Дали интернетот ги изневери очекувањата?

Интернетот требаше да го направи светот помалку централизирано место, како што гледаме повеќе од десет години тоа не изгледа така.

Ставот на Тим Бернерс Ли, кој се смета за човекот кој ја измислил светската мрежа, е дека „интернетот не е комплетен неуспех, ама не успеал да го испорача позитивното и конструктивно општество на кое многумина се надеваа.“ Ова е прилично разочарување за човекот кој во својата автобиографија од крајот на 1990-те, „Weaving the Web“, заклучува: „Искуството од тоа да го гледаш интернетот како почнува да земав замав благодарејќи на грасрут напорите на илјадници луѓе ми дава неверојатна надеж дека колективно можеме да го направиме нашиот свет да биде она што сакаме.“

Ако до пред неколку години човештвото претежно беше позитивно расположено кон интернетот, благодарејќи на цела лепеза од прислушкувања, протекувања информации, хакирања и искористување на интернет корисниците од страна на технолошките гиганти, денес не сме ни приближно благонаклони и расположени кон светската мрежа.

„Во сржта на нивното разочарување е дека интернетот станал далеку повеќе ’централизиран’ отколку што беше од пред само десет години. И на Западот и во Кина активностите што оваа глобална мрежа ги овозможува се доминирани од неколку гиганти, од Фејсбук до Тенсент,“ пишува Лудвиг Сигл во Економист.

Тој го цитира историчарот Ниал Фергусон, кој во својата последна книга „The Square and the Tower“ објаснува дека овој шаблон (нова мрежа која е преземена од нова хиерархија), има голем број историски преседани кои се движат од изумот на печатарската машина до индустриската револуција.

Тоа што интернетот од година во година станува се поограничен, колку што е дело на индустријата, толку и корисниците сами си го имаат направено заради лагодност. Па ако користењето интернет од компјутер ти дозволуваше да се расплениш низ мрежата и какви не неверојатни нови сервиси што таа ги нуди, истата активност преку смартфоните и таблет уредите е сведена на внимателно ограничени простори, или на „оградени градини кои се едвај нешто поинтересни од телевизиските канали.“

„Луѓето што ги прават оперативните системи за мобилни уреди можат преку своите продавници за апликации да одлучат до кои сервиси сопствениците на смартфони ќе имаат пристап. Друга контролна точка е ’облакот’, кој по својата природа става надворешни луѓе да бидат одговорни за апликациите и за податоците поврзани со нив. Во меѓувреме владите, кои долго време немаа никаква улога во интернетот, почнаа да контролираат огромни делови од мрежата, често пати користејќи големи интернет компании како доброволни спроведувачи на ова, на пример со тоа што ќе ги блокираат непосакуваните содржини,“ пишува Сигл.

Сето ова е крајно поразлично од замислите на „првичните сајбер-гуруа“ кои кога е испратена првата порака меѓу два компјутера (29 октомври 1969) објаснуваат дека системот „е наклонет кон децентрализација на власта и слобода за делување.“ Првичната намера на интернет (создаван во време на Студената војна) е тој да овозможи комуницирање на компјутерите дури и ако централниот компјутер не е достапен, на пример заради нуклеарен напад.

Првото доба на интернетот, средината на 1990-те, изгледа како изумот да ќе ја прати оваа замисла кога се отвораат милиони веб-страни и десетици илјади стартап компании. Ова продолжува и по пукањето на дот-ком балонот, на пример во форма на блог, кога корисниците сами објавуваат на интернет, линкуваат меѓу себе и создаваат разговор.

„Денес интернетот е многу поразличен ѕвер... и најдобар начин тој да се замисли е огромни силоси за собирање на податоци кои се поврзани меѓу себе и со секакви видови уреди кои истовремено испорачуваат услуги и собираат уште повеќе податоци (за корисниците),“ објаснува Сигл.

4 јули 2018 - 11:31