Пред две години дадов интервју за Радио Слободна Европа кое привлече доста внимание. Реакциите, позитивни и негативни, главно беа предизвикани од една реченица:
„Проширувањето на ЕУ (на Западен Балкан) нема да се случи“.
Многумина ја пофалија мојата отвореност па дури и провокативност, меѓутоа за многумина самото тоа што некој изјавил такво нешто беше едноставно скандалозно. Беше неодговорно, рикаа тие, сега да се каже ова, кога балканските држави треба да го направат крајниот јуриш за комплетирање на нивната пост-социјалистичка „транзиција“.
Тогаш, исто така забележав дека дури и да се случи проширувањето, таа ЕУ ќе биде длабоко реорганизирана структура, со Господ знае колку членови и какви сè внатрешни правила. Поентата тогаш беше, како што е и денес, дека мора да го признаеме неуспехот на таканаречената европеизација на Балканот со тоа што ќе се спротивставиме на она што две децении беше промовирано како „решенија“ - ја ги нарекувам илузии - за сето она што го измачува регионот: самата европска интеграција, транзициската правда, и неолибералните економски реформи.
Првата илузија дека интеграцијата е лек за сè, се базира на општоприфатен став дека, од почетокот на 1990-те, Балканот беше балканизиран, додека Европа се европеизираше. Наспроти водење етнички национализам и војни за територии, ЕУ работеше на уште поголема интеграција во системот базиран на демократски вредности и владеење на правото. Очигледното решение на национализмот, војните и етничкото чистење во балканските држави беше интеграцијата во ЕУ, која ќе им овозможи да се качат на незапирливиот воз на либерален просперитет и заеднички пазар. Навистина, Словенија се приклучи во 2004, а по неа следуваше „Источниот Балкан“ - Романија и Бугарија - во 2007, иако овие две беа предмет на континуиран мониторинг. Потоа, со одредени маки, ЕУ некако успеа да проголта уште еден кандидат кога Хрватска се интегрираше во 2013.
Останатите балкански држави, кои административно се водат како Западен Балкан, од тогаш се опколени, и сега се во гето сред ЕУ. Составени од 5 или 6 држави (во зависност дали некој ја признава независноста на Косово) и од околу 18 милиони жители, на човек не му е јасно како е можно ЕУ со над 500 милиони жители да не може да го интегрира ова мало парче територија. Одговорот не лежи во техничкиот процес на преведување на целото право на ЕУ, ниту во наводната одбивност на балканските држави да преземат реформи, туку во синергија на следните три елементи: прво, притиснати од се понационалистичкиот електорат на земјите членки, и врзани од неефикасна и парализирачка структура за носење одлуки, ЕУ всушност не сака да се зголемува; второ, владејачките елити на Балканот не гледаат никакви значителни политички и економски придобивки од членството во ЕУ за нивните клиентелистички режими; и трето, граѓаните на овие држави ги следат институционалните кризи на ЕУ и јасно знаат дека приклучувањето кон ЕУ нема да гарантира просперитет (не ти треба да гледаш подалеку од Хрватска и Бугарија). Голем број од жителите на Балканот, посебно оние што се млади и образовани, решија да ги земат работите во свои раце и веднаш да и се приклучат на ЕУ, емигрирајќи таму.
Втората илузија, за уживањето во транзициска правда, понуди вистинска надеж во пост-воениот Балкан, посебно во работата на Трибуналот за поранешна Југославија. Идејата зад Трибуналот беше едноставна: изложувањето на факти и судењето на криминалци нема да донесе само правда, туку и длабока политичка и морална катарза на балканските општества. Архивите на Трибуналот претставуваат историска архива на човеково зло, каде ужасните воени злосторства се детално опишани, без премолчување на речиси ништо. И сепак, архитектите на либералната правда не земаа предвид една проста работа: 25 години се долго време во политиката. Наспроти очекувањата, воените криминалци од сите „страни“ денес се славени во нивните заедници за дела кои се претставуваат како херојски; а нивните злосторства, дури и ако некогаш се цинично признаени („некој мораше тоа да го направи“), се ублажени со контра-наративи на себе-жртвување.
Последната илузија која му се продава на Балканот е дека економијата на крај ќе среди сè. Се додека тие раскрстат со општествена и државна сопственост, имплементираат приватизација, и носат профит за странски инвеститори и локални бизнисмени, парите ќе почнат да паѓаат надолу. Меѓутоа неолибералните реформи кои се наметнати од ЕУ, ММФ и Светската банка само ги збогатија локалните елити и меѓународните предатори, притоа ограбувајќи ги балканските општества од индустриско производство, земјоделски реколти, и каков било степен на економска независност. Додека мало малцинство ужива одредено ниво на добробит која лесно може да се спореди со она во што уживаа најбогатите на Западот, најголемиот дел од балканските граѓани ја живеат реалноста на лошо платени работници, осиромашени пензионери, невработена младина, што поттикнува масовна емиграција во Германија, Австрија и Ирска.
За да се процени сегашната ситуација на Балканот, но исто и во остатокот од Европа, мора сериозно да се сфатат целосните последици од овие три илузии. Сепак, голем број надежи од интеграцијата на Европа беа предадени и од ЕУ. Каде е пост-националната политика на „единство во разноликоста“ и сега заборавениот „европски социјален модел“? Каде е Кантовиот остров на разумот, вредностите и гостопримството; оној „трет пат“ меѓу неправедниот американски и бруталниот кинески капитализам?
Она што сега го гледаме е брегзит хаосот, земји членки кои често пати го презираат тоа што се земји членки, горки судири, казни за слабите и задолжените, се подлабоки поделби меѓу Северот и Југот, Истокот и Западот. И сето ова надополнето со растечки националистички и ксенофобни сили кои ветуваат спас и од Брисел и од мигранти. Како човек што порасна гледајќи ја „балканизацијата“ на Југославија, тешко е да се поверува дека така „балканизирана“ Европа некогаш ќе може да го „европеизира“ Балканот. Постојната парадигма на европеизацијата, всушност, и наштетува на иднината на самата ЕУ, и на земјите кои се оставени да чекаат во претсобјето. Ова бара промена; а без неа, нема да биде потребна кристална топка за да се види дека ќе се изроди сосема поинаква Европа, и тоа Европа од која на крај може и ние ќе се плашиме.