Дехуманизација во новото нормално

Има едни кои се скептици и кои другите ги сметат за наивни овци кои слушаат сè што ќе им се каже одозгора, не гледајќи ја „големата слика“. Ама па има и други кои се убедени дека се супериорни зашто „веруваат во науката“, несвесни дека е тоа контрадикторен поим -  од Декарт до денес, основата на науката не е верата туку скепсата. Можна ли е разбирачка меѓу завојуваните страни?

Новиот бран на дехуманизација започна оваа пролет. Мејнстрим медиумите тогаш ги објавија резултатите од „студија“ која ја откри наводната причина за одбивање вакцинација - понизок квоциент на интелигенција. Тоа беше само вовед, пишува Велимир Шоње, директор на АрхивАналитика.

Фејсбук е добар извор на примери на исчашено размислување. Тешко е да се издвои само една мисла од мноштвото дехуманизирачки тези што може да се најдат таму. Тие се движат од предлогот да нема респиратори за невакцинирани до предлогот целосно да се одбие нивно лекување во јавното здравство, до врвот на дехуманизацијата што се појави во форма на прашањето „Дали треба да сочувствуваме со починатите кои не се вакцинирани? “.

Промислувајќи како „другата страна“ ја формира својата позиција, можеме (евентуално) да ја корегираме нашата, но и да развиеме ефикасна стратегија на разговор и убедување. Можеме да разбереме, на пример, дека голем дел од луѓето кои прибегнуваат кон дехуманизација како метод на комуникација, станаа жртви на заблудата дека вакцинацијата може трајно да го спречи ширењето на вирусот, целосно да заштити од ковид-19 и ако има доволно вакцинирани луѓе, вирусот ќе исчезне. Ако се тргне од овие претпоставки, јасно е дека ќе се дојде до заклучок дека личноста која одбива вакцинација е, најблаго кажано, сомнителна.

Корените на овие заблуди може да се најдат во стравот и првичната реакција на пандемија. Се ветуваше брзо решение а истата приказна се повтори и со вакцинацијата. Некои луѓе го изгубија чувството за реалност и почнаа да живеат во исчекување на магично стапче кое ќе реши сè преку ноќ. Потенцијално многу корисни работи како ограничувањата и вакцините почнаа да се претвораат во нивна спротивност - ветување за радикално, конечно решение. И кога не доаѓаше до конечното решение, наместо задоволство од постигнатото, дојдоа разочарувања и - тешки меѓусебни напади.

Вакцинацијата спасува животи; бројките од Хрватска покажуваат дека доколку 90% од луѓето на возраст од 60 и повеќе години биле вакцинирани, би очекувале бројот на смртни случаи во овој бран да биде 0,018% од вкупното население наместо 0,042% како што беше досега. Таа разлика значи спасени речиси 1.000 очекувани животи. Во Ирска, Португалија, Данска и Исланд, 99-100% од постарата популација е вакцинирана, а смртноста поврзана со Ковид-19 речиси и да не постои таму.

Меѓутоа.

Еден труд кој сè уште не ги минал сите рецензии и се наоѓа пред објавување во престижниот Лансет, се бави со податоците од Шведска врз основа на кои ефикасноста на вакцините во заштитата од инфекција се преполовува за 4-5 месеци и исчезнува за 7-8 месеци. Иако штити од потешки форми на болеста подолг временски период, и овој тип на заштита исто така паѓа побрзо кај (а) мажите и/или ( б) постарите лица и/или (в) лицата со други изразени здравствени проблеми.

„Што можеме да заклучиме од ова? Ако сте очекувале чудо од вакцината развиена во рекордно време (искоренување на вирусот, крај на пандемијата), ќе бидете разочарани, како Бил Гејтс кој повеќе не го крие во јавните настапи. Но, ако сте реалист, ќе бидете многу задоволни затоа што ни беше даден моќен инструмент да ги заштитиме животите на луѓето во ризик“, пишува Шоње.

Сите технологии и проекти на општествена реорганизација имаат свои скептици од една и ентуизијастички застапници (агитатори) од друга страна. Вториве често ја издигнуваат технологијата (и науката) на ниво на религија.

Ова директно или индиректно ги екскомуницира сите оние кои не веруваат во неограничената моќ на технологијата (и науката). Резултат: наместо градење мостови на информации, образование, доверба (кај огромното мнозинство скептици токму довербата е клучна ставка за нивниот став), скептиците и критичарите на официјалните мерки се напаѓаат како да се криминалци или, во најдобар случај, необразувани примитивци.

Така се враќаме на  приказната за наводно понискиот квоциент на интелигенција на оние кои негуваат скептицизам за вакцинацијата.

Така започнува дехуманизацијата на критиката и скептицизмот. Дехуманизацијата на неистомислениците е крајниот стадиум на хипотезата за помалата вредност на необразуваната, наводно „примитивна“ индивидуа.

Авторот смета дека недовербата не се заснова на некаква „вродена човечка глупост“, туку пред сè на ароганцијата на власта и образуваните елити кои го потценуваат „народот“ и авторитарно ги наметнуваат своите ставови, очекувајќи луѓето да ги прифатат без многу испрашување затоа што доаѓаат од авторитет. Се очекува секоја мерка да биде беспоговорно прифатена, само затоа што доаѓа „одозгора“.

Кога би постоеле докази дека вакцинацијата трајно ја спречува инфекцијата, тогаш интересот за здравствена заштита или спречување на ширење на инфекцијата би можел да го оправда различниот третман на вакцинираните и невакцинираните. Без такви цврсти докази, се работи за сегрегација, вели тој.

Сосема сум убеден дека тоа е главниот механизам што ги храни конфликтите. Се разбира, тука се и фанатиците. Сепак, вистински фанатици се малку и тие се всушност на маргините кога амбиентот не го храни нивното влијание. Огромното мнозинство се луѓе кои би прифатиле (и полесно толерирале) и порестриктивни мерки, доколку сметаат дека таквите мерки се оправдани, логични и неизбежни. Отпорот кон (некои) мерки во голема мера не се заснова на некој апстрактен повик за слобода што ја негира опасноста од самата болест или теории на заговор, туку на барање за чувство за правда и барање за примена на оние мерки кои имаат докажано ефект со претпазливо разгледување на ризикот.

Ако има тестирање за едни а нема за други (а се знае дека и тие можат да ја шират заразата), се разбира дека луѓето тоа ќе го сфатат како неправда и сегрегација.

Иако и на слабо образуваните им е јасно дека ризикот од ковид-19 е минимален кај децата и адолесцентите, за тоа сè почесто се зборува. Ако младите не можат трајно да го спречат преносот на своите баби и дедовци со вакцина (туку со претпазливост), зошто треба да се вакцинираат и да заборават на претпазливоста? Во ред, првично вакцинацијата значително ја намалува и можноста за пренос, но ако заштитата значително се намали за неколку месеци, како што сугерираат неодамнешните истражувања, дали ќе треба да ги вакцинираме децата, средношколците, луѓето на факултет на секои неколку месеци? Никој не соопшти каков е среднорочниот план.

Такви работи ја хранат недовербата.

„Најважно е да се разбере дека не постои универзален лек за крај на епидемијата. Таа уште е тука. Некои мерки ќе мора да важат уште долго. Затоа е важно да се стекне доволно мудрост за најдобар можен премин преку претстојната зима и рана пролет, а можеби и преку есента и зимата 2022/23 година. Животот мора да продолжи, а сегрегацијата која не може да се оправда, која не е пропорционална, ефективна и приоритетна, мора да исчезне. Само на тоа може да се изгради вистинско чувство дека „во ова сите сме заедно“, кое ќе стане повеќе од обична парола“, пишува Велимир Шоње.

22 ноември 2021 - 10:16