Во својот блог пост Маск објави дека Саудиска Арабија преку нивниот државен фонд е мистериозниот инвеститор кој ќе го финансира повлекувањето на Тесла од берзата.
„Во изминатите речиси две години, државниот фонд на Саудиска Арабија повеќе пати ми има пристапено со предлог за повлекување на Тесла од берзата. Уште на почетокот на 2017 го изразија овој интерес затоа што им е важно да имаат разновидност и да не зависат само од нафта,“ напиша Маск во својот блог.
На почетокот од јули Саудијците купуваат речиси 5% од акциите на Тесла, за на крајот од месецот да се сретнат со Маск и да го повторат својот интерес за откупување на акциите.
Маск состанокот го напушта „без сомнеж дека ќе може да се потпише договор со Саудијците“, по што на бордот на компанијата и најавува дека е заинтересиран за повлекување на Тесла. Следно тој се среќава со најголемите акционери на Тесла за да ги праша „дали ќе сакаат да ги задржат своите акции во новата, приватна инкарнација на Тесла.“ Бидејќи е длабоко уверен дека сите акционери на Тесла ја заслужуваат истата понуда тој минатата недела го објавува твитот со планот за повлекување на компанијата од берзата.
Тој појаснува дека Саудијците немаат ексклузивитет и дека преговара и со други финансиери бидејќи сака „Тесла да има широка база на инвеститори.“ Она што е карактеристично за целата зделка е дека Саудијците нема да и позајмат пари на Тесла за таа да ги откупи акциите, па потоа да ги враќа, туку саудискиот фонд директно ќе ги купи акциите од акционерите што се подготвени да ги продадат. По ова, Саудијците или кој и да е инвеститор со кој ќе се договорат, ќе биде најголем акционер во Тесла.
Во текстот предвидувањата на Маск се дека две-третини од акционерите ќе прифатат да се префрлат во приватна Тесла, што би значело дека откупување на остатокот од акциите би требало да се платат 20 до 30 милијарди долари.