Даночната реформа во САД, која ја туркаа Републиканците и со која трајно ќе се намалат даноците за корпорациите, а привремено за многу лица - помина во Сенатот и е на чекор да стане закон откако ќе биде потпишан од страна на претседателот на САД, Доналд Трамп. Во тоа никој не се сомнева со оглед дека даночните реформи беа една од неговите заложби во претседателската кампања и практично се прва голема законодавна победа во американскиот Конгрес.
Накусо, планот предвидува драматично и трајно намалување на даночната стапка која ја плаќаат корпорациите, како и намалување на даноците на доход во 2018 година за огромното мнозинство на домаќинства. Аналитичарите оценуваат дека богатите ќе добијат многу поголемо олеснување отколку средната класа и сиромашните работници.
Вашингтон пост, во текстот по гласањето во Сенатот, пишува дека станува збор за најзначајните промени во даночниот законик уште од 1986 година.
Суштината на планот е големо и трајно намалување на корпоративната даночна стапка од 35 на 21 отсто.. Исто така, ќе се намалат индивидуалните даночни стапки за сите нивоа на данок на доход. Семејствата кои заработуваат помалку од 25.000 долари годишно ќе добијат просечно намалување на данокот од 60 долари, додека оние што заработуваат повеќе од 733.000 американски долари данокот ќе им се намали во просек за 51.000 долари, според Центарот за даночна политика.
Сенатот го усвои предложениот закон со тесно мнозинство од 51 гласови „за“, наспроти 48 гласови „против“. Гласањето беше прекинувано неколку пати од страна на демонстранти кои извикуваа во салата „убијте го законот, не убивајте не нас!" ("kill the bill, don't kill us!"). Неколку демонстранти беа отстранети од салата.
Михаил Книге за Дојче веле пишува дека во крајна инстанца најбогатите еден отсто од Американците ќе добијат 82 отсто од новите повластици.
„Тоа е така затоа што најголемиот дел од донесените мерки за привремени. Но, дури и кога законот ќе влезе во сила следната година со сеопфатни намалувања на даноците, пет отсто од Американците ќе плаќаат повеќе данок од сега, додека најбогатите Американци ќе имаат најмногу ќар“, вели Книге.
Се смета дека освен на најсиромашните, даночната реформа ќе влијае негативно и врз средната класа. Како што пишува Дојче веле, „една од најзначајните последици од даночната реформа ќе биде и отстранувањето на клучниот елемент на Обамакер (законот за здравствено осигурување), т. н. поединечно право. Тоа право наметнуваше казни за луѓето кои не купуваат здравствено осигурување. Сега откако таквото барање ќе биде укинато, се проценува дека премиите за осигурување ќе експлодираат. Според процените изнесени во американскиот Конгрес, тоа ќе резултира над 10 милиони Американци да го напуштат системот што доведе до зголемување на бројот на неосигурани лица и практично ќе ја загрози одржливоста на Обамакер.
Многу од кратењата за поединците се врзани со рок на траење, односно ќе истечат во наредните години. Републиканците аргументираа дека ги поставиле ваквите рокови со цел да се испочитуваат ограничувањата на Сенатот за тоа колку законот би можел да го зголеми дефицитот на земјата и велат дека идниот конгрес може да ги продолжи намалувањата или да ги направи постојани. Но, доколку изостане ваква интервенција, мерката ќе ги зголеми даноците на 53 отсто од Американците до 2027 година, се вели во извештајот на Центарот за даночна политика.
Предлог-законот, исто така, го реструктуира комплицираниот систем на даночни повластици, односно одбивки, кои ги користат многу домаќинства и бизниси за да ги намалат своите даночни сметки. Стандардното намалување на многу домаќинства со среден и низок приход двојно ќе се зголеми, а даночниот кредит за деца ќе се прошири. Меѓутоа, останатите одредби за заштеда на пари, вклучувајќи и одбитоци на камати исплатени на хипотеки за нови домови и провизии кои им им овозможуваа на Американците да го одземат она што го плаќаат како државни и локални даноци, ќе биде укинато.
Во анализата на претходната верзија на нацрт-законот, Мешовитиот комитет за даноци на Конгресот, предвиде дека законот во наредната деценија ќе го зголеми дефицитот на земјата за 1 билион долари (илјада милијарди долари), дури и ако се земе во предвид проектираниот економски раст. Комитетот исто така процени дека даночната реформа ќе го засили економскиот раст за 0,8 проценти во текот на една деценија, што е значајно помала процена за раст од 3 отсто кои го најавија Републиканците во вторникот.
„Ние немавме раст од три отсто уште од пред последната рецесија. Даночната реформа ќе ни донесе економски раст од три отсто“, рече", рече спикерот Пол Рајан пред гласањето.