Кинеската економија моментално вреди 17,6 илјади милијарди долари, наспроти 17,4 илјади милијарди долари колку што е проценета американската економија. САД е непрекинато на оваа позиција од 1872-ра, кога го симна Обединетото кралство од првото место.
ММФ го прави рангирањето според еднаквоста на куповната моќ (Purchasing Power Parity - PPP), која дозволува да се спореди колку можеш со твоите пари да купуваш во различни држави. Бидејќи по оваа основа парите "повеќе вредат" во Кина отколку во САД, кинеските бројки се прилагодени во позитива. Без прилагодувањето за ППП, ММФ проценува дека кинеската економија вреди 10,3 илјади милијарди долари.
"Колку човек може да верува во точноста на БДП бројките на Кина кога дури и актуелниот премиер, Ли Кеќанг, се сомневаше во валидноста на бројките од својот претходник. Во депеш од американската амбасада од 2007-ма, се открива дека Ли, кој тогаш е генерален секретар на провинцијата Лиаонинг, му кажал на американскиот амбасадор дека кинеските БДП бројки се 'рачно правени' и се 'само за референца,'" се пренесува во анализата на БиБиси.
Според Метју Краб, автор на Myth-Busting China's Numbers, кој 20 години ги анализира бројките во државата, сериозно е проблематично да се пресмета дури и дел од кинеската економија.
"Една од клучните работи што треба да се разберат е дека дисторзијата која се случува на селско и провинциско ниво само се засилува како што бројките се испраќаат по синџирот кон повисоките инстанции. Од година во година, БДП бројките за секоја провинција растат побрзо отколку националниот збир, што е логички и математички невозможно," објаснува Краб, според кој има и сериозно мешање категории кога се пресметуваат државните бројки.
И покрај ова ММФ проценува дека Кина во 2014-та ќе има раст од 7,4%, а во 2015-та од 7,1%. Наспроти 2,2 и 3,1% на САД за истиот период. До крајот на деценијата ММФ очекува дека кинеската економија ќе вреди 26,98 илјади милијарди долари, наспроти 22,3 на САД.
Сепак нивните процени се дека Кина нема да го мине рекордот на САД од 142 години како број еден економија во светот, и дека до 2100-та година Индија ќе ги надмине и Кина и САД.