Зошто технолошките гиганти не се зафаќаат во Европа, како во САД и Кина?

Двете најпросперитетни европски технолошки компании се Спотифај и Заландо, чија пазарна вредност е околу 42 милијарди долари. Кинеската компанија Алибаба вреди 480 милијарди долари, а американски Фејсбук се проценува на 550 милијарди.

Нееднаквоста станува посебно неверојатна кога на тоа ќе се додаде дека ЕУ има економија која по обем е споредлива со онаа на Кина и САД, и дека Унијата е еден од главните извори за врвен стручен талент.

Еден од одговорите за ваквото заостанување е - пари, поточно тоа што Европа заостанува зад остатокот од светот (или барем овие двајца) во финансирање на новите компании. Основното правило е дека собирањето големи суми пари „им овозможува на младите компании брзо да ги состават сите делови на бизнисот кои им се потребни за одржување на моментумот.“

Статистиката е дека најголемите американски и азиски технолошки компании од 2000-та имаат собрано во просек околу 7,3 милијарди долари во инвестиции, додека нивните европски еквиваленти имаат само околу 1,6 милијарди.

Како друга причина за јазот се наведува „културата на Силициумската долина“ под што се подразбира „менторството, поддршката и советите од ветераните во индустријата од Долината кои се ’опипливи како да влегуваш во оаза’.“ Ваквата мрежа на поддршка е важна кога работите ќе згуснат, без разлика дали е пред продавање на компанијата или пред преземање на некој следен поголем чекор за развој на компанијата.

Според трет пристап разликата меѓу двете страни на Атлантикот е што Силициумската долина многу често им дава сопственост на вработените во форма на акции на компанијата во која работат, што создава позитивен круг „успехот на Гугл милионерите помага да се привлечат други мудри умови во екосистемот.“ Ова освен што ги мотивира луѓето да работат понапорно, тоа ги поттикнува и да останат подолго во компанијата.

„Едноставно не е дел од културата. Луѓето што ги интервјуирав во Париз зборуваа за бонови за оброк, а не за добивање акции од компанијата,“ објаснува ЦЕО-то на француската платформа за рекламирање, Критео, Жан-Баптист Рудел.

Секако останува и фактот дека Брисел најверојатно не би дозволил на своја територија да се развијат гиганти како Гугл, Амазон или Фејсбук.

16 јули 2018 - 13:31