Вртоглавиот скок на цените на енергијата се катастрофа за европската економија и нејзините политичари. Но имајќи предвид колку беа немоќни европските енергетски политики, економската болка не треба никого да изненадува.
Европските политичари мора одново да го размислат својот пристап. Хаосот во кој Европа сега се наоѓа себе си не беше толку предизвикан од некоја политика на Европската Унија, колку од непостоење на иста. На ЕУ и треба посилна, пообединета и далеку покохерентна заедничка енергетска стратегија.
Со години енергетската политика на ЕУ се движеше според желбите и започнуваше како одговор на неочекувани проблеми, од кои најголем број беа предизвикани од Русија. На пример, Русија ја прекина испораката на гас на Европа во студот во јануари 2006; но бидејќи овој прекин траеше само четири дена, Европа не се освести за долгорочните импликации.
Потоа, во студот во јануари 2009, Русија еднострано ја прекина испораката на гас преку Украина, со што го попречи снабдувањето на 18 европски држави цели две недели. Овој пат, ЕУ се разбуди - барем на кратко - и усвои трет заеднички енергетски пакет за гас и струја. Залагајќи се за диверзификација, пазарни цени и разделување на енергетскиот сектор, пакетот имаше вистинско влијание, бидејќи значење дека производителите на гас и струја повеќе не смеат истовремено да ги поседуваат и гасоводите и електричната мрежа. Газпром беше присилен да ги продаде своите гасоводи на Балтикот, а Литванија и Полска мораа да изградат сопствени терминали за течен природен гас.
Меѓутоа Германија беше премногу голема и премногу важна за да се замара со такви промени. Таа тргна во спротивен правец, правејќи основни грешки по пат. Кратко пред да ја изгуби власта на изборите во 2005, германскиот канцелар Герхард Шредер го одобри гасоводот Северен тек 1 од Русија до Германија преку Балтичкото море. Па дури и откако Русија го анектираше Крим во 2014, тој и други гласни поборници продолжија да се залагаат за Северен тек 2, кој би ја направил Германија уште позависна од руски гас. Не само што Германија би го купувала од Русија целиот гас што и треба; таа исто така би станала и една до главните транзитни држави.
Како дополнување на проблемот, во 2011, канцеларката Ангела Меркел одлучи да ги затвори германските безбедни, добро функционални нуклеарки, откако јапонска Фукушима беше зафатена од цунами. Оваа одлука исто така ја остави Германија премногу зависна од руски гас - толку многу што се додека Кремљ годинава не ја запре испораката на гас во Европа, на Германија отпаѓаше една третина од целиот увоз на руски гас во Европа. За работите да бидат полоши, германските компании најголем дел од своите складови за гас му ги продадоа на Газпром, кој минатата година ги испразни како дел од бесрамна манипулација на цените.
Па додека најголемиот дел од остатокот од Европа беше загрижен за претераното потпирање на руски гас, Шредер и Меркел ја направија Германија целосно зависна од него, комплетно игнорирајќи ја енергетската безбедност на нивната држава. И додека други држави градеа нови терминали за течен гас (кои овозможија увоз од САД и други места), Германија едноставно уште толку се потпре на руските залихи. Сега, цела Европа страда од неодговорното однесување на Германија. Денешните небесни цени на гасот и струјата во Европа во најголем дел ја одразуваат германската енергетска политика од 2005.
Секако, Германија не беше сама во оваа глупост. Унгарија и Австрија беа еднакво про-Путин, а Бугарија, Чешка и Словачка не успеаа да се прилагодат на променетите геополитички околности; ама тие се далеку помали и од нив има помалку последици отколку од Германија. И додека Италија си дозволи себе си да стане вториот најголем увозник на руски гас, таа брзо најде алтернативни снабдувачи во Алжир и Азербејџан. И затоа тука кривицата застанува кај Германија.
Што треба да се направи? Ниту една единствена компанија и нема нанесено повеќе болка на ЕУ преку манипулација на пазарот од Газпром, кој е очигледно премногу непостојан за да се работи со него. Идеално, ЕУ би го блокирала или санкционирала Газпром од имање какви било економски активности во рамките на ЕУ. Енергетскиот пакет од 2009 правилно ја утврди потребата од разделување, меѓутоа не беше доволно темелен. На производителите и извозниците на гас - главно Газпром и Катар - не треба да им биде дозволено да поседуваат складишта за гас во ЕУ. Дополнително, ЕУ треба да воспостави задолжителни норми за капацитетот на тие складишта кој треба да биде исполнет до одреден минимум.
За време на нафтената криза во 1970-те, Европа немаше дилеми околу наметнување на норми за заштедување на енергија. И тоа треба пак да го направи, почнувајќи со притисок врз Германија да ја ограничи брзината на автопатиштата, како што сите други членки на ЕУ веќе направија. ЕУ исто така треба да бара од земјите членки да одржуваат доволно терминали за течен гас. Отсуството на еден единствен капацитет за течен гас во Германија е само една од многуте маани во 16-годишното владеење на Меркел.
Дополнително, бидејќи националните енергетски компании природно сакаат да ги монополизираат своите пазари, енергетските врски меѓу голем број ЕУ држави се недоволни или непостоечки. Додека Шпанија и Португалија имаат изобилие на капацитети на терминали, таму има многу ограничен капацитет на гасоводи за снабдување на Франција, главно затоа што Французите се држат до политиката дека на домашниот пазар не сакаат евтин шпански гас.
Слично, цената на струјата во северна Шведска и Норвешка е повеќекратно пониска отколку во јужните делови на овие држави, едноставно затоа што нема доволно далноводи што ќе ја пренесат северната струја (од која најголем дел доаѓа од хидроелектрани) до потрошувачите на југот. ЕУ треба да побара од овие држави да ги прошират своите мрежи.
На крај, Украина има изобилие на енергија - природен гас, струја и нафта - која останува непродадена заради неразбирливи трговски пречки во Европа. За да ги намали надуените цени на струјата, ЕУ треба итно да го отвори својот пазар и да побара гасоводите и електричната мрежа да бидат проширени.
Европската комисија треба да преземе поголема одговорност за европската енергетска политика да осигури дека енергетскиот пазар функционира, и да ги заштити Европејците од неодговорни и некомпетентни лидери на национално ниво. Енергетскиот пакет од 2009 беше добар чекор, но ЕУ треба да го истера понатаму. Во следните година или две, Европа мора да може да се прогласи себеси целосно независна од каприциозните Руси.