Зимоска, откако полицијата на Келн на Твитер и на арапски ја честиташе Новата година, некои од највисоките функционери на Алтернативата за Германија (АФД) на истата платформа ја нападнаа полицијата дека поддржува „варварски, силувачки орди муслимански мажи,“ а во друг твит обвинувањето беше за поддршка на „толпи мигранти со ножеви.“
Двата твита беа меѓу првите „жртви“ на новиот германски закон против ширење омраза на интернет.
Веднаш по бришењето, двете претставнички на Алтернативата за Германија, и авторки на твитовите, Алис Вејдел и Битрикс вон Сторч, се појавија во политичка реклама со црвена лента преку устата, и текст на кој пишува „Тоа е нашата смисла за хумор!“ Двете целиот настан го искористија за започнување на цела кампања против законот обвинувајќи дека новите мерки се нелегална цензура и враќање на времето на Штази.
Ваквата позиција на Вејдел и вон Сторч не е уникатна само за нив, туку е споделена и од голем број Германци чии Фејсбук или Твитер постови беа пријавени и отстранети, без точно да знаат зошто тоа им се случило. Меѓу противниците има и идеолошки спротивставени на АФД, поборници за право на слободен говор кои се загрижени „за влијанието што законот ќе ги има врз изразувањето.“
Меѓу луѓето што се имаат огрешено пред законот е и новиот германски министер за надворешни работи Хajко Мас, кој го истурка законот додека беше министер за правда. Неодамна повторно се актуелизираше еден негов постар твит во кој еден противник на имиграцијата го нарекува „идиот“ што е прекршок по новите правила.
Германскиот интернет адвокат и противник на законот, Јоерг Хајдрих, дистанцирајќи се од крајната десница колку може повеќе, објаснува дека „многумина од нив се плашат дека нивните постови се избришани заради нивните уверувања, а не заради тоа што го кажале.“
„Законот постојано им е на ум на луѓето. Генерално луѓето се повнимателни како размислуваат и што пишуваат. Голем број луѓе се плашат да не ги загубат своите профили,“ ги објаснува Хајдрих генералните промени што ги забележал во он-лајн и оф-лајн говорот во Германија.
Како што забележува Линда Кинстлер во Атлантик, во случајот со АФД „обидите на Германија да го регулира он-лајн говорот само ги засилија гласовите што тие се обидуваа да ги стишат.“
Во меѓувреме никој нема претстава колку е законот ефикасен во отстранување на недозволени содржини. Првите оценки ќе бидат објавени на почетокот на јули откако социјалните мрежи ќе ги испорачаат своите задолжителни извештаи за бројот на отстранети постови.