Во основа она што до сега со сигурност се знае (меѓу просечни корисници) е дека: колку е попопуларна некоја содржина во твојата мрежа, толку е поверојатно дека таа ќе се појави кај тебе на фид, и дека најчесто ги гледаш пријателите и страните со кои имаш интеракција (лајкување, коментари...).
Тим Херера од Вашингтон пост прави анализа на сопствениот њуз фид и заклучокот му е дека во него не се појавува ниту една работа која има некаква поврзаност со неговите главни интереси, потекло и карактер. Плус, речиси половина се стари (застарени) работи.
"На страна од ова нема некои други информации, и колку подлабоко копаш во она што Фејсбук мисли за тебе, толку почудни стануваат работите.
На пример: до 20 години живеев во Денвер и се уште го сметам за мој дом. Во текот на денот не видов ниту една сторија од Денвер пост, и покрај тоа што на нивната (ФБ) страна имаа 17 нови и уникатни статии. Истото важи и за Вестворд, неделник од Денвер кој редовно го читав; неколку локални телевизиски станици; другари од средно; познаници; па дури и луѓе кои се уште ги сметам за блиски пријатели кои живеат таму. Дали повеќе не се грижам за тоа што се случува кај мене дома како порано? И покрај тоа што го оставам Фејсбук во основа да ме следи кога и каде сака, тој се уште не смета дека јас сум заинтересиран за Денвер и што се случува таму?
Од друга страна, блогови ориентирани кон жени како Jezebel, Refinery29 и The Cut повремено доминираа на мојот њуз-фид, а The Verge, за кој верував дека е меѓу моите омилени блогови, едвај се појави," објаснува Херера.
Во целиот експеримент со бескрајно скролање, Херера на својот њуз фид видел 1.417 статуси. Од нив 679 биле со постар датум, а 738 биле нови (статусите од страни доминирале во однос на статуси од пријатели). Кога направил анализа на целата своја мрежа (одел на секој профил посебно), Херера пресметал дека дента имало 2.593 нови статуси, од нив Фејсбук во фидот не му покажал 1.855.
Се на се, после цел ден упорно скролање, од 2.593 нови статуси во неговата мрежа на Фејсбук, Херера видел и отворил само 29% од нив (намерно не ги отворал и не ги пресметува тие со стар датум).
Во математиката треба да се земе предвид дека Херера се заинаетил во скролањето, и потрошил околу 6 часа на ова, за разлика од просечниот Фејсбук корисник кој минува околу 40 минути дневно на ФБ.
Во разговор со продукт менаџерот на Фејсбук за њуз фидот, Грег Мара, Херера добива објаснување дека социјалната мрежа во основа собира "безброј сигнали кои ѝ кажуваат што да пушта во нечиј њуз-фид, меѓу нив и каков му е односот со други корисници, темата на содржината во некој линк, колку време трошат корисниците на статија што ја нашле преку Фејсбук, дали и колку пати корисникот А бил на профилот на корисникот Б, активноста на пријатели на одреден пост, целата твоја претходна активност (историја на ФБ) и многу други работи."
На крај Херера признава дека и покрај Бескрајниот ден на Фејсбук, целата магија за њуз фидот не му е ништо појасна.
"Доволно прикладно: последниот пост што го видов на мојот Бескраен ден на Фејсбук беше предупредување за поплава, старо 40 часа.
Беше за Денвер."