Иако односите меѓу двете страни стануваат се понапнати, Турција и ЕУ работат на спроведување на договорот, чиј клучен елемент е дека Унијата до крајот на јуни ќе ги укине визите за 75-те милиони жители на Турција.
"Првично Турција беше обврзана до овој датум да исполни 72 услови, а дел од ЕУ дипломатите тврдат дека до сега само половина се исполнети. Како и да е, на почетокот од мај Европската комисија даде условна поддршка за без-визното патување инсистирајќи на исполнување на 5-те најважни критериуми.
Времето ќе покаже дали ЕУ ќе и се спротивстави на турската влада и ќе осигура исполнување на неопходните услови (кои се технички и политички). Меѓутоа може да очекуваме немирно море пред нас," пишува Верхофстат во својата колумна.
Тој го посочува очигледниот страв што и до сега доминираше со ЕУ политиката во однос на Турција, дека ова ќе значи отворени врати на ЕУ за 75 милиони Турци.
"Ова тешко дека е не контроверзна одлука. Кога лидерите на ЕУ го потпишаа договорот за виза, тоа го направија во релативна таинственост за време на пикот на бегалската криза. Меѓутоа веројатно е и дека токму истите популисти и националисти кои ги доведоа лидерите на ЕУ до потпишување на ваков договор со Турција со цел да ја спречат бегалската криза, сега ќе го предводат незадоволството кон истиот," пишува Верхофстат.
Проблемот е и што Туск во целата работа се обидува да ја прикаже Турција како светол пример и достоинствен партнер на Унијата во справувањето со бегалците, кога според О.Н. има најмалку 100.000 луѓе на сириската страна од турската граница, на кои не им е дозволено да преминат во Турција. (Има извештаи и дека турските граничари пукаат во цивилите што се обидуваат да ја минат границата.)
"Меѓутоа со прифаќањето на валканиот договор со Турција, лидерите на ЕУ се откажаа од какво било право да го укоруваат претседателот Реџеп Таип Ердоган - и Ердоган го знае тоа.
Договорот ЕУ-Турција драматично го намали кредибилитетот на ЕУ како заштитник на слободата на говорот и печатот," порачува поранешниот белгиски премиер.
Верхофстат потсетува дека минатиот месец турскиот министер за правда објави дека обвинителите имаат отворено над 1.800 постапки против луѓе кои го навредиле Ердоган од 2014 до денес. Меѓу нив има карикатуристи, новинари, па дури и деца.
Пример за тоа колку договорот ја има направено Европа ранлива во однос на турските закани е одлуката на турската влада да бара казна за германскиот комичар што го исмеваше Ердоган.
"Европските лидери знаат дека ако премногу го притиснат Ердоган тој во секој момент може да ги отвори портите за бегалците," објаснува Верхофстат.
Целата ситуација им дојде како инспирација на други држави, како на пример Либија, чиј премиер побара сличен договор и покрај тоа што власта ја нема контролата на големи делови од брегот на земјата.
"Плаќање други луѓе за решавање на твоите сопствени проблеми може е краткорочно решение, ама ретко кога е изводливо на долг рок. Европа треба да работи со Турција, а не да стане зависна од неа. Со потпишувањето на овој договор, ЕУ му ги даде на Ердоган клучевите од задната врата. Ова нема да им помогне на амбициите на Турција за зачленување во ЕУ, и сигурно не е во долгорочен интерес на ЕУ.
На Ердоган треба да му се одземат клучевите за ЕУ. Меѓутоа ова може да се случи само ако Европа создаде колективен одговор кој ќе има капацитет да се справува со притисоците од глобалната миграција. Ова значи воспоставување на вистински европски азил и миграциска стратегија, воспоставување на европска крајбрежна стража и гранични сили, и обезбедување на легални и безбедни рути за барателите на азил и мигрантите. Се до тогаш ЕУ ќе остане зависна од нејзините соседи да ја вршат влакната работа за нејзе.
Јанис Варуфакис, поранешниот грчки министер за финансии, изјави дека преку согласувањето на договорот ЕУ-Турција, Европа ја 'изгуби својата душа'. Ова ми изгледа премногу великодушно. Европа ја продаде својата душа. А како резултат на тоа, таа ризикува да ја поткопа причината за сопственото постоење," пишува Ги Верхофстат.