Во оптек се две медиумски верзии, едната е некакво „агресивно разузнавачко дејствување на Македонците кон Србија“, а тука е и неизбежниот „странски фактор“, кој во тоа им помага на Македонците.
Втората верзија, веројатно двете не се поврзани, вели дека Македонија се премислила, па сега ќе гласа за прием на Косово во Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации (УНЕСКО). Дури и самата оваа драматизација на случајот е супер занимлива и многу би сакал кога Србија и нејзиното политичко раководство навистина би се грижело и интересирало за образование, наука и култура. Впечатокот ми е дека тоа се трите последни дупки на српските политички кавали, ама сега нека биде, дека, демек, е важно.
Да почнеме од првата теза, агресивна шпионажа. Српскиот дипломатски центар во Скопје мора да е страшно важен и моќен, па ги заинтересирал македонските контраразузнавачи, на кои им требала и помош. Тука се нашол „странскиот фактор“. Е сега, стварно не знам зошто српските власти ги прозваа Македонците, а не и нивните соучесници во „агресивната операција кон Србија“. Тоа ми делува селективно. Нефер. Како претседателот и заменик-премиерот да не се осмелуваат да ги изговорат имињата на таа или тие држави. Не знам кои се, ама би се кладел дека тоа се некои „западњаци“, традиционално Американци, Германци, можеби и Албанци од Албанија, кој да знае. Меѓутоа, зошто тие би се истуриле на така мала дипломатска мисија како Србија, па уште во Македонија, освен ако таа дипломатска мисија и не е нешто посебно дипломатска. Ама, за тоа подоцна.
Да се осврнеме на односот на српската држава кон културата, образованието и науката под закрила на ОН. Секако, тука станува збор само за манастири и една црква. Кој и да е, да го прашате на улица, искрено кажано, нема да знае за кои манастири се работи, меѓутоа знаат дека тоа се манастири. А тоа се Грачаница, патријаршијата во Пеќ, и црквата на Богородица Левишка во Призрен. На листата на светско културно наследство се од 2006 година, додека манастирот Високи Дечани е на списокот од 2004. Србија уште го кандидираше и националниот парк Шар Планина да биде ставен под заштита. И тоа е тоа. Тоа е предмет на (оставинската) расправа. И би било многу интересно да се истражи поради што Србија, со сите правни претходници, дури непосредно пред отцепувањето на Косово одлучи да ја кандидира својата оставина во покраината, односно сакралните објекти, за заштита во УНЕСКО. На пример манастирот Сопоќани е под заштита од 1979, а Студеница од 1986. Меѓутоа тоа е друга тема, по мене ништо помалку интересна.
Значи, сега знаеме што е предмет на расправа, да видиме и каква врска има тоа со Македонија. Пред сè, за 114 земји во светот Косово е држава. Така сметаат и огромното мнозинство европски држави и сите соседи на Косово, со исклучок на Србија. Потоа, Косово во ноември 2015 година веќе проба да стане членка на УНЕСКО. Обидот мина без успех, иако мнозинството држави, 92, беа „за“, воздржани беа 29, а се спротивставија 50. Ама немаше двотретинско мнозинство, како што налагаат правилата, и предлогот не беше прифатен. Меѓутоа, кога ќе се погледне кој и како гласал тогаш, се гледа дека позицијата на српската влада кон Македонија денес е шизофрена. Имено, шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, тврди дека владата во Скопје го променила својот став, т.е. дека сега „го поддржува влегувањето на Косово во УНЕСКО“. Тоа не е точно! Македонија и во 2015 гласаше Косово да стане членка на ова тело на Обединетите нации. Тогаш исто како Македонија гласаа и Франција, Германија, Белгија, Канада, Ирска, Бугарија, Словенија, Италија, Норвешка, Црна Гора, Велика Британија, Шведска, Швајцарија, Турција, да наведам само некои од 92 членки. Македонија не го сменила ставот. Она што е, условно кажано, промена на ставот е промена кај денешниот премиер на нашиот сосед, Зоран Заев, кој во предизборната кампања зборуваше дека Македонија по прашањето за Косово во УНЕСКО треба да биде воздржана. Меѓутоа, Заев не ја освои сам власта, формираше постизборна коалиција, а такви политички чекори секогаш подразбираат компромиси. Отстапки, ако сакате. И што сега ние се чудиме, дури и да не е така, што еден политичар сменил мислење. Па Дачиќ мина долг пат од лакеј на Милошевиќ преку Тадиќ до Вучиќ, од презирот кон Западот, до Молитвениот појадок кај Обама. За претседателот Александар Вучиќ и да не зборуваме. Тоа се такви политички пресврти што секому би му се свртело во глава ако на сам себе си зададе задача во десет минути да ги нареди сите големи преврати што Вучиќ ги направи во своето „политичко созревање“. Па што?
