Кога нема силувања - а после аферите Алексиќ и Лечиќ, тие некако стивнаа - бадијалџиската и крволочна јавност ќе измисли, ќе се подигне прашина, па ќе се вмеша јавноста од околните држави и на крај сè ќе отиде во ПМ. До следната прилика.
Аферата почна вака, а како ќе заврши, останува да видиме. Елем, по белградската е-чаршија и е-маала, се рашири абер дека мојата вајбер-другарка Билјана Србљановиќ го обвинила Мујо (презимето и бројот на л.к. познати на редакцијата) дека ја силувал Фата на Суљага. И тоа во магацин.
Социјалните мрежи моментално се усвитија а слично на претходните, нефикционални силувања, јавноста се подели на оние кои се згрозија и најостро го осудија насилничкиот чин на Мујо, на оние кои тврдеа дека тоа не е чиста работа, дека Мујо не би навалил на нејзината чест ако кучката не мрднала со опашката и - last but not least - на оние кои не можеш лесно да ги преебеш и на кои им беше сомнително што силувањето дури сега е пријавено, иако се има случено во дамнешните 60-ти години, можеби и порано.
За да навлезам во суштината на спорот, отидов на www и извршив увид на местотот на злосторот, тоест во текстот на древната карасевдалинка, која ја имам слушано стотина пати во минатото - беше многу популарна во 60-тите и 70-тите - и никогаш не ми предизвикала никаква сексуална агитација, дури ни примисла, повеќе ми звучеше меланхолично (а и сега така ми звучи) отколку јебозовно.
Иако... не беше сè така идилично и асексуално. Изведувач на инкриминираната песна, доктор Химзо Половина, случајно беше вмешан во една скокотлива работа. Во спомнатите години, по Југославија циркулираше глуп виц во кој припадници на разните наши народи и народности мереле машки полови органи и на натпреварот победил општествено-политичкиот работник и Србин Рато Дугоњиќ а второто место го зазема, веројатно веќе погодувате, Химзо Половина. Кој беше губитник имам заборавено, но транспонирано во сегашно време, на последното место би се нашол Синиша Мали.
Не се заинтересирав само јас за силувањето на Суљагина Фата. Се огласи и, во последно време, сеприсутниот Мухарем Баздуљ, кој на основа на форензички наоди докажа дека немало силување. Еве што вика Мухарем: „“Во песната, Фата талка по градот, го бара дуќанот на Мустафа, пред да го најде, влегува во шест други дуќани, на крај, бара ока злато. Луѓето кои одат во правец на интерпретацијата дека во песната се работи за силување, не знаат што е тоа ока. Тоа е мерка која има повеќе варијанти но секогаш се движи околу кило и триста грама злато. По денешни мерки, ока злато вреди нешто повеќе од 60.000 евра.
Ако Мухарем е за верување, Фата не да не е силувана, туку испаднала супер-спонзоруша која оди од дуќан до дуќан и за услугата бара сума за која можат само да сонуваат Станија и Тијана Ајфон. Сега јасно ли ви е зошто толку малку треба на овие простори да избие војна, кога луѓе ќе се испичкараат околу будалаштини?
*************
Види и: