На почетокот од 70-те кога најголемиот дел од јужна Европа почнува да се демократизира, до средината на минатата деценија, демократијата е хит во цел свет, а од 1990 до 2005, бројот на изборни демократии во светот се зголемува за 50%.
И покрај ова според Фридом Хаус 2015 е десетта година по ред во која се зголемил бројот на земји со намалени слободи, што е најдолга серија на "демократска регресија" во последните 5 децении.
"Во многу држави демократијата не успева затоа што сегашната генерација на лидери се покажа дека се избрани автократи. За разлика од 1920-те и 1930-те, кога фашистичките влади на Франко и Мусолини дојдоа на власт генерално со помош на сила и закани, денешните автократи сфаќаат дека одржувањето на регуларни избори е критично за нивниот домашен и меѓународен легитимитет, дури и ако добиените гласови не се тотално слободни.
По изборите, лидери како Ево Моралес, Ердоган или Таксин покажуваат многу малку почит за која било институција - без разлика дали тоа е независно судство, слободни медиуми, уставни ограничувања на моќта, или приватен сектор - освен за гласачкото ливче," пишува Џошуа Кулранзик во Бизнисвик.
Тука тој ја гледа сличноста со Трамп, кој за време на кампањата редовно ги цитира своите бројки на анкетите, "притоа презирајќи ги останатите аспекти на слободната политика, со ветувања дека ќе ја искористи својата моќ како претседател за изменување на законите за слобода на изразување, дека ќе ги присили водечките компании да произведуваат производи по негови правила, и дека ќе води трговски војни кои ќе прекршат голем број меѓународни договори потпишани од американските претседатели."
Клучна улога во демократската рецесија одигруваат и медиумите. За разлика од Путин, Орбан, Ердоган или Таксин, кои претежно преку купување и/или политички притисок ја добиваат контролата врз медиумите, Трамп повеќе оди на методот на Берлускони, на кого како интересен лик и машина за цитати, медиумите не можеа да му одолеат и со воодушевување детално го следеа и пренесуваа секој негов чекор. Па така, во досегашниот дел од кампањата Трамп доби над два пати повеќе медиумски простор од кој било друг кандидат.
"Денешните апсолутисти имаа корист од појавата на средна класа што ја презира демократската политика. Од жителите од средна класа од Бангкок кои првично го поддржа одлучниот став на Таксин, до Американците кои покажуваат се поголема поддршка за идејата 'за силен лидер кој не мора да се малтретира со Конгресот или изборите,' средната класа изгледа како да е истоштена од слободна политика.
Во најголем дел, ова е затоа што демократски избраните политичари имаат претерано со ветувањата за тоа што може да испорача изборната политика, ветувајќи дека лидерите кои ќе бидат изгласани на власт речиси магично ќе можат да обезбедат економски раст," пишува Кулранзик.
На домашен терен (САД) тој проценува дека веќе неколку децении упорно се прави грешката на поврзување на демократијата со економскиот раст, "иако нема никакви докази дека на краток рок слободната политика создава поголема стапка на раст." Грешката е после толку трубење околу оваа поврзаност, кога средната класа ќе види дека економскиот раст почнал да стагнира под демократскиот систем или дека растот доаѓа со се поголема нееднаквост на приходи, тие почнуваат да размислуваат дали не би било подобро апсолутист да ја надгледува стапката на раст. Тој истиот би требало да го разбие политичкиот застој или да ја намали имиграцијата, што тие сметаат дека некако ќе има економска придобивка за нив.
Досегашните примери покажуваат дека по завршувањето на владеењето на секој апсолутист, државните институции се во далеку полоша состојба отколку на почетокот од мандатот. Примери како Венецуела по Чавез која е на работ од комплетен колапс, или Италија чија економија повеќе од една деценија под Берлускони е во стагнација.
"Денешните избрани автократи им даваат сила на двете најголеми и најмоќни автократии, Кина и Русија. Москва и Пекинг комплетно ја уништија секоја надеж за политичка реформа, додека користејќи ја својата помош, државните медиуми и останати алатки ги дезинтегрираа соседните демократии нагласувајќи ги силните страни на авторитарното владеење.
Избраните автократи е малку веројатно да ги искористат своите владини фондови за промоција на демократијата и човековите права и да се спротивстават на Москва или Пекинг. Имајќи нестабилни избрани автократи на челото на големите демократии само ги засилува кинеските и руските аргументи дека демократијата неизбежно ќе доведе до хаос.
Како што кинескиот државен весник Глобал тајмс напиша во средината на март откако протестите во Чикаго се претворија во насилство, во американската демократија, проблемите сега се решаваат преку 'тепачки меѓу гласачите кои имаат различни политички ставови.' Демократијата отпочнува катастрофа во Америка, пишуваше во едиторијалот на кинескиот весник, додека истовремено никако не помага во претставување на мислењата на многу луѓе. 'Американците знаат дека изборите не можат да ги променат нивните животи... зошто да не го подржат Трамп и да го издуваат својот гнев,'" завршува Кулранзик.