ЕУ треба да заборави на санкции

Уште еден помирувачки глас од Западот, овој пат во облик на колумна од британскиот новинар и колумнист на Гардијан, Сајмон Џенкинс, порачува дека „Далеку од тоа да ја присилат Русија да излезе од Украина, санкциите предизвикуваат големо страдање низ целиот свет како што цените на храната и  струјата нагло растат.“

Шест милиони домаќинства во Британија претстојната зима се соочуваат со веројатноста за утрински и вечерни рестрикции за да се одржат санкциите против Русија, истото важи и за потрошувачите низ Европа. Ова е и покрај тоа што Европа истура по 1 милијарда долари на ден во Русија за да плати за гасот и нафтата кои продолжува да ги троши. Тоа изгледа лудо. Предлозите од ЕУ да се запрат исплатите разбирливо се отфрлаат од државите блиски на Русија и сериозно зависни од нејзините фосилни горива; Германија купува 12% од својата нафта и 35% од својот гас од Русија, а бројките се далеку повисоки во Унгарија.

ЕУ во Брисел изгледа како да не знае што да прави. Постигнат е дипломатски компромис - исклучување на увозот на нафта преку нафтоводи, со што се поштедуваат Унгарија и Германија - но не е постигнат никаков практичен план. Вистинските причини се што аргументите околу санкциите се сведени на мачо реторика. Тие требаа да предизвикаат странски режим да смени некои неприфатливи политики. Ова ретко се случува, и во случајот со Русија очигледно не успеа. Апологетите сега тврдат дека санкциите се само мерка за заплашување и функционираат само на среден и долг рок. Како што војната во Украина се префрла во друга брзина, овој рок и навистина може да биде долг.

Санкциите можеби наштетија на кредит рејтингот на Русија, меѓутоа 70-процентниот скок само на цените на гасот исто така ја набилдаа и нејзината сметка. Таа моментално има трговски суфицит, кој според нејзината централна банка, сега е три пати повисок отколку пред инвазијата. Во исто време, санкциите очигледно им штетат на државите во Западна и Централна Европа кои ги наметнаа.

Апсурдно е да се очекува дека Унгарија ќе се изгладнува себе си за енергија, како што тие велат, да фрлат нуклеарка на економијата, без да има поставен каков било рок. Санкциите имаат страшна карактеристика да се тешки за укинување. Најлошото допрва доаѓа/ Руската реакција на санкциите беше заканата дека ќе го исклучи гасот за Европа, што дополнително ги крена цените во нејзина корист. Тие веќе ги блокираат пристаништата на Црното море од кои вообичаено милиони тони украинско жито се испорачува низ целиот свет. Ова блокада предизвика раст на цената на житарките за 48% во споредба со 2019, што ги опустоши пазарите, посебно во Африка. За возврат ова ја зголеми цената на масовниот руски извоз на жито. Русија се понуди да ја крене блокадата на Црното море ако бидат кренати санкциите. Може да се дебатира дали вака ги замислуваше работите, меѓутоа Западот не може да биде слеп кон непосакуваните последици од неговите санкции.

НАТО беше разумно претпазлив војната во Украина да не ја ескалира во конфликт во цела Европа. Санкциите немаат таква суптилност. Милиони луѓе низ Европа и далеку од нејзините брегови ќе страдаат како што растат цените на храната и енергијата. Ланците за снабдување се нарушени. Трговските врски колабираат. Жртви се речиси секогаш сиромашните.

Целта - да се натера Русија да ги повлече своите сили од Украина - не е постигната. Воената помош е далеку поефикасна во таа смисла. Меѓутоа штетата што се прави на остатокот од Европа и надворешниот свет сега е вџашувачка. ЕУ треба да продолжи да ја помага Украина и да ги повлече санкциите против Русија. Тие се самопоразувачки и бесмислено сурови.

Сајмон Џенкинс,
Гардијан

1 јуни 2022 - 13:02