лебди идеалот на развиена Западна Европа...

И додека економијата е непрестајно присутна, посебно поглавје во Подобар живот е приказната за национализмот. Делумно раскажана преку стереотипи - па, на пример, за Албанците ќе биде резервиран ликот на физички работник, додека гостинскиот театарски режисер доаѓа, јасно, од културниот Загреб – најопширно тоа е тематизирано во епизодата со заминувањето на отслужување воен рок на Боба. И тоа со еднозначни, антинационалистички, пројугословенски позиции: Боба се расправа со четворица колеги од малиот воен бенд - едниот е, како од лош виц, Словенец, другиот Хрват, третиот Босанец, четвртиот Црногорец - околу тоа чија народна песна ќе ја обработат, се додека поручникот не им нареди да свират македонска и така на крај да ги помири. Постојат барем две причини зошто национализмот не доби повеќе простор во Подобар живот.

Прашање на национализмот

Првиот - помалку значаен - е тој што во вториот циклус на серијата, емитуван 1990 и 1991 година, Саша Павиќ се откажува од пишувањето во „реално време“ и комплетното сценарио однапред го испорачува: според неговите зборови, општествено-политичките збиднувања во тој момент толку се забрзани што секоја епизода веќе до емитувањето би станала вест од застарен весник. Втората - и далеку позначајна - причина е, секако, службената идеологија: се уште е невозможна поп-серија која би зборувала за национализмот вон фантазијата за братство и единство. Меѓутоа парадоксално, токму затоа што се посилната националистичка омраза така лесно ја избриша, Подобар живот денес делува порелевантно отколку кога настанал.

Бидејќи национално врамените наративи на почетокот од деведесеттите целата приказна за распадот на Југославија ретроактивно ни ја раскажуваа исклучиво по клучот на меѓунационални судири, а економските причини за нејзиното заострување - од задолжувањето на СФРЈ на меѓународните пазари на капиталот во 70-те, преку наглиот раст на каматите на почетокот од 80-те, мерките за штедење наметнати заради враќањето на долговите, неуспешниот работнички отпор па се до самоуправниот модел кој ставаше во односи на жестока меѓусебна конкуренција не само поедини претпријатија, туку и цели републики, така зголемувајќи ги нивните економски разлики - најчесто остануваа премолчени. Ако ги нема во историските книги и студиите на угледните политиколози, добрата вест е дека тие, еве, од ново можат да се пронајдат во една ТВ серија.

Сè е тука

Уште подобра е веста дека Подобар живот крие и бројни други изненадувања. Дополнителното занемарување на економските причини за распадот на Југославија, на пример, за возврат ги направи сите нејзини жители политички наивни: приказната е дека луѓето гласаа за национализам не знаејќи дека гласаат за капитализам, а и да знаеа дека избираат капиталистички поредок, истиот го замислуваа многу поинаку. Никој не ни помислуваше на систематска експлоатација, изненадни откази, брутално навлегување во работничките права: сите сонуваа живот на висока нога и јастози. Во реалноста - барем онолку колку што таа продира во Подобар живот - сепак беше малку поинаку: работниците добро знаеа што им се подготвува, а ако случајно се сомневаа, тука беа раководителите за дополнително да им појаснат.

Патронизирачкиот поглед на минатото свршено време, препотентно уверен дека денес разбираме нешто кое тогаш не ни беше јасно, тешко ќе разбере и како во тие сценарија се најдоа прилично прецизните планови за јавно-приватни партнерства, краток водич за правилата на брендирање или прогноза за развојот на процесите за приватизација... Речиси како, всушност, да нема ниту еден позначаен мотив од нашата идеолошка сегашност - од приватизација до корупција, од барање време до затегнување на ременот, од фасциниран поглед во правецот на развиениот Запад до исмејување на мрзливите домашни „нафатирани“ - кој не е прикажан пред 30 години.

Меѓутоа затоа е прикажано и многу од тоа што нема лесно да го најдеме во актуелната телевизиска забава: перспектива на работничкиот отпор, исмејување на новонастанатите капиталисти, најава на функционирање на повеќепартискиот систем. Во духот на симпатична сапуница за џаболебарско носталгично гледање, Подобар живот опфаќа неспоредливо пошироко отколку современите филмови и серии, медиумски вести и коментари, колумни и политички анализи: открива исто што и тие, а потоа и многу повеќе. Токму во тоа е поентата и затоа, во исчекувања на нови репризи, вреди да биде побаран преку торенти: ако навистина е поквалитетен од времето во кое е создаден, тогаш и неспоредливо подобар и од времето во кое денес го гледаме.

Борис Постников,
Билтен

9 јануари 2018 - 11:56