Предвидувањата се на ОЕСР и нивниот модел за светската економија до 2060-та. Во овој период се очекува дека растот на економијата ќе изнесува околу две-третини од сегашната стапка, нееднаквоста масовно ќе се зголеми, а ризикот од климатски промени само ќе ги влоши работите. Ама затоа светот ќе биде 4 пати побогат, попродуктивен, пообразуван и поглобализиран.
"Ако пробувате да ги сфатите двете половини од предвидувањето, не се секирајте, истото се обидуваат да го направат и најдобро квалификуваните економисти на планетава," пишува во текстот за Гардијан, уредникот за економија на Канал 4 Њуз, Пол Мејсон.
Низ целата анализа преовладува ризикот дека економските ефекти од климатските промени ќе почнат да го уништуваат капиталот, крајбрежното земјиште и земјоделството. Оваа ставка ќе намали 2,5% од светскиот БДП (во југо-источна Азија ќе биде околу 6%).
"И после се, тука е проблемот со миграцијата. Европа и САД ќе мора да апсорбираат околу 50 милиони емигранти меѓу сега и 2060-та, а остатокот од развиениот свет ќе апсорбира дополнителни 30 милиони. Без ова работната сила и базата за оданочување толку многу ќе се намали што државите ќе почнат да банкротираат," објаснува Мејсон.
Според предвидувањето на ОЕСР, најголем проблем што може да ги снајде развиените држави е земјите во развој толку брзо да почнат да напредуваат заради што нивните граѓани би престанале да мигрираат.
"Сега замисли го ова сценарио: Лос Анџелес и Детроит изгледаат како Манила - бедни гетоа кои се граничат со облакодери со вооружена стража; работната сила на Британија е микс на стари бели луѓе и новопристигнати млади мигранти; работните позиции со средни приходи се исчезнати. Ако си роден во 2014-та, тогаш во 2060-та или си 45-годишен адвокат (barrister) или си 45-годишен келнер (barista). Капитализмот ќе биде во својата четврта деценија од стагнацијата, и тогаш ќе почнат да се чувствува сериозното влијание од климатските промени," пишува Мејсон.
Извештајот најдиректно објаснува дека секоја држава која ќе сака повисока стапка на раст, ќе мора да прифати повисока стапка на нееднаквост и од ова нема бегање. "Дури и за да се постигне оскудниот раст од 3% ќе мора работната сила да стане 'пофлексибилна,' а економијата поглобализирана."
На сето ова треба да се земе предвид и проблемот со оданочувањето, бидејќи се поголемата разлика меѓу високите и ниските приходи ќе доведат до воведување даноци на богатство, нешто што сегашните институции не се сигурни како да го изведат.