За Македонија Косово е држава. Па зошто тогаш не би гласала за прием во УНЕСКО. Дури, зошто и не би била копредлагач. Тоа е земја со многубројна албанска национална заедница и секако треба да води сметка за чувствата на своите граѓани, пред чувствата на Србија. Меѓутоа Белград обожава да ги остри своите заби на некој што релативно не е во позиција да врати. Ова не е прв пат да се изживуваме врз Македонија. Ќе потсетам дека Србија, за време на владата на Борис Тадиќ и уште еден преобратеник, шефот на дипломатијата Вук Јеремиќ, дури и го протера амбасадорот на Македонија, Ацо Василевски, на 9 октомври 2008 година. Тој датум е многу интересен. Србија, на Тадиќ, не се дрзна да ги допре Германија или САД, Италија или Холандија, туку на неправдата возврати ускратувајќи го гостопримството на амбасадорите на две држави, Црна Гора и Македонија, само затоа што ја признаа независноста на Косово еден ден откако Србија се договори за прашањето за независноста на Косово да се изјасни највисокиот меѓународен правен арбитар - Меѓународниот суд на правдата на ОН. За волја на вистината, по Црна Гора и Македонија уште 64 држави ја признаваат независноста на Косово, меѓу нив и некои што имаат амбасади во Белград, како Обединетите Арапски Емирати, Пакистан и Египет. Белград нема прогласено ниеден амбасадор за непожелна личност. Само Црногорката Анка Војводиќ и Македонецот Василевски. Толку околу принципиелното покажување мускули од Белград.
Сите карти ги фрливме на Судот во чиј избор на судии, според правилата, учествуваме, некои номинирајќи ги, а со некои согласувајќи се. И тогаш следуваше студен туш. Судот на Обединетите нации пресуди дека Косово прогласило независност во согласност со меѓународното право, не прекршувајќи ниту една норма на меѓународното право и позитивната пракса. Во судскиот совет беа и Кинез и Русин. Колку за записник - тие не гласаа против таквата пресуда.
Тогаш, што сме ѝ толку лути на Македонија, која, како и секоја друга држава на планета, работи на својот, а не на интересот на својот сосед. Дури и ако греши, тоа е нејзин памет. Самиот чин на повлекување на комплетниот персонал на некоја амбасада е многу редок и крајно невообичаен чин. Според зборовите на поранешниот српски амбасадор при ОН, Јевремовиќ, тоа е последна мерка, исцрпување на дипломатијата и оттаму односите пониско можат да отидат само во војна. Тоа нема да се случи. Српското раководство е доволно неодговорно за дури и правилата на дипломатското препукување да ги сфаќа несериозно. Меѓутоа сепак е симболично. И ќе ни се врати како бумеранг. Кога - тогаш.
За работата да биде по малку и комична, српскиот вицепремиер и шеф на дипломатијата Ивица Дачиќ, како некаква контрамерка, истакна дека Србија би можела да го преиспита признавањето на Македонија под нејзиното уставно име - Република Македонија. Се присетувам, до неодамна две за Македонија важни држави, членки на ЕУ и НАТО, Бугарија и Грција го спречуваа евроатлантскиот напредок на Македонија само поради спорењето на правото околу ова име. Бугарија се откажа од својата тврдоглава политика. Остануваат Грците, а тие, изгледа, се согласиле Македонија да влезе во НАТО под привременото име Бивша Југословенска Република Македонија, и името да го смени пред членството во ЕУ. Веќе, наводно во Подгорица, договорени се и имињата Горна Македонија или Северна Македонија. И сега Србија, кога и Грција го отфрла ова прашање, да ја малтретира Македонија? И сето тоа кога, за разлика од Бугарија и Грција, Србија нема баш никаков уценувачки потенцијал. Нејзината закана е ќорава. Јалова. Глупа. Како дете кога ќе се намурти.
