Европа, наивната сила

Европа е сама. Сама е стратешки и воено, како што тоа уште еднаш се покажа со одлуката на Трамп да ги повлече американските сили од Сирија, оставајќи голема празнина на Блискиот Исток. Сама е и економски, против двата блока - САД и Кина - кои, секој на свој начин, систематски ги таргетира индустриските капацитети на Европа и презема дигитална колонизација на Стариот континент.

Големата лекција од минатата година, ако не и деценија, повикува на стратешко и политичко будење. Дали Европа има капацитет да го направи тоа? Околу ова нема сомнеж. Дали има средства за да го направи ова? Без разлика дали е на воен, економски или финансиски фронт, одговорот се уште е не. Сепак, ова треба да е големиот проект на следната генерација. Доналд Трамп и Ши Џинпинг сепак се моќни стимуланси за мобилизирање: ако сега не се разбудиме на провокациите од една или на проширувањето на патната мрежа од друга страна, тогаш кога ќе се разбудиме?

Европа мора да стекне автономија во смисла на безбедност. „Повеќе не може да смета дека САД едноставно ќе нè заштитуваат,“ порача германската канцеларка Ангела Меркел пролетта 2018. „Сега ни треба Европа која може подобро да се брани самата себе, без исклучиво да зависи од САД, на многу посуверен начин,“ изјави Макрон за време на комеморацијата на 100 години од Првата светска војна. Секако. Ама не може да има суверена безбедносна политика на европско ниво ако на нејзе посветуваш само 1,3% од твојот БДП. Нашите лидери го знаат ова. Што преземаат?

Соочена со две големи економски сили кои го даваат својот максимум за заштита на виталните интереси, Европа е наивна сила. Докази за ова има во изобилие. Шест европски држави - Белгија, Обединетото кралство, Данска, Италија, Норвешка, Холандија, наскоро веројатно и Финска - избраа американски воен авион (Ф35 на Локхид Мартин) за сопствена одбрана, наместо европски авион кој нема никакви шанси некогаш да им биде продаден на САД или на држави кои се ексклузивна сфера на влијание на САД како Јапонија и Израел.

Уште еден пример е фактот дека една од првите одлуки на Брисел во 2019 може да биде да го забрани спојувањето на Алстом и Сименс, кое кога би се случило би создало железнички гигант со капацитет да им конкурира на два кинески гиганта. Индустриската моќ е еден од клучевите на стратешка автономија. САД и Кина го знаат ова. А ние?

Што се однесува на финасискиот суверенитет, случајот со иранските санкции покажа дека Европа нема никаков, и покрај успехот на еврото. Пајаковата мрежа на доларот незапирливо нè враќа под влијание на американскиот правен систем, лишувајќи ја Европа од нејзината автономија. Што правиме ние за да се спротивставиме на ова?

Да се надеваме дека во 2019, Европа ќе се разбуди и ќе се обедини околу овие прашања на суверенитет. И дека луѓето на Европа ќе сфатат дека нашите ривали сонуваат за една работа: популистите да победат на следните европски избори во мај.

Nicolas Barré,
LES ECHOS

15 јануари 2019 - 13:32