Белгиската пивара Хујге, основана 1654 година, со годишно производство од 250.000 шишиња, деновиве ги троши крајните резерви на шишиња од 0,33 л што пред војната и санкциите ги има набавено од рускиот добавувач. Нивната процена е дека со денешната побарувачка тие ќе имаат залиха некаде за до септември.
„Во основа имаме недостаток на АПО шишиња од 33 центилитри, а знам неколку производители што работат со Штајн шишиња и тие имаат проблем со недостатокот на шишиња,“ објаснува ЦЕО-то на Хујге, Алан де Лает.
За Хујге шишињата се посебно голем проблем затоа што 87% од производството го извезуваат „што значи дека шишињата не ни ги враќаат“.
Дефицитот на шишиња почнува уште во пандемијата кога потрошувачката на пиво се сели од баровите и рестораните во супермаркетите, па стотиците илјади буриња пиво се заменуваат со стаклена, пластична и лимена амбалажа.
Проблемот со шишињата е само последниот товар што им е накалемен на пиварите. Претходно заради ковид карантини во Кина голем број нарачки на суровини од таму не се исполнети, а опцијата за префрлање на лименки исто така е проблематична заради недостатокот на алуминиум и високата цена што ја има денес.