Никому не му треба кристална топка за да знае што ќе прави Бајден во Израел. Тој веќе обезбеди воена, финансиска, дипломатска и реторичка поддршка за израелската војска додека таа е ангажирана во правење парампарче на теренот. По првите неколку дена од масакрот, Бајден почна тивко да сугерира дека Израел „не треба да претерува“ но во ниту еден момент не навести дека воени злосторства врз палестинското население во Газа може да го загрозат дотурот на американска помош. Неговата прес-секретарка, Карин Жан-Пјер, ги опиша повиците за прекин на огнот на некои конгресмени како „одвратни“. Вишок е да се спомнува дека ни за Бајден, ни за Жан-Пјер не е „одвратен“ Израел кој им нареди на над милион Палестинци да ги напуштат своите домови.
Толку сме навикнати да гледаме како американските претседатели се однесуваат на истиот овој начин што лесно се заборава дека постои алтернатива. Доколку сака, Бајден би можел да има драматично поинаков пристап. Претседателот на САД го има најголемиот мегафон на планетата и тој би можел да го искористи ова патување за да го смени курсот и силно да притиска за крај на крвопролевањето. Но, нема.
Говорот што Бајден би можел да го одржи
Кога Хамас го нападна Израел, земаа голем број израелски војници и цивили како заложници. Израел пак приведе илјадници членови на Хамас. Ако постоеше прекин на огнот, со размена би можел да се ослободи секој израелски заложник. Бајден можеше да покани некои од родителите на заложниците да застанат зад него додека тој го објаснува прекинот на огнот. Можеше да каже дека нема да ги ризикува животите на американските граѓани држени од Хамас и нема да продолжи да го финансира убивањето и осакатувањето на палестинските Американци кои беа во Газа кога Израел почна да претвора станбени згради во урнатини. Наместо да ги критикува оние малкуте храбри членови на Конгресот кои се залагаат за прекин на огнот, Жан-Пјер можеше да ги праша новинарите зошто претседателот на САД треба да седи и да гледа како американски граѓани гинат. Бајден можеше да каже колку жали за неговата поддршка за војните во Ирак и Авганистан. Можеше да зборува за тоа колку бесмислено крвопролевање и хаос произлезе од тие војни. Можеше да каже дека нема шанси да дозволи спиралата на насилства во Израел и Палестин да дојде до точка што ќе изнуди американско вклучување во војна која може да биде покатастрофална од која било претходно. Можеше да каже дека треба да се формира комисија за вистина и помирување според јужноафриканскиот модел, за да се откријат ужасите од сите страни, но дека прво, треба да се постигне мир пред да загинат уште повеќе деца. Можеше да ги покани претставниците на сите страни на итен состанок во Кемп Дејвид. Можеше да потсети дека бруталната и дехуманизирачка блокада на Газа започна пред 14 години, дека целосната израелска окупација на Газа и Западниот Брег започна пред 56 години и дека ништо не може да го оправда држењето на милионска популација како неграѓански субјекти сето тоа време. Можеше да понуди или Израел да се повлече од земјата што ја освои во 1967 година, овозможувајќи целосно независна палестинска држава со контрола над сопствените граници, или да му даде државјанство и еднакви права на секое човечко суштество кое живее таму.
Назад во реалноста
Не очекувајте Бајден да каже ништо ни приближно блиску до ова. Како што објаснува Бранко Марчетиќ во својата книга „Вчерашниот човек“, Џо Бајден „се етаблираше како незаменлив пријател на Израел“ уште на почетокот на неговата кариера. Уште во 1988 година, кога Бајден првпат се кандидираше за претседател, про-израелските лобисти заземаа клучни позиции во неговата кампања. И апсолутно ништо не сугерира дека е подготвен да смени нешто. Битната поента е дека ако сакаше, можеше.
Иако американската јавност во моментов повеќе го поддржува Израел, таа истовремено е уморна од американското учество во војните на Блискиот Исток. Доколку Бајден успешно притискаше за прекин на огнот што ќе ја оддалечеше опасноста од најлошата војна досега, многу Американци би биле пресреќни. Многумина и не би биле а можеби ставањето крај на крвопролевањето би значело и губење на следните избори за Бајден. Овој вид на морално лидерство бара храброст токму затоа што носи реални ризици.
За жал, никогаш нема да дознаеме.
Бен Бургис, Јакобин