Мали се шансите, веројатно никакви, Новак Ѓоковиќ да ја реализира својата голема амбиција и уште еднаш да го освои Вимблдон, а потоа и златото на Олимписките игри во Париз. Менискусот му настрада, повредата е тешка, годините за тенис се доцни, а на човек му останува полека да се помирува со неостварените животни желби и планови. Постојат два типа на луѓе во светот: некои на крајот нивната фантазија ќе ги надрасне, други се соочуваат со лицето на ништожноста без ниту една неостварена животна желба и амбиција. Првите ги нарекуваме аутсајдери или губитници, другите се родени победници.
Пред да се откаже од Ролан Гарос, Новак Ѓоковиќ одигра два најголеми и најневеројатни натпревари во кариерата. Противниците не беа познати, но погрешно е да се мисли дека Давид се бореше против Голијат или дека Голијат е секогаш оној другиот. Човек се бори против Голијатот во себе, против неговата внатрешна беда, скршената душа, депресијата, безволноста и стравови од секаков вид, човек се бори против својот менискус, против колената, колковите и коските, додека, можеби, магнетната резонанца не го ослободи од борбата. Но, кој победи на МРИ: Давид или Голијат?
Оној првиот од двата париски меча, во кој Новак губеше за на крајот да победи, секако беше поголем, повпечатлив, таков каков што сличен никогаш повеќе нема да се одигра на Ролан Гарос. Новак Ѓоковиќ се бореше до три часот наутро, а таа борба беше неспоредлива. Цел свет спиеше, сите тенисери спиеја, телевизорот и компјутерските екрани спиеја, а тој заедно со раштимано колено, со рскавица што слободно лебди меѓу двете коски кои болно се стругаат една на друга, пробуваше да победи нешто во секој поглед е поголемо и посилно од него. Претходно мазно губеше, човекот од другата страна на тенискиот терен беше полесен и послободен, бидејќи против себе го имаше само најдобриот тенисер на светот (на сите времиња), но можеше да биде опуштен во однос на себе, своето тело, своите желби и очекувања и на Голијатот во себе.
Притоа, натпреварот се играше на крајот на денот, кога светлата веќе се гасеа а терените се затворени, надвор од вообичаеното време за големите шампиони. Веројатно е тоа е само оној вечен балкански и провинциски комплекс на помала вредност, но некако ни се чини дека организаторот никогаш, ама никогаш не би ги испратил Надал или Федерер на терен во тоа доба. Освен што е непристојно и некоректно, тоа е и лоша деловна одлука. Ако некој треба да игра после полноќ, тогаш играат оние што не победуваат на турнири, случајни минувачи, аутсајдери и губитници. Оние на кои не се троши простор за рекламирање.
Но, нели веќе рековме дека Новак Ѓоковиќ е од благородниот род на аутсајдери. Рековме, па така и да продолжиме. Фактот дека го одигра најдоцниот победнички поен во историјата на големиот светски тенис, а со тоа собори уште еден рекорд кој засекогаш ќе остане недостижен, Ѓоковиќ само потврди дека светот целосно несвесно се однесува кон него онака како што ние го третираме во нашата приказна. Додека сите спиеја, тој се враќаше од (речиси) изгубен натпревар, се креваше од сопствениот пораз, играјќи како што никогаш не играле луѓето кои ги оствариле сите свои желби и амбиции. Играше како никогаш да не победил никаде. Играше во време кога никој никогаш никого не победил, но и кога никој никогаш не изгубил од никого. Таа победа, а и следната, несомнено се двете најголеми победи во неговата кариера. А потоа отиде на магнетна резонанца.
Уште не ни излезе од таа монструозна медицинска машина, за која оние со искуство велат дека вреска како полуден телефакс, а наоколу веќе се појавија триумфални наслови од порталите и страниците на вечните победници. „Ѓоковиќ се откажа од Ролан Гарос, Синер е новиот број еден“, пијано слави ХРТ, „Ѓоковиќ стави крај на кариерата? Целосен шок по наодите...“, триумфално извикуваат насловните страници на нашите весници. Значи, дојде и тој момент!
Која е причината толку страсно и одважно да се мрази Новак Ѓоковиќ? Да ја оставиме настрана очигледната националистичка причина, која ги вози ХРТ и хртовската свест. Впрочем, Ѓоковиќ не е омразен само овде и само меѓу националистите. Исто толку го мразат и по странства, особено оние слободоумните западњаци, на пример во Австралија, и на свечените ложи на Вимблдон, и меѓу добростоечката обична публика. Тој има секта на негови хејтери и во левичарските и граѓански кругови на Белград и Србија. Вреди само да се потсетиме на пандемискиот лов на Ѓоковиќ, поради кривичното дело невакцинирање...
