На берзата во Чикаго во понеделникот пченицата постигна највисока цена во историјата од 1.425 долари, а и пченката и сојата поскапеа за 26% од почетокот на годинава.
„Да се потсетиме, немирите за леб ја започнаа Арапската пролет, немирите за леб ја започнаа Француската револуција.
Се случува настан од библиски размери секогаш кога ќе ти се испразнат залихите од пченица. Нема да видиш глобален недостаток на храна. За жал глобално ќе имаш милијарди луѓе кои можеби нема да можат да си дозволат да си купат храна.
Украина доминира со пазарот на сончоглед. Сончогледовото масло е главна состојка во готвењето и храната, а ќе видиш и поскапување на маслата од палма и од соја.
Тоа е голема работа, посебно во најсиромашните држави, каде готвењето дома е голем дел од дневниот буџет,“ објаснува ЦЕО-то на најголемиот американски осигурител на земјоделски фондови тргувани на берза, Туекриум, Сал Гилберти.
Според Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) на Обединетите нации Русија е најголемиот извозник на пченица во 2020 по бројот на испорачани тони пченица, а Украина била петта по големина. За споредба, Кина и Индија произведуваат повеќе од Русија, меѓутоа најголемиот дел го трошат по дома.
Моменталните санкции против Русија значат дека пченицата што веќе е ожнеана и складирана во земјата не се купува на берзите. Во исто време пазарите проценија дека пченицата што била ожнеана и складирана во Украина минатата година сега нема да може биде испорачана.
За Гилберти прашање е што се случи со посадената зимска пченица која треба да биде ожнеана на пролет.
„Пазарот се обидува да го пресмета потенцијалот дека сезонава нема да има жетва на пченица, и дека нема да може пченицата да се извади од полињата и да се испорача надвор од Украина,“ објаснува Гилберти за рекордната цена на пченицата.
Бидејќи култури како сончоглед и пченка се садат на пролет не е јасно дали земјоделците ќе можат воопшто да ги посадат. Кај нив непознати фактори се воената мобилизација во Украина, самата војна, недостатокот на гориво и ѓубриво.