Квантно поврзување на САД и Британија

Договорот за заеднички инвестиции во развојот на квантни компјутери е обид на Вашингтон и Лондон да се спротивстават на агресивните обиди на Кина да доминира со оваа револуционерна технологија. Заедно со Доналд Трамп, во посета на Британија доаѓаат и шефовите на Нвидија и на Опен АИ, а се планираат и заеднички инвестиции за изградба на модуларни нуклеарни реактори.

Обврската за заеднички развој на квантните компјутери ќе биде клучен дел од поширокиот договор за технолошко партнерство што треба да биде потпишан за време на претстојната посета на американскиот претседател Доналд Трамп на Британија. 

Трамп во Британија ќе биде придружуван од Јенсен Хуанг, главниот извршен директор на американскиот технолошки гигант „Нвидија“. Високи офицери од одделението за развој ДАРПА на Пентагон неодамна ги посетија британските квантни лаборатории.

Кина вложи милијарди долари во совладување на квантното пресметување, нова технологија која ги користи особеностите на квантната физика за да создаде машини многу помоќни од денешните суперкомпјутери. Важноста на квантните компјутери за одбраната е нивната моќ да ги пробиваат најсложените шифрувани комуникации на воените сили и на банките, но воедно може да поттикнат научни откритија поради способноста за моделирање на метеоролошки услови и хемиски реакции.

Британија и САД се природни партнери, како единствени сојузнички земји со технолошки сектори вредни илјадници милијарди долари, и веќе тесно соработуваме на низа важни технологии како што се вештачката интелигенција, квантната и кибернетската безбедност, изјави портпарол на британската влада.

Технолошкото партнерство, опишано како клучно за победа во трката со Кина, опфаќа и други области, како вештачката интелигенција и нуклеарната енергија.

Доколку Кина ја добие трката за технолошка доминација во наредните децении, секој аспект од нашите животи ќе биде засегнат. Двете земји мора да ги комбинираат импозантните средства што ни се на располагање заедно, изјави британскиот амбасадор во САД, Дејвид Менделсон, пред да биде разрешен од функцијата. 

Трамп во Британија би требало да го придружува и Сем Алтман, извршниот директор на компанијата за развој на вештачка интелигенција Опен АИ. Алтман треба да ја промовира британската гранка на проектот Старгејт во Нортамберленд, каде што се гради еден од најголемите центри за податоци во Британија, во соработка со домашната компанија Nscale. Лари Финк од инвестицискиот гигант Блекрок ќе објави инвестиција од 500 милиони фунти во центар за податоци. 

САД и Британија објавија дека договорот за соработка во нуклеарната енергија ќе ја засили оваа индустрија и ќе отвори илјадници нови работни места. Меѓу клучните планови е изградбата на 12 напредни модуларни реактори во Хартлипул, со потенцијал да генерираат струја за 1,5 милион домови.

Двете нации градат златна нуклеарна ера што ќе ги постави на челото на глобалните иновации, изјави премиерот Стармер. Тој додаде дека генерирањето повеќе енергија од нуклеарни реактори ќе ги намали сметките за струја, ќе ја засили енергетската безбедност и ќе придонесе во борбата против климатските промени.

До 1990-ите години нуклеарните централи обезбедуваа 25% од енергијата потребна на Британија, но од тогаш не е изграден ниту еден нов реактор и сега даваат само 15%. Пред неполна година Британија и 30 други земји потпишаа глобална заложба до 2050 година тројно да го зголемат својот капацитет за генерирање струја од нуклеарна енергија.

15 септември 2025 - 08:17