Да, навистина, не се вакцинираше, што го чинеше уште неколку победнички трофеи на најсилните светски турнири. Не само што не се вакцинираше, туку ги посети и имагинарните пирамиди во Високо. Освен тоа, некаде беше виден со кренати три прста. А за Косово, НАТО бомбардирањето на Србија во 1999 година и можеби некои други настани, политички или воени манифестации, тој го немаше истото мислење како нас, малку позападните. Или, понекогаш, каквo што имав јас, лично! Но, зошто, на пример, не ми пречи тоа што Ѓоковиќ е невакциниран или што посетува чирибу-чириба пирамиди, туку ми пречи, на пример, Дејан Ловрен или онаа оперска певица од Загреб која купуваше лажни уверувања за вакцинација? Па, затоа што Ѓоковиќ никого не одвраќал од вакцинирање, затоа што зад неговите ставови и мислења не стојат орди насилници и хулигани, како зад Ловрен. Затоа што мислењата на Ѓоковиќ за било што не се поддржани од ниту една црква или државна власт, како оние на Ловрен.
Новак Ѓоковиќ размислува и зборува на свој трошок како и секој од нас, и внимава така и да остане. Тој може да биде сакан (или да не биде сакан) како тенисер, а ич да не ни е гајле за неговите ставови за било што друго. Има разлика меѓу него и, на пример, Дејан Ловрен, Јелена Карлеуша, Јанко Типсаревиќ, Џо Шимуниќ, Бора Чорба, Златко Далиќ... Тие се општествени активисти и тоа од таков сој што се стремат да владеат со светот или општеството, нивните ставови да се единствени дозволени а сите што мислат поинаку од нив да се барем засрамени, ако не и општествено ликвидирани.
Некои можеби не го сакаат Новак Ѓоковиќ затоа што не припаѓа на социо-културен слој, или народ, кој би смеел да раѓа шампиони во најгосподскиот од сите спортови. Можеби навистина од перспектива на некој конзервативен бел салон, поубаво и попријатно е да се има Роџер Федерер за шампион. Така, пред точно половина век, поубаво и попријатно беше за победник на Вимблдон да се има Џими Конорс, а не Артур Еш. Повеќето од оние кои тогаш со срце и душа беа за Конорс, ќе се навредеа ако некој им кажеше дека се против Еш затоа што е црнец, односно Афроамериканец, како што е модерно да се каже денес. Би ти објаснувале дека Конорс игра поубаво, дека е поимагинативен и позабавен, исто како што денес ти објаснуваат дека Федерер за разлика од Ѓоковиќ е голем господин, а дека тенисот му е поубав и покреативен.
Меѓутоа, и пред половина век и денес, вистината е друга и поинаква. Откако Еш го победи Конорс, нешто важно во светот се смени. Нешто што, всушност, е многу поголемо и поважно од тенисот. Никогаш повеќе ниту еден црнец на тенискиот терен не мораше да се чувствува како црн човек во бел спорт. Еш ширум ги отвори портите на светот, за во нив да влезат некои од презрените во светот. А Новак Ѓоковиќ? Тој го поништи самиот начин на размислување во кој тенисот, дури и со по некој повремен црнец, опстојуваше како бел спорт или како спорт на бели, конзервативни господа. Тој стана најголемиот на сите времиња, а тоа не можат да го прежалат оние кои го мразат. Само што, не стана тој најдобар на сите времиња со освојување повеќе големи турнири од кој било друг, или со седење на најголемиот трон подолго од кој било друг. Најголем на сите времиња стана победувајќи во она време од ноќта кога никој никогаш не победил. Стана најголем на сите времиња, бидејќи остана аутсајдер до крај.
Крајот на спортската кариера е важен настан во животот на еден човек. Но, поважно е како гледаме од публиката, отколку како ќе биде за самиот спортист. Гледано од публиката, крајот на спортската кариера е еден вид вежба за умирање. На крајот од животот, луѓето се делат во две колони: едната остава празна, без желби и амбиции, потрошена и анестезирана; други заминуваат со живо чувство дека никогаш не го достигнале врвот, дека никогаш не ги исполниле своите животни желби. Некои се раѓаат на прагот на смртта, други умираат како деца. Како и да му заврши кариерата, Новак Ѓоковиќ ќе ги игра последните мечеви како аутсајдер, млад тенисер, чудотворец...
Затоа, ќе ми простите некогаш, го сакам.