ИЕ6 официјално доаѓа на свет во 2001-ва со Виндоус Икспе, откако Микрософт најсилеџиски го истурка Нетскејп од пазарот. Како што Икспе во тоа време беше апгрејд на постојните оперативни системи, така и ИЕ6 беше значително подобрување на постојните браусери. Доминацијата значеше дека веб-програмерите се трудат да ги задоволат стандардите на ИЕ6,притоа целосно игнорирајќи ги веб стандардите. Кругот се затвора со тоа што програмерите на муштериите им препорачуваа да го користат ИЕ6 за отворање на своите страни.
Непречената доминација на ИЕ6 трае до 2004-та, кога полека почнува да се појавува сериозна конкуренција. Во тоа време веќе постои Опера браусерот, а луѓето што го правеа Нетскејп ја основаат Мозила фондацијата и го објавуваат Фајрфокс 1.0. Браусерот за прв пат претстави табови и блокирање поп-ап реклами, а фановите собраа пари за да објават реклама за него на цела страна во Њујорк тајмс.
Во 2006, Микрософт го вади ИЕ7, кој освен што има табови, нема никакво позначајно подобрување на компатибилноста на браусерот со веб стандардите.
Во тоа време Гугл е еден од главните финансиери на Фајрфокс, а наместо работење на сопствен браусер тие прават тулбар за ИЕ и за Фајрфокс (еден од првите големи проекти на сегашниот ЦЕО Сундар Пичаи), преку кој имаш брз пристап до пребарувачот на Гугл, а на ИЕ верзијата имаше и опција за блокирање поп-ап.
Во 2008, кога Фајрфокс е на пат да стане доминантниот браусер, а Микрософт е фрустриран околу падот и слабостите на ИЕ, Гугл го вади сопствениот браусер Хром. Негов главен фокус се брзина, веб-стандарди и ХТМЛ5. Заради посветеноста на веб-стандарди, веб-програмерите брзо почнуваат да се префрлаат на Хром заради подобри перформанси на нивните сајтови.
Иако нема доминација како ИЕ на времето со 90% од десктоп пазарот, денес на Хром отпаѓаат 60% од сурфањето од десктоп компјутери. Најблискиот конкурент му е Фајфокс, со неполни 14%.
Ваквата позиција на Хром денес доведува до речиси идентични сцени како од пред една деценија. Во тоа време, сајтовите имаа експлицитна порака „за прегледување на сајтот треба да се користи ИЕ6“, денес добар дел од сајтовите го имаат предупредувањето „најдобро работи во Хром“. Некои од масовните сервиси на Гугл како Мит, Ало, Јутјуб ТВ, Гугл ерт и Јутјуб студио бета, комплетно го блокираат дефолтниот браусер на Виндоус 10, и бараат инсталирање на Хром. Некои од овие не се поддржани ни во Фајрфокс.
Примерот на Гугл го следат и некои од најголемите интернет сервиси, како Групон или Ербиенби, кои одејќи по линија на помалку програмирање, решаваат на своите сајтови да им стават значка „најдобро работи во Хром“
Од Верџ се согласуваат дека ова не е некоја голема завера на Гугл да го сруши Фајрфокс или Еџ на Микрософт, туку дека едноставно на програмерите на компанијата кои постојано користат некој од нејзините сервиси и постојано се во Хром, полесно и приоритет им е да оптимизираат за Гугл Хром.
Друго оправдание за Хром што доаѓа од експертите е дека програмерите на Гугл често пати креираат многу од новите стандарди, и своите предлози ги пишуваат и испраќаат до W3C за тие да станат општи стандарди. Ова често пати значи дека Гугл е прв што ќе ги испорача новите опции и можности во својот браусер.
„Најголемиот проблем за секој што е посветен на отворен интернет е дека Гугл со тоа што ги прави своите сервиси да бидат само за Хром почнува да го игнорира принципот за кој до сега се бореше,“ пишува Том Ворен во текстот за Верџ.
Џен Симонс од работната група за ЦСС, им префрла на сајтовите како Групон кои оптимизираат само за Хром, дека со тоа им штетат на сопствените корисници.
Џон Грубер, авторот на Деригн фајрбол блогот предупредува дека ова е само почеток и дека „моментално има толку многу работи кои се само за Хром, што ако мислиш дека Гугл не прави затворена Хром платформа, тогаш си со главата во песокот.“