Ова е најголемиот пад за еден ден на една компанија на њујоршката берза. Претходниот шампион е Интел чија вредност во 2000 во еден ден падна за 91 милијарда долари.
Во минусот на Фејсбук околу 14,5 милијарди долари се пари на Зукерберг, кој е најголемиот поединечен акционер во компанијата со речиси 17% од акциите. Ноќеска Зукерберг си легна со 86,5 милијарди долари, за утрово да се разбуди со 72 милијарди долари, со што падна од трет на шести најбогат човек на планетава.
Колапсот следува по објавувањето на бројките и предупредувањето на компанијата до инвеститорите дека треба да очекуваат „значителен пад на стапката на раст на нови корисници.“ На ова се надоврзува и одлуката на Фејсбук да им даде поголема контрола на корисниците врз нивните приватни податоци „што може да влијаело на нашата стапка на раст на приходите.“
Уште едно од предупредувањата од Фејсбук е дека инвеститорите треба да очекуваат голем скок во трошоците поврзани со „напорите за подобрување на справувањето со податоци и маркетинг напорите за враќање на довербата кај корисниците.“