Се појави зрак надеж: некој го ограничи Израел. За прав пат по долги години друга држава јасно му порача на Израел дека има ограничување на неговата моќ, дека не е во ред да прави што сака, дека не е сам во играта, дека Америка не може секогаш да го покрива и дека има граница на штетата што може да ја направи.
На Израел му требаше некој да му ги постави овие ограничувања како што му треба кислород. Ситуацијата во изминатите години дозволи тој да прави што сака. Да патролира над небото на Либан како да е негово; да бомбардира од воздушниот простор на Сирија како е воздушен простор на Газа; повремено да ја уништува Газа, да ја стави под бескрајна опсада и да продолжи, секако, со окупација на Западниот брег. Одеднаш некој стана и кажа: Престани. Барем во Сирија, повеќе нема да може. Фала ти мајка Русија што на дете кое долго време не било искарано му покажа до каде може да оди.
Израелската зашеметеност од рускиот одговор и парализата што ги зафати само покажа колку многу на Израел му требал одговорен возрасен за да го заузда. Зарем некој се обидува да ја спречи слободата на движење на Израел во друга држава? Дали некој го спречува да лета на небо кое не е негово? Дали некој го спречува да бомбардира колку што ќе му се посака? Со децении Израел се нема соочено со таков чуден феномен. Весникот Израел Хајом објави, секако, дека анти-семитизмот расте во Русија. Израел се подготвува да игра на карта на жртва, но неговата ароганција одеднаш ја снема.
Во април Блумберг пренесе изјава на пензионираниот шеф на израелското воено разузнавање, Амос Јадлин, и други офицери, дека ако Русија и даде С-300 противвоздушни ракети на Сирија, израелската авијација ќе ги бомбардира истите. Сега заканите замолкнаа, барем во моментов.
На секоја држава и е дозволено да има оружје за одбрана од воени бомбардери, вклучувајќи ја и Сирија, и на ниту една држава не и е дозволено тоа да го спречи со сила. Оваа базична вистина веќе им звучи бизарно на израелските уши. Замислата дека суверенитетот на останатите држави е безначаен, дека тој секогаш може да биде нарушен со сила, и дека само израелскиот суверенитет е свет и супериорен; дека Израел може да се меша во работите на регионот по сопствена потреба - вклучувајќи и воена интервенција чиј обем во војната во Сирија допрва треба да биде разјаснет - без да ја плати цената за тоа, во име на реална или измислена безбедност, која оправдува сè и сешто - сето ова одеднаш наиде на руско „њет“. Ох, колку ни беше потребен тој њет, за Израел да се врати на својата реална големина.
Дојде со исклучителен тајминг. Токму кога претседателот во Белата куќа кој својата политика за Блискиот Исток ја води по инструкции на неговите спонзори од Лас Вегас и менторот од Балфур стрит; кога самиот Израел се чувствува како да е на седмо небо, и со американска амбасада во Ерусалим и без УНРВА, наскоро и без Палестинци - дојде црвено светло од Москва. Можеби ќе ја избалансира, барем малку, опиеноста со моќ која го преплави Израел во изминативе години, можеби тој ќе почне да се опаметува и да се поправи.
Русија, без да сака, може да излезе дека е подобра за Израел отколку целата излудена, корумпирана поддршка што ја добива од сегашната американска администрација, исто како и од нејзините претходници.
Русија му покажа на светот начин на кој Израел треба да се третира, користејќи го единствениот јазик што Израел го разбира. Сите оние кои навистина се загрижени за доброто на Израел, и за правда, нека научат како треба: само со сила. Само кога Израел ќе биде казнет или присилен да ја плати цената, тој го прави она што е правилно. Авијацијата сега ќе размисли два пати или повеќе пати пред следното бомбардирање во Сирија, чија важност, ако стварно ја има, не е позната.
Доколку рускиот „њет“ го опфатеше и небото над Газа, ќе се избегнеше многу непотребна смрт и уништување. Доколку меѓународните сили се спротивставеа на израелската окупација, таа ќе завршеше пред многу години. Наместо тоа го имаме Доналд Трамп во Вашингтон и патетичните осуди од Европската унија за празнењето на палестинското село Кан ал Ахмар.