Е, сега она другото, шпионско прашање. Може претседателот вечер во обраќањето до нацијата на државната телевизија ќе ме израдува и ќе каже кои тоа странски служби ја нападнале Србија во содејство со Македонците, ама еве, нека остане запишано, дека се кладам дека нема да се осмели на такво нешто. А прашање е и дали таков напад постои.
Сепак, има нешто во таа српска амбасада на улицата Питу Гули број 8 во Скопје. И нешто не е како што треба во односите на актуелната македонска влада на Зоран Заев со српските власти. Веќе пишував за тоа дека победата на Заев е неоспорна и дека поранешниот премиер и осомничен криминалец Никола Груевски направи сè за да предизвика прво уставна криза, а потоа и нереди, само за да не ја испушти власта. Тоа пропадна, ама остана запаметено дека Белград, од некои причини што допрва треба да бидат разјаснети, му даваше необично голема поддршка постојано плашејќи ги граѓаните на Србија со некакво „македонско сценарио“, што до денес ни Вучиќ, ни вучиќевци не објаснија што точно значи.
На врвот на очајот Груевски организираше напад на силеџии во Собранието, претепани се пратеници на победничката коалиција, вклучувајќи го и Заев. Не успеа ни во последната намисла. Меѓутоа „мирните демонстранти“ во Собранието ги пуштија пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Груевски. А тие демонстранти со бејзбол-палки, шипки и фантомки повеќе потсетуваат на некои „херои“ од Белград, отколку на, може да си замислиш, загрижени Македонци. Елем, беше што беше, меѓутоа во целата приказна еден човек беше многу интересен. Имено, на 27 април македонските медиуми известија, сосе снимки, дека сред тепањето во Собранието не е никој друг туку Горан Живаљевиќ. Формално, овој човек имаше дипломатски параван на „советник на амбасада“, меѓутоа станува збор за шпион и тоа не обичен, станува збор за личност што пред 15 години беше заменик-директор на српската тајна служба - Безбедносно-информативната агенција. Многу интересно е прашањето што правел поранешниот втор шпион на Србија во македонскиот парламент во моментот на обид за пуч во таа земја.
Неполни два месеци подоцна, тивко, на маргините на новинарските извештаи, Агенцијата за разузнавање на Македонија и српската Безбедносно-информативната агенција на заеднички состанок договориле меѓусебно повлекување на своите „официјални претставници од Белград и Скопје, и доведување на нови луѓе на нивните места“. Тивко, како и што се „разменуваат“ шпиони. Ни ден денес не знаеме што правел Живаљевиќ во Скопје, меѓутоа земајќи предвид дека актуелната српска влада патеше поради падот на Груевски, може да се посомнева дека тој таму бил „нешто да му помогне“ на премиерот во заминување. Што тогаш се чудиме што Македонците ставиле лупа врз српските дипломати и „дипломатите“ во Скопје. Па дури и да побарале помош од страна. Македонија, за разлика од Србија, негува или барем настојува да создаде односи со оние во ЕУ и НАТО со кои утре ќе стане рамноправен сојузник. Црна Гора е доказ колку е тоа важно, а се докажа во пропаста на руската режија на државниот удар во Подгорица, од октомври минатата година, како очајнички обид на Москва да го спречи членството на Црна Гора во НАТО. А ние? По Црна Гора, каде што пензионираниот српски генерал и двајца руски воени шпиони од Србија се обидоа да извршат преврат во Црна Гора, со помош на неколку фанатизирани битанги, пробавме да нишаме и во Македонија? Дали стварно имаме такви амбиции, или само сме детинести, за што сме велемајстори...