Троловите плаќаат со менталното здравје

Дерењето на интернет ве прави само потажни и погневни, па ако не заради нас, тогаш барем заради себе би било убаво да престанете.

За тие што веќе некое време се на интернет, јасна им е патеката на еволуција на нормален корисник во трол. Прво започнуваш тирада на некоја тема, ова повлекува одговор во сличен стил од некој што не се согласува со тебе, по што од твоја или од спротивна страна почнуваат првите навреди и пред дури и да помислиш стануваш трол.

Иако некој би очекувал дека онлајн олеснувањето на нешто што ти лежело на душа на крај ќе ти донесе некаков мир, сепак постигнуваш спротивен ефект и во себе полека почнуваш да таложиш гнев.

Журналот Cyberpsychology, Behavior, and Social Networking покрива две студии кои го анализираат тролањето и интернет гневот.

Во првата, анкетираните "тролови" изјавиле дека обично се чувствуваат смирено и релаксирано откако некому му се истуриле на интернет. Меѓутоа ова генерално и не им е многу од корист бидејќи тие исто така пријавиле долготрајни негативни ефекти како гнев, негативни емоции, самоповредување и слично.

Во втората студија на учесниците им биле дадени по 5 минути да се "дерат" на интернет, и потоа тие биле оценувани од истражувачите. Крајниот резултат бил: вкупната среќа кај човекот опаѓала откако ќе завршел со тирадата, додека истовремено гневот растел. За се што анкетираните успеале да "си ја олеснат душата," тоа веднаш било надополнето со некаков вид на гнев.

Резултатите од двете студии покажуваат дека читањето и пишувањето на гневни тиради се штетни за здравјето, бидејќи оние кои ги прават нив обично се погневни од другите. Исто така, пишувањето и читањето на оваа тема е поврзано и со негативна промена на расположението кај големо мнозинство од луѓето. Причините за овие промени на расположението не можат да бидат идентификувани од овие студии, меѓутоа повеќе е веројатно дека тие имаат корен во текстот што го пишуваат или читаат.

14 март 2013 - 13:16