Призорите од американскиот Капитол од 6 јануари беа исклучителни од повеќе причини, но тешко беше да се избегне колку „мирисаа“ на опадот на стариот Рим.
Фотографиите од пред мермерниот трем на Капитолот, каде насекаде беа расфрлани остатоци и орнаменти, наликуваа на урнатините во кои се нашол ограбениот Храм на Јупитер во древниот Рим. Некои од напаѓачите воинствено ги имаа насликано своите тела, а еден од нив носеше и шлем со рогови. Натрапниците ја окупираа големата сала на Сенатот, украсена со латински натписи и римска империјална симболика а коментаторите кои го имаат читано Цицерон, правеа паралели со Заговорот на римскиот сенатор Катилин од 63 п.н.е.
Надвор беснееше пандемијата од ковид, што потсетуваше на периодите кога чумата во бранови косела низ римската империја. Додека нацијата скаменето и уплашено ги следеше настаните, Генералштабот на армијата на САД, во улога слична на врвните римски генерали кога им се обраќале на римските легии (Мagister militum), издаде соопштение за јавноста ( а и за Трамп) без преседан, дека го осудуваат „бунтот и востанието“, дополнувајќи дека инаугурацијата на новиот владетел (Џо Бајден) ќе се оствари.
И среде сите овие настани, излегува текст во Њујорк Тајмс за нови археолошки пронајдоци под една резиденцијална зграда во Рим, при што се откриени артефакти од градините на Калигула, кој бил непредвидлив и одмаздоубив император, а згора на сè, една од неколкуте сопруги му се викала Милонија.
Ваквите споредби, се разбира, може да се површни и поедноставени. Римската држава во различни форми траеше толку долго - далеку повеќе од еден милениум - и се менуваше толку континуирано што во нејзината историја се среќава секој можен вид на човечки карактер. Исто така може да служи за правење паралели за кој било настан од денешно време и да служи за давање контрадикторни одговори на кое било поставено прашање.
Сепак, јас не сум имун на опсесијата со римското минато. Пред една ипол деценија, објавив книга со наслов „Дали сме Рим? Падот на империјата и судбината на Америка“, во која внимателно ја анализирав вековната споредба на Рим и Америка. Фокусот беше главно на темите што ја надминуваат партиската политика, но исто така беше напишана во специфичен момент кој се одликуваше со следните фактички но брутални состојби: Америка беше заглавена во Ирак и Авганистан; стравот и сомнежот кон дојденците растеше во САД; а јавните услуги во повеќе сектори (одржувањето на патна инфраструктура, работата на затворите и безбедноста) се повеќе се приватизираа. Сето ова го имаше и во долгата историја на Римското постоење.
Не дека темите за кои тогаш пишував се застарени. Но, тие сега имаат нов контекст. Споредбите што сега ми паѓаат на ум не се однесуваат само на реалноста на теренот, туку и на нереалноста во нашите глави. Потценувањето на вистината, бескрупулозната суровост и моралната нечистотија кај многу наши лидери, корупцијата на основните институции – се некои од знаците на гнилеж кој се ширеше и пред 6 јануари, и кој сè уште постои, иако ордите засега се одвратени.
Ако денес ја пишував „Дали сме Рим?“, една нова тема што би ја опфатил произлегува од фразата што ја слушавме постојано за време на администрацијата на Трамп: „секогаш има возрасни во собата“. Основната идеја на оваа фраза –инаку заблуда со долга историја - беше дека несоодветниот и инфантилно настроен лидер може да го контролираат искусните лични советници, а ако не и тие, тогаш надлежните професионалци со кариера низ целата влада и државна администрација. Понекогаш ги замислував овие возрасни, меѓу кои и истакнати воени ветерани, како носат специјални еполети. Очигледна мана на овој аранжман беше тоа што детето во собата можеше со еден импулсивен и неумерен твит да ги отпушти возрасните.
Во подолги периоди во доцниот четврти и почетокот на петтиот век, римската империја била буквално во рацете на деца, бидејќи дотогашните императори неочекувано починале, а нивните синови, понекогаш и на 4 и 8 годишна возраст, ги замениле. „Возрасни во собата“ биле назначувани да им служат на овие деца императори - често способни генерали како Стилихо (кој му служел на Хонориј) и Аетиус (кој му служеше на Валентинијан III). Идејата била да се признае империјалниот авторитет како ндопирлива светост, но во исто време да има одговорни лица кои можат да се справат со секојдневната работа. И често тоа функционирало, но само за одредено време. Дипломатот и историчар Прискус опишал што се случило кога пораснал Валентинијан. Древниот импулсивен твит на овој император отприлика изгледал вака:
... Додека генералот Аетиус му ги објаснуваше финансиите и ги пресметуваше даночните приходи, младиот Валентинијан одеднаш со извик скокна од престолот и викна „нема повеќе да дозволам да бидам злоупотребуван од вакви предавства…“.
И додека генералот Аетиус беше зачуден од овој неочекуван и ирационален излив на бес и се обидуваше да го смири, Валентинијан го извади мечот од футролата и заедно со Хераклеј, кој носеше сатар под наметката (бидејќи тој беше главен за безбедноста на императорот), го нападна генералот.
Испаѓа дека не постои замена за вистинско лидерство. Дури и да е така, кога возрасните (од собата) ќе заминат и ќе ги нема, следната линија на одбрана е бирократското херојство. Државната бирократска служба е една од причините што царства големи како римската империја - или британската или американската – имале/имаат долготрајна моќ. Погледнете го однесувањето на империјалните функционери во петтиот век, кога голем дел од римскиот свет се распаѓал, и го гледате капацитетот на бирократските процедури и административната компетентност – волку храна ваму, толку пари онаму – да ги држат деловите од разнишаното скеле заедно во моменти кога се чини дека никој не е главен и одговорен. Не сум запознат со античките пишувања за civitas profunda, но „длабоката држава“ не е ниту модерен ниту злонамерен изум.
Зад вештачки одржуваниот континуитет, кој понекогаш е и симболичен, може да се затскриваат уште поголеми опасности. Дури и пред инагурацијата на 6 јануари - или пред изборите на 3 ноември - многумина беа загрижени дека симболиките на американска демократија и нејзиниот надворешен изглед и форми се сметаат за позначајни од самата суштина на демократијата. Инаугурациите на претседатели го креваат духот на нацијата, но од лицата родени помеѓу 1981 и 1996 година во САД (миленијалците), помалку од третина веруваат дека е „суштинско“ да се живее во демократија (ова е еден од наодите објавени од политиколозите Роберто Стефан Фоа и Јаша Мунк). Конгресот им преотстапи бројни и значајни овластувања на претседателите во различни области, задржувајќи ги само правилата да попречува, одобрува и заговара. Моќта на Капитолот да заседава кога се објавува војна е главно само за „уметнички дојам“; бидејќи ова право одамна беше отстапено на претседателите, уште пред неколку децении. И покрај сето ова, Капитолот сè уште длабоко се почитува како „куќа на народот“.
Октавијан, посвоениот син на Јулиј Цезар, се самоназначи за прв император на Рим, владеејќи под името Август. Но, тој ја сфати користа од тоа пред јавноста да се одржи фикцијата дека тој ја зачувал римската република и републиканска влада. Август не се прогласи за автократ; доволно беше да ја има титулата „принцепс“ што го означува „првиот човек, најеминентниот, најблагородниот, лидерот“. Налик на „Проектот 1776“ на Доналд Трамп, но поумешно, Август се повика на древен сентиментален благослов за да ги сокрие радикалните намери. Римскиот Сенат, долго откако престана да игра важна улога, одржуваше навидум значајни седници задоволувајќи се со она што римскиот историчар Тацит го нарече „изговори за постоење на слобода“; всушност, Сенатот продолжи да состанчи и долго откако империјата престана да постои. Тацит е секогаш задоволство да се прераскажува, и како што тој вели:
...Ова беше валканo, подло, гадно и сервилно време. Големците мораа да ги заштитат своите позиции со потчинетост и подреденост; покрај нив, сите римски екс-конзули, повеќето екс- претори, дури и млади сенатори меѓусебно се натпреваруваа со неискрени ласкави предлози до степен на навредливост.
Формата се задржува уште долго откако ќе исчезне суштината. Со текот на времето, градот Рим станал фикција исто како и остатоците од старата римска република. Август го украсил главниот град не само со храмови, туку и со гласачки објекти. (И тој се појавил лично за да гласа, иако изборниот процесот бил наместен). Векови подоцна, Рим продолжил да изгледа како империјална престолнина и да собира богатство, дури и откако суштински станал празна школка. Вистинската моќ се префрли на друго место. Генерали и војски итаа низ провинциите, гаснејќи „пожари“ и реагирајќи на итни ситуации (но и на меѓусебните амбиции). Во меѓувреме се основаа и зајакнаа ривалските градови. Но, пратките со жито во Рим продолжија да пристигнуваат. Спомениците беа негувани како темели на една трајна величина и грандиозност. Почитуваните семејства живееја во раскош. Сенаторите правеа заговари.
Социјалните медиуми во античкиот Рим беа старомодни – преку усно оговарање. Додека бил гувернер на провинција далеку од Рим, Цицерон назначил свој соработник по име Келиус за да го информира за гласините што се шират дома. Келиус го известил Цицерон дека особено внимава на „шепотењата“ и политичките озборувања кои произлегувале од Сенатот. Во римската историја постоеле видни луѓе кои секогаш ја говореле вистината, но како што минувале вековите, кажувањето на официјалните лаги станало потврдена и призната форма на уметност. Панегристите биле платени изведувачи, финансирани од оние што ги величеле. Нивниот наратив - за просперитетот на империјата, за успехот во битките – секогаш свртувал кон славење и воспевање. Панегристот Мамертинус ја воспевал прекрасната коса на императорот Максимијан поистоветувајќи ја со светол ореол. Панегристот Клаудијан говорел како императорот Хонориј повторно ќе го направи Рим голем град:
...Дабовите насади ќе капат со мед; потоци вино ќе извираат од секоја страна, ќе има езера полни со маслиново масло. Нема да се прашува за цена за црвените елеци и руна, туку волната уште нешишана од стадата ќе стане црвена на воодушевување на овчарите...
За разлика од Брегзит, во древниот Рим додека се случуваше „крајот“ и империјата полека исчезнуваше, никој не беше свесен за тоа. Рим беше пљачкосуван, слично како и другите градови во тоа време, а вооружените конфликти на моменти носеа превирања и бунтови, но распаѓањето се случуваше со векови и за многумина преминот од една во друга фаза не беше јасен. Како должината на животниот век на луѓето да ја заслепува нивната моќ за перцепција.
Она што денес се смета за оставштина од антиката не се славата и триумфот, туку утврдувањето на основните човечки потреби за - храна, засолниште, безбедност, знаење, трговија, убавина, продуховен живот, како и потребата од организирање на активности за да се обезбедат овие работи. Овие активности досега секогаш ја преживуваа пропаста – и се мост од секое старо минато кон секоја нова иднина. Човечкото општество е еластично. И, насочувањето кон основните потреби може да биде извор на ново тежнеење и аспирација.