На 13 декември, компанијата за обработка на податоци за крипто-валути, Нансен, објави дека Бинанс изгубиле 3 милијарди долари во однос на претходната недела, што во тоа време е 4% од сите средства што се во посед на компанијата. Сопственикот на Бинанс, Чангпенг Жао, повеќе познат како ЦЗ, истиот ден на Твитер ги смируваше корисниците околу извештајот на Нансен. Од тогаш до 10 јануари Форбс проценува дека компанијата има изгубено 15% од средствата, а во период од два месеца загубата изнесува 25%.
Со довербата на корисниците ништо подобро не минува ни криптовалутата на Бинанс, БНБ, која во изминатите два месеца губи 29% од вредноста. Во исто време од берзата на компанијата повлечени се околу 40% од стабилниот коин БУСД.
Утеха за Бинанс е што и понатаму останува најголема криптоберза и дека ова се случува во период на крах и загуби на целата криптоиндустрија, па во изминатата година вкупната вредност на сите криптовалути е падната за 56% и изнесува 848,7 милијарди долари.
Самиот ЦЗ лично ја поттурна ФТХ во целосен крах, откако во ноември на Твитер објави дека продава сè што има во ФТТ (токенот на ФТХ) што во тоа време изнесува околу 580 милиони долари. Како причина за ова тој наведува „неодамнешни откритија кои беа обелоденети.“ Потоа тој дополни дека проблемите на ФТХ се вон негова контрола и капацитет да помогне, „што имплицира дека тој ги има погледнато нивните сметководствени податоци кои покажале дека ситуацијата е посериозна од претходно што се мислело.“