Повеќе од пет години Грција е најголемата грижа на Европа. Наместо да се фокусираме на вработување, или имиграција, или предизвикот на путиновата Русија, вниманието на континентот е на државата која преставува 1,8% од вкупниот економски производ на Еврозоната. Ќе биде интересно да се пресмета колку часови Ангела Меркел има посветено на Атина во изминативе 5 години. Замисли го претседателот Барак Обама како цели месеци учествува во некои разговори на највисоко ниво, каде на агендата речиси и да не се збори за ништо друго освен за сојузната држава Тенеси. Ова, е тоа што европските шефови на држави го прават сето ова време.
Во овие 5 години светот се промени. Кина и Индија минуваат низ темелни трансформации. Џихадистите на ИСИС преставуваат нова закана за Западот, исто како и реваншизмот на г-дин Путин. Но европските лидери, наместо своите самити да ги посветуваат на прашањето како најдобро да ги одбраниме нашите економски и воени интереси, се борат околу тоа што да прават со Грција.
Пет години во преговори кои постигнаа речиси ништо (малкуте реформи кои беа прифатени, како намалување на пренадуениот број на вработени во јавниот сектор, сега веќе се укинати од коалицијата предводена од Сириза). Јасно е дека Грците немаат никаков апетит за модернизирање на нивното општество. Тие премногу малку се загрижени околу економија разорена од заштитништво.
И Европјаните направија грешки. Откако Атина се приклучи на монетарната унија, на Грција и имаме позајмено 400 милијарди евра, 1,7 пати повеќе од вкупниот бруто домашен производ на земјата во 2013-та. Време е за проверка на реалноста: овие пари никогаш нема да бидат вратени. И илузорно е да се замислува, како што Финците тоа понекогаш го прават, дека до некаде ќе добиеме ваква компензација преку преземање на неколку грчки острови. За среќа ерата кога Британската империја беше подготвена да го направи ова, е завршена. Што било, било. Колку побрзо го прифатиме ова и ги заборавиме долговите, толку подобро.
Ако Грците не сакаат да се модернизираат, треба да го прифатиме тоа. Со гласови од големо мнозинство тие избраа влада која, шест месеци по изборите, останува многу популарна. Нејзината популарност меѓу електоратот покажува желба да се остане нација со приход по глава на жител половина помал од оној на Ирска, и помал од оној на Словенија. За неколку години тие ќе бидат престигнати од Чиле. Јас само се надевам дека никој во Атина не сонува дека простувањето на долгот и Грегзит нудат алтернатива на растот.
Без економски и социјални реформи, Грција ќе остане релативно сиромашна држава. Ама не е остатокот на Европа должен да наметнува реформи на Грција. Тие само треба кристално јасно да и посочат дека без сериозни реформи, нема повеќе нови официјални позајмици. Тогаш единствен начин за Атина да позајмува ќе биде да ги убеди пазарите дека самата ќе ги плаќа долговите. Повеќе нема да има гаранции од ЕУ, експлицитни или поинакви.
Треба да се прашаме себе си дали е навистина толку важно да се задржи Грција во ЕУ. (Освен промена на договорот, напуштање на еврото наложува и напуштање на ЕУ.) Критериумот не треба да биде заштита на нашиот кредит: тој е потрошен, сакале вие или не. Ниту пак треба да биде ризикот дека можеби ќе има пад на еврото заради ситуацијата: благодарејќи на Европската Централна Банка, монетарната унија денес е доволно отпорно за да издржи Грегзит.
Европските лидери треба да престанат да го третираат грчкиот проблем како да е само финансиско прашање. Тој оди до самата срж на Европската интеграција. Проектот несомнено е забрзан како резултат на монетарна унија (само размисли за одлуката да се тргне надзорот на банките од национална контрола).
Меѓутоа еврото не може да биде супститут за понатамошна политичка интеграција. Всушност, без таква интеграција, еврото не може да преживее - и денес, Грција му стои на овој пат.