Ерата на ехо-комори

Фактот дека медиумските стручњаци и репортери го предводат санитизирањето на сè што е различно и создаваат култура на едноумие е неверојатно морничав. Лошо е што довербата во медиумите е намалена, но уште полошо е што многумина од новинарската фела сметаат дека тоа воопшто не претставува никаков проблем.

Еден ден по инаугурацијата на Џо Бајден, насловот на еден од текстовите во Аксиос гласеше: „Довербата во медиумите е на најниско ниво досега“. Во текстот, Феликс Салмон пишува дека „за прв пат, помалку од половина од сите Американци веруваат во традиционалните медиуми“. Поточно според анкетата спроведена од „Еделман“, само 46% од испитаниците имаат доверба во медиумите.

Досегашното вообичаено објаснување на овој феномен беше дека Републиканците многу ги мразат медиумите, а Демократите само малку. Текстот во Аксиос донекаде го поддржува ова објаснување, бидејќи според анкетата само 18% од Републиканците веруваат во медиумите, наспроти 57% од Демократите.

Сепак, доверба кај 57% од половината од потенцијалната публика воопшто не е за фалење, особено ако бизнисот на новинарството се темели на довербата. И другите бројки од анкетата се уште повеќе обесхрабрувачки покажувајќи дека 56% од испитаниците веруваат дека новинарите „намерно се обидуваат да ги доведат луѓето во заблуда“, а 58% сметаат дека „мнозинството новински агенции и ангажирани во поддршка на одредена идеологија, отколку во информирање на јавноста со факти и точни информации“.

Медиумските критичари кои работат во корпоративниот печат, како што е Маргарет Саливан од „Вашингтон пост“, се решени решенија да бараатб секаде, само не внатре во сопствените редови. Доминантната мантра меѓу мејнстрим новинарите е дека ако Републиканците веруваат во бајки како QAnon, традиционалниот печат не може ништо друго да прави, освен да држи до својот став.

Текстот на Саливан делумно се однесува на известувањето на новинарите инаугурацијата на Џо Бајден која на моменти беше поједе ме туџа срамота. Таа во текстот им „забранува“ на новинарите да се доведат во искушение да известуваат побалансирано и да бидат „потврди“ во однос на новата власт на Бајден. Сосем спротивно, вели Саливан, медиумите треба уште поцврсто да се спротистават на Републиканците како Џош Хаули и Тед Круз кои таа ги претставува како „трговци со лаги“. Притоа вели Саливан, новинарите „не треба да се плашат дека ќе бидат наречени партиски новинари“.

Карен Атја, уредник за глобални теми во „Вашингтон Пост“, го прифаќа истиот стил и користи слични аргументи како Саливан. Таа пишува дека создавањето и воздигнувањето на Трамп е делумно заради наклонетоста на медиумите да пишуваат „балансирано“ односно да „презентираат аргументи на обете страни“.

Џон Хејлман на МСНБЦ го спореди говорот на Бајден со вториот инагуративен говор на Абрахам Линколн во 1865 година и посочи дека глетката на „Клинтон, Буш и Обама“ и нивните брачни другари собрани на едно место беше како „суперхероите на Марвел собрани сите на едно место“ (ова не беше првата пост-изборна споредба со хероите од серијалот Avengers на Марвел). Рејчел Медоу зборуваше за тоа како потрошила половина кутија Паломи додека ја гледала инагурацијата на Бајден. Крис Валас од Фокс рече дека остриот говор на Бајден е „најдоброто инаугуративно обраќање што некогаш го слушнал“, притоа во споредбата ставајќи го и говорот на Џон Кенеди од 1961 година во која ја има кажано историски познатата реченица „не прашувај што може земјата да направи за тебе, туку запрашај се што ти можеш да направиш за земјата“. Радосниот и весело разигран тон го постави Дејвид Челин од Си-Ен-Ен претходниот ден, кога рече дека светлата покрај централниот споменик во Вашингтон се како „продолженија на рацете на Џо Бајден кои ја гушкаат Америка“.

Како што овие нео-советски „богослужби“  се ширеа низ етерот, притаено започна да се говори и за едно друго „сценарио“. По немирите во Капитол, бевме предупредени за можноста од продолжување на насилство од страна на приврзаниците на Трамп. На 11 јануари, Еј-Би-Си објави интерна белешка на ФБИ „дека постојат информации за неидентификувана вооружена група“, која планира „огромно востание“ доколку се реализираат напорите на демократите за отстранување на Доналд Трамп со користење на 25 амандман за деловна неспособност, така што демонстрантите планирале да „упаднат“ во парламентите на главните градови во „сите 50 држави“.

Покрај „заканата за 50 држави“, што ќе се случи доколку едноставно Трамп реши да не замине од Белата куќа беше предмет на безброј приказни во текот на сите четири години на неговиот мандат, за што типичен пример е текстот на Vanity Fair: „Никој не знае како да го натера Трамп да замине во јануари“. Во текстот се шпекулираше дека тајната служба можеби ќе треба да го спроведе трикот кој газдите им го прават на кираџиите, да ги сменат бравите кога сите вработени во администрацијата на Трамп ќе заминат од работа на 19 јануари 2021 година, па наредниот ден нема да може да да влезат во Белата куќа.

На Денот на инаугурацијата овие приказни се стопија во молк. Трамп и неговата сопруга Меланија заминаа од Белата куќа без некој позначаен настан во средата наутро, освен ако за настан не се смета неовластеното користење на песната YMCA од бендот Village People, како излезна мелодија при неговото заминување („се чини дека неговата злоупотреба на нашата музика конечно заврши“, кажа бендот во своето соопштение). Низ целата земја, едвај да имаше само неколку вести за мали или непостоечки демонстрации во главните градови на државите.

Во други случаи, како на пример, на митингот за заштита на правата за користење и носење на оружје одржан пред парламентот на Вирџинија - многумина од присутните очигледно беа гласни противници на Трамп – при што интернет преносот во живо преку алатките на Гугл беше прекинат затоа што Гугл утврди дека се коси со нивните интерни правила против огнено оружје.

Баланс во медиумското известување не се сведува на еднакво медиумско време (иако мислам дека е сулудо конзервативците да бидат исклучени од сите медиумски организации), туку значи да се биде конзистентен и доследен. Ако на 12-ти јануари ни кажете дека сите главни градови во 50 држави се под сериозна закана - јас навистина бев загрижен од оваа вест – тогаш една недела потоа мора да ни кажете што се случило и каков е епилогот на таа вест. Дали заканата беше реална и вистинска, но беше успешно сопрена? Дали заканата беше преценета? Што се случи со сите предупредувања за опасност?

Овој начин на известување постојано се повторуваше за време на владеењето на Трамп: предупредување за некаква закана во еден или два циклуси на вести, а потоа преминување кон некоја нова паника после која првата целосно се забораваше и немаше никаков епилог. Колку медиумски наслови беа насочени кон нашите мозочни центри кои предизвикуваат бес во последните четири години, по што истите беа тивко бришени од нашата меморија, откако ќе ја надживееја својата политичка корисност? Прочитавме десетици колумни и вести пред изборите, предупредувајќи дека Русија веќе се меша во изборите во 2020 година. Од бројните наслови ги издвојуваме оние на Њујорк Тајмс каде секоја недела се цитираа анонимни изјави на луѓе од безбедносните служби, како што беше „американскиот службеник“ кој кажал дека Русија е како „торнадо, кое и сега е способно да и нанесе штета на американската демократија“ или пак на директорот на ФБИ Кристофер Вреј, кој рече дека има „многу активна“ кампања за да се влијае врз изборите и „оцрнување на потпретседателот Бајден“.

Кога Бајден победи на изборите, приказната исчезна и скоро во исто време Њујорк Тајмс заклучи дека изборите биле фер и „без измами“. Тие ја цитираа Агенцијата за безбедност на интернетот и ИТ инфраструктура како вели дека гласањето во 2020 година било „најбезбедно во американската историја“, а не кажаа ништо за оние страшни предизборни приказни?

Како и со пошироката приказна за Трамп/Русија која магично исчезнуваше од медиумите непосредно пред изборите во 2018 година (за конгрес и сенат) и 2020 година (за претседател, конгрес и сенат), така сега од јавноста се бараше со внимание да следи одредени вести како да од тоа зависат нивните животи, за потоа исто толку брзо да се бара од нив да заборават на овие вести. И сега истите тие медиуми се чудат и се прашуваат зошто луѓето се чувствуваат изманипулирани од нив?

Поминавме низ многу вакви епизоди, од Баунтигејт приказната (за наводните руските награди за талибанците за секој убиен американски војник) до приказната за „масовните хистеректомии“ (за наводното кастрирање на жените имигранти од страна на пограничната полиција), па се до неодамнешната серија приказни за заплашување „Што ако Трамп го разнесе универзумот?“ од кои најдобра е онаа на Форбс магазинот со наслов „Бесен и изолиран, Доналд Трамп сè уште има единствена контрола врз американските нуклеарки“.

Повеќепати ни беше кажано дека откривањето на имињата на патриотите кои ги даваат овие анонимни изјави и информации, може да резултира со губење на животи, за потоа да се утврди дека се работи за луѓе како платениот демократски истражувач Кристофер Стил, „информаторот“ Стефан Халпер, или колегата од Институтот Брукингс, Игор Данченко, кој ја измисли приказната за постоење т.н. „pee pee“ видео снимка (според која руските служби поседуваат тајна снимка од Трамп како во една од собите во Московскиот луксузен хотел Риц Карлтон во 2013 година гледа проститутки кои водат љубов и уринираат меѓусебно, а која беше дел од извештајот на Кристофер Стил, инсинуирајќи дека истата ќе се користи да се уценува Трамп на штета на американските национални интереси). Непотребно е да се каже дека никогаш не биле загрозени животите на анонимните извори кои медиумите ги користеа во своите текстови, и дека во многу од тие случаи - особено во случајот на Кристофер Стил – причината за неоткривање на неговото и името на неговиот работодавач (Демократскиот национален комитет задолжен за организирање на изборите на демократската партија) беше од коруптивни причини.

Гласачите во традиционално демократските држави не побараа отчет за ваквите неверојатни приказни за Трамп од новинарите, исто како што гласачите на Трамп не побараа објаснување за тезите дека во изборите во 2016 Хилари Клинтон добила три милиони гласови од нелегално регистрирани гласачи: читателите никогаш не бараат објаснувања за надуените приказни кои се однесуваат на спротивниот табор.

Луѓето како Маргарет Саливан ќе ве уверуваат дека со „балансираност“ им давате на значење на нелегитимни ставови и гледишта, но се работи за тоа да не се заљубите само во сопствените „вредности“ и да престанете да внимавате да не им грешите на оние кои не веруваат во таквите вредности.

Според кои било стандарди, медиумите страшно лошо известуваа во изминатите четири години, од креирање десетици испревртени приказни за наводни врски меѓу Трамп и Русија, до скандалот со подкастот „Калифат“ на Њујорк Тајмс (измислено сведоштво на непостоечки учесник на страната на ИСИС) и потценетото фијаско со приказната за Средното училиште во Ковингтон (за измисленото расистичко однесување на белите средношколци пред Меморијалниот центар на Линколн во Вашингтон, по што главното „расистичко момче“ Ник Сандман на суд ги тужеше Сиенен и Вашингтон Пост, по што спогодбено доби милионска отштета). Сепак, многумина во новинарскиот бизнис не се способни да видат колку лошо стојат работите во новинарството во САД, бидејќи целосно се затворија и престанаа да ги слушаат укажувањата од потенцијалните критичари.

Ваквото новинарство, во спрега со зголемената агресивност на титаните од Силиконската долина кои започнаа со  отстранување и бришење на акаунтите на социјалните мрежи на сите што се со спротивен став – на пример Фејсбук укина шест акаунти на Социјалистичката работничка партија во Велика Британија додека го пишувам овој текст, а еден ден претходно укина неколку акаунти на Антифа – новинарите од медиумите како што се Вашингтон Пост, Њујорк Тајмс и Си-Ен-Ен сè помалку треба да се насекирани од  некаква контра-реакција од публиката, и тие го знаат тоа. Само во првите неколку дена од администрацијата на Бајден, видовме уреднички одлуки во овие медиуми кои порано не би ни помислиле да ги направат, а уште помалку да ги спроведат.

Важингтон Пост овие денови се обиде да отстрани седум пасуси од интернет на сопствениот архивиран текст од 2019 година за потпретседателката Камала Харис, кој содржеше шега од Харис и нејзината сестра како се подсмеваат на сметка на затвореници кои молат за вода, за по големата реакција сепак да го врати оригиналниот текст. Во меѓувреме, Си-Ен-Ен објави сторија како новите службеници на Бајден морале да „изградат сè од нула“ во однос на политиката за справување со Ковид-19, затоа што администрацијата на Трамп воопшто немала план за дистрибуција на вакцините – дека немало ниту лош, ниту очаен план, туку дека буквално немало никаков план, и покрај фактот што досега се дистрибуирани и аплицирани 36 милиони вакцини.

Во само ретки случаи како овој, ривалските медиумски организации го прозваа Сиенен дека грешно известува, при што новинарите од „Политико“ и од „Вашингтон пост“ го оценија текстот како невистинит со цел „да ги намали очекувањата“ за справување со Ковид-19 од новата администрација на Бајден. Доколку постоеше атмосфера во која уредниците на медиумите ќе стравуваа од каква било (оправдана) реакција на конкурентите, вака неточна приказна немаше ни да почнат да ја пишуваат.

Важно е да има спротиставени и критички гласови кои ќе ги поттикнат медиумските редакции  барем теоретски да бидат искрени во пишувањето и токму поради тоа масовното бришење на акаунти од социјалните мрежи е толку вознемирувачки: со тоа значително се зголемува веројатноста за правење грешки и пишување ефтини текстови. Фактот дека медиумските стручњаци и репортери го предводат санитизирањето на сè што е различно и создаваат култура на едноумие е неверојатно морничав.

Лошо е што довербата во медиумите е намалена, но уште полошо е што многу од новинарската фела сметаат дека тоа воопшто не претставува никаков проблем.

Мат Таиби

 

28 јануари 2021 - 20:33