Успехот на Микрософт во основа е во тоа што најде што да прави сам со себе и со тоа ги привлече инвеститорите и нивната доверба.
„Под Надела, Микрософт го најде свој следен повик. Тие на големо се кладеа на клауд услуги, и сега тоа им се исплаќа.
Во меѓувреме, во Епл, Кук ги остави акционерите да се чудат што ќе биде следното од компанијата по Ајфонот - ако воопшто има нешто,“ пишува Трој Волветрон во Бизнис инсајдер.
Иако не ни станува збор за тоа дека Епл е нешто заглавен или да не можат да поделат плата, на компанијата почнува полека низ нос да и се вади тоа што не успева да извади некој следен бизнис што нема да биде Ајфон.
Тоа што компанијата во последниот квартал ги надмина предвидувањата на Вол стрит за профