Дали санкциите ќе ја спасат Русија?

За комплетен успех на санкциите клучно е земјата што е под санкции да биде сиромашна со ресурси, технологија и образована работна сила, во спротивно, целиот план може да има контра-ефект. Ова е заедничко тврдење на професор од Универзитетот Саутемптон и професор од Ломоносов.

Како пример тие го земаат индустрискиот подем на Велика Британија во 19-от век, кој потекнува од развојот на нивната текстилна индустрија. Во тоа време водечката економска логика е дека слободната трговија и слободните пазари се клучни за економски раст. Последователно на ова, ако сакаш да казниш некој блокирај му ги овие две ставки.

Иако ова е логика во која се колнат сите тогашни економисти, во пракса британските власти, за поттикнување на сопствената текстилна индустрија, се одлучуваат на нешто сосема спротивно и контраинтуитивно на целата теорија - тие си наметнуваат санкции сами на себе.

Првото само-ембарго се однесува на извозот на суровини, претежно волна. Второто е забрана за увоз на готови текстилни производи, претежно индиски кои се со супериорен квалитет. Третиот дел е забрана за странски бродови да застануваат на британски пристаништа.

Во ваква само-наметната изолација, тие одлучуваат сите резерви на волна да ги искористат за создавање готови производи. Единствено нешто што тогаш го увезуваат се текстилни работници од Белгија, од кои треба да го научат занаетот.

Слична успешна приказна имаат и САД откако во влегуваат во војна со Британија, и во 1812-та им е наметнато трговско ембарго. Американското производство напредува се до укинувањето на ембаргото. Едно слично ембарго од Британија за време на Првата светска војна го поттикнува развојот на германската технолошка индустрија, која во тоа време е во потрага по замена за најголем дел суровини и производи што до тогаш ги увезува од Британија.

"Секако ембаргата имаат разорувачки ефект кога на една држава и недостасуваат ресурсите потребни за замена на увозот. Затоа економските санкции беа толку тешки за Иран, и претходно за Ирак.

Ама за земја како Русија, која е пребогата со природни ресурси, техничка експертиза и образована работна сила, санкциите имаат спротивен ефект. Советскиот сојуз заради слабиот систем на стимулација, се измачуваше да капитализира на овие фактори. Наспроти ова, денес, Русија има капиталистички систем кој нуди значителни бенефити за оние кои најдобро се адаптираат на рестрикциите.

На кратко, Русија има се што и потребно за да напредува, и покрај - или заради - санкциите. Меѓутоа претворањето на оваа шанса во реалност изискува Русија да тежнее кон економска трансформација," пишуваат професорите Владимир Јакунин и Ричард Вернер.

Тие прават и споредба со неуспесите на голем број африкански и јужно-американски држави каде извозот на суровини не се покажа како доволен за поттикнување на развојот:

"Историски, најефикасните политики за развој се фокусирани на владина интервенција во воспоставување на домашни индустрии со повисока додадена вредност (создавање готови производи / наспроти извоз на суровини). Во претходните децении Јапонија, Тајван, Јужна Кореја и Кина, сите овие тргнаа по тој пат.

За Русија качувањето по скалата на дополнителна вредност не треба да биде проблематично; се што треба е да почне да ги произведува готовите производи кои претходно ги увезуваше. Всушност, замената на производи од увоз веќе ја зголеми продуктивноста во неколку клучни сектори: инженерство, петрохемија, осветлување, фармација и земјоделство. Извозот на производи со додадена вредност порасна за 6% во првиот квартал од годинава...

Западните санкции против Русија, не само што не успеаа да ја сменат ситуацијата во Украина; туку тие може ја поттикнаа долго очекуваната структурна реформа на земјата. Ако Русија успешно ги реплицира насоките за кредитирање што ги воведоа источно-азиските економии, паралелно зголемувајќи ја менаџерската ефикасност, возможно е уште едно економско чудо."

17 октомври 2015 - 15:33