Моментално Фејсбук има околу 2 милијарди членови од кои добар дел се освестија дека тоа што решиле да го дадат цел именик од својот смартфон во замена за живот на Кенди краш (или што и да е друго) можеби и не најпаметна одлука што ја донеле во животот. Вакви и слични корисници, со неоправдано алиби кон самите себе, но и длабоко оправдан гнев кон Фејсбук, радо би сакале да ја раскинат врската со најголемата светска база на лични податоци.
„Ама нема каде да одат. Тоа е затоа што, освен неколку исклучоци, Фејсбук успеа да ги сотре своите конкуренти, или со клонирање на нивната технологија или со купување - тактика која ја користи за да остане релевантен и незаменлив.
Во изминатите 13 години, од самите зачетоци, Фејсбук се подготвува токму за овој момент. И сега кога дојде, компанијата продолжува да го монополизира начинот на кој луѓето комуницираат на интернет,“ пишува Сара Емерсон во Мадерборд.
Во билдањето на својата империја Фејсбук во 2009-та го купува Френдфид, агрегатор на социјални медиуми. Во тоа време Фејсбук веќе и копира некои од оригиналните функции на Френдфид, како „лајк“ копчето и апдејти во реално време (пример статусот со нов коментар да ти се појави најгоре во њузфидот).
Една година подоцна, за 40 милиони ги купуваат сите патенти што беа во сопственост на уште една социјална платформа, Френдстер.
Во 2012 Фејсбук плати 1 милијарда долари за Инстаграм, откако ја укина сопствената апликација за фотографии.
Две години подоцна, за 19 милијарди долари го купува Вотсап, апликацијата за испраќање пораки и конкурент на Фејсбук Месинџер.
Во 2013 компанијата потроши 150 милиони долари за купување на ВПН технологија наречена Онаво, која според Вашингтон пост му дозволува на Фејсбук „да го шпионира однесувањето на своите корисници под маската на заштита на нивните податоци.“
Зукерберг минатата година изјави „нашата мисија е: да им се даде на луѓето моќ да изградат заедници и да го приближат светот.“
Прашањето на Емерсон е „дали Фејсбук ги приближува заедниците една кон друга, или прави да е невозможно тие да се изградат на друго место“.