Глобални корпорации што се рекламираат на Твитер (за сериозни пари) добиле писмо потпишано од 26 активистички организации и НВО-а, во кое се предупредуваат да размислат околу повлекување на буџетот за маркетинг доколку Маск почне да прави промени во Твитер како што најави.
Дел од невладините што го потпишуваат бојкотот се основани од поранешни луѓе тимовите на Хилари и на Обама, надополнети со организации зад кои стои Сорос и европски влади.
Тие предупредуваат дека купувањето на Твитер од страна на Маск „дополнително ќе го затруе нашиот информациски екосистем и ќе биде директна закана за јавната безбедност, посебно меѓу оние кои се најранливи и маргинализирани...
Вашите маркетинг пари може или да го финансираат суетниот проект на Маск или да го држат под одговорност.“
Маск како одговор на писмото твитна:
„Кој ги финансира овие организации што сакаат да го контролираат вашиот пристап до информации? Ајде да истражиме...“
Подоцна тој напиша „За дезинфекција најдобра е сончевата светлина“.
Водечки меѓу 26-те организации се Акаунтибл теч, ко-основана од Џеси Лерих, кој е поранешен портпарол на Хилари за надворешна политика, инаку внук на Дејвид Акселроуд, поранешен висок советник на Обама.
Друга е Медиа метерс, основана од Дејвид Брок, конзервативниот новинар кој подоцна се префрли во либерали за во 2017 Политико да го опише како „кучето на демократите“ и „извршителот на Клинтон“.
Третата организација која со лого е присутна во заглавието на писмото е Ултравиолет, поддржана од неколку американски синдикални организации и неколку семејни фондации меѓу кои и НоВо, фондацијата на синот на Ворен Бафет, и Либра, фондацијата на едно од најбогатите американски семејства, Притцкер.
Не толку високо на документот, но сепак меѓу потписниците е и Аксес нау, чиј најголем донатор е шведската агенција за развој, Сида, а по нејзе следува Отворено општество на Сорос. Во оваа организација големи суми донираат и владите на Данска, Германија, Холандија и Канада.