Ако се послужиме со денешните соц-реалистички пароли кои шараат низ Македонија, Бугарија одамна е на прав пат, само што Бугарите изгледа тоа не знаат да го ценат па си фаќаат свој пат, кој обично ги води во странство.
На денес најсиромашната држава во ЕУ, на која некогаш ѝ се гугаше дека е „силициумска долина на источна Европа“ во континуитет ѝ се случува масовен егзодус во кој граѓаните ја напуштаат во алармантни бројки.
Проценките на ОН велат дека она што денес е останато во Бугарија, до 2050 година ќе се намали за дополнителни 23%. Според Амнести, за корупција Бугарија е на самото дно на листата на топ 20 европски земји. Од оние што останале во Бугарија, речиси четвртина живеат во услови на екстремна сиромаштија. Невработеноста е на ниско ниво (околу 6 %) но оние што работат, дома носат просечно под 500 евра.
Во поглед на бруто домашниот производ пер капита, бугарската економија е на нивото од 1973 година.
Во ерата на Ѓорѓи Димитров, Бугарија се сметаше за ценета и речиси привилегирана држава во источниот блок. Денес нејзиното име не се ни спомнува од оние што носат одлуки во Брисел, освен ако не се работи за некој проблем. Внатре во неа, само секој деветти човек верува дека на земјата ѝ е подобро откако се усвои капитализмот. Консеквентно на тоа, секоја година од таму заминуваат 60.000 Бугари, половината од нив во Германија.
Последните сигнали не укажуваат на подобрување на состојбата. Напротив. Од позиција на вице-премиер, Красимир Карачанов побара затворање на бугарскиот Хелсиншки комитет, што повторно запали црвено светло кај загрижените.
Бугарија многу брзо ќе остане и без квалификувани доктори. Речиси 40% од лекарите се со преку 60 години, 17% се постари од 65.
„Бугарите би можеле за виновна да ја сметаат англо-европската хегемонија која го пополни вакуумот по колапсот на Советскот сојуз. Бугарските политички лидери мораа да работат со единствените макроа кои ги имаа на располагање, Брисел и НАТО. Во 2004 Бугарија доволно свитка кичма за да ги задоволи Американците. А потоа, во 2007-ма година, беше вметната во ветената земја наречена ЕУ, што за Вол Стрит беше сигнал да ѝ го тргне чергичето од под нозе,“ пишува Фил Батлер.
Ако се погледнат топ странските инвеститори во Бугарија, а тоа се Холандија, Германија и Австрија, ќе се види познатата шема. Како и во другите источно европски држави, и овде се користи евтината работна сила и даночните повластици а се инвестира во мега пиљари како Лидл и Кауфланд со кои се собираат парите на бугарските потрошувачи и се носат во Германија. Во таа смисла, Бугарија е Мексико на ЕУ а улогата на САД ја игра Германија, пишува Батлер.
Тој се надева дека Бугарија нема да заврши во учебниците како Југославија но потсетува дека е сериозен проблем ако сите заминат од таму, зашто така Германците ќе нема кому да му продаваат храна во Лидл.