Фејсбук и претходно беше на памет да го понуди ова решение, само сега работите стануваат многу посериозни под притисокот од скандалот со Кембриџ аналитика и продавањето податоци од 87 милиони корисници на Фејсбук.
Тестот што треба да го мине овој проект е: дали со воведување претплата ќе се зголеми бројот на нови корисници и дали постојните ќе бидат заинтересирани за поголем ангажман на Фејсбук ако не им фрчат реклами од секаде.
Анкетите на компанијата од изминатите години покажуваат дека претплатниците не се претприемчиви околу оваа опција, бидејќи според нив „тоа го прави Фејсбук да изгледа поалчен и да бара пари за нешто за што има ветено дека секогаш ќе биде бесплатно.“ Оваа позиција на публиката почна значително да се менува по целата драма со Кембриџ аналитика.
Рекламите и понатаму остануваат доминантниот и речиси единствен извор на приходи на Фејсбук. Само 1% од 11,9 милијарди долари приходи што Фејсбук ги собира во последниот квартал не се од реклами.
Компанијата има обиди малку од малку да го зголеми приливот на пари од други извори, па експериментира со услуги како плаќања преку Вотсап (за сега се тестира во Индија), и создавање сервис за лични контакти, кој се уште не е познато дали ќе биде бесплатен.
За време на сведочењето пред американските конгресмени, на прашањето дали ќе воведе претплата за Фејсбук, Зукерберг одговори „секогаш ќе има верзија на Фејсбук која е бесплатна.“