Денес има 1.542 милијардери во светот (во долари) од кои 145 се новодојденци од годинава. Вкупното богатството на светските милијардери годинава е пораснато за речиси една петина во однос на минатата година, и со 6000 милијарди долари е два пати поголемо од БДП-то на Обединетото кралство.
„Се наоѓаме пред пресврт. Концентрацијата на богатството е висока како во 1905, и ова е нешто околу што се загрижени и самите милијардери. Проблемот е моќта на камата на каматата - што ги прави големите пари уште поголеми, а прашањето е до која граница ова е одржливо и по која граница општеството ќе интервенира и ќе го возврати ударот?
Моментално ја тераме втората година од пикот на второто Позлатено доба, а прашањето од милијарда долари е како општеството ќе реагира на концентрацијата на толку многу пари во рацете на толку малку луѓе,“ објаснува Јозеф Стадлер, авторот на извештајот на УБС за нето вредноста на глобалните милијардери.
Стадлер објаснува дека супер-богатите исклучително се загрижени околу јавната перцепција дека тие стануваат побогати на трошок на пошироката популација, што нив ги наведува да прават што е можно поголеми филантропски подароци или да ги трошат своите пари на јавни уметнички галерии и спортски екипи. Според извештајот на Стадлер, 72 од 200-те најголеми уметнички колекции во светот моментално им припаѓаат на милионери. Во 1995 бројката изнесува 28. Што се однесува до спортот, 140 топ светски екипи се поседувани од 109 милијардери. Две третини од екипите во НБА и НФЛ се во сопственост на милијардери, а и 9 од 20-те тимови од британската Премиер лига.
Она што Стадлер го негира во однос на глобалната перцепција околу нееднаквоста и супер-богатите е дека „милијардерите заработуваат на сметка на пошироката популација“. Тој објаснува дека 98% од богатството на милијардерите наоѓа начин да се врати во општеството и дека супер-богатите вработуваат околу 27,7 милиони луѓе во светот (отприлика колку работната сила на Британија).
Првото Позлатено доба е периодот кон крајот на 19-от век кога неколку американски семејства создадоа неверојатни богатства врз основа на монополот врз железницата, нафтата, банкарството и металопреработувачката индустрија. Ерата е обележана со рапидна индустријализација и растечка нееднаквост во Америка. Сето ова заврши со интервенција на американскиот претседател Рузвелт кој ги растура големите монополи и воведува значително поголеми даноци на богатите.