Ова е гласање што премиерот Алексис Ципрас требаше да го побара барем пред еден месец - ако тоа е искрен обид да им се дозволи на Грците да направат демократски избор за нивната иднина, што не е. Како што е сега, референдумот од 5-ти јули ќе биде толку избрзан што тој во основа е погрешен, и ќе следува откако сегашната програма за спас веќе ќе биде истечена. Всушност, тој може да дојде во момент кога Грција веќе има доживеано банкарски колапс.
Референдумот не е, како што Ципрас тоа повеќе пати го тврдеше во објавата, израз на демократија како одговор на "авторитаризмот" на кредиторите. Неговиот аргумент дека кредиторите мора да се потчинат пред волјата на неговиот изборен мандат е апсурден уште од старт: Во која задолжена нација гласачите не би избрале да имаат полесни услови за кредитирање? И во кој случај ММФ или кој било кредитор одговарал пред електоратот на нацијата на која и позајмувале?
Јас барав Грција да одржи гласање за да се расчисти што сака нејзиниот народ. Ова беше неопходно бидејќи Сириза лажеше за време на својата кампања за нејзините кандидати во јануари да бидат избрани, нудејќи крај на условите за спас на Грција, задржување на пакетот за спас и останување во еврото - опција, која со право или не, никогаш не беше достапна. Наместо да даде појасен мандат, овој референдум само ќе ги продолжи изговорите на Сириза.
Според нацрт предлогот од кабинетот, прашањето на кое Грците ќе треба да одговорат за само седум дена, ќе биде дали тие ја прифаќаат последната понуда од кредиторите на државата. Ова е комплексен документ кој допрва треба да биде преведен на грчки и кој до среда може да биде неважечки. Јасно е дека јазикот што Ципрас го користеше во опишување на понудата (од кредиторите) - "уцена", "потчинување", "ултиматум" - го наговестува правецот во кој тој сака да се движи гласањето.
Повторно, исто како и за време на изборната кампања, функционерите на Сириза не споменуваат што ова ќе значи за грчкото место во еврото. Тие ја одржуваат фантазијата дека прашањето на прифаќање на условите за спас е комплетно одделно од тоа дали Грција ќе успее да ги исплати своите долгови, дали ќе и колабира финансискиот сектор и дали ќе биде присилена да почне да печати своја валута.
Ниту еднаш во неговото објавување на референдумот Ципрас не ја спомена заедничката валута. Кога Асошиејтед Прес го праша министерот од кабинетот на Сириза, Панајотис Лафазанис, дали нирваната од реконструкцијата и прогресот кој ќе следуваат по гласањето "НЕ" за пакетот за спас ќе го вклучува и напуштањето на еврото, тој одговори: "Вие, медиумите сте тие што ја поставувате оваа дилема."
Ова е популистичка неискреност. Веројатно во оваа точка на Грција ќе и биде подобро да не ја плати ратата и да се врати на драхмата (што се сомневам дека ќе го направи). И веројатно мнозинството Грци ќе избере сами да продолжат во иднина, наместо да останат во нефункционалната врска со економските партнери на земјата и кредиторите (иако анкетите не го потврдуваат ова). Меѓутоа предложениот референдум не ги поставува овие прашања.
Ципрас и неговата партија сакаат ова гласање да ја легитимизира нивната одлука за неплаќање на долгот и излегување од еврото, најверојатно откако одлуката веќе е донесена, без да им кажат на Грците дека ова е изборот што тие го донеле наместо нив. Ова дополнително ги потврдува моите сомнежи дека чудното преговарачко однесување на Сириза последниве пет месеци е поттикнато од нивната желба за излегување од еврото која не можеа да ја изразат, бидејќи партијата немаше мандат за тоа.
На грчките гласачи треба да им биде кажана вистината околу тоа што тие ќе одлучуваат на 5-ти јули, ако гласањето воопшто се случи по веројатниот хаос кој ќе следува неделава: враќање на условите за спас во рамките на еврото, или банкрот и враќање на фискална сувереност надвор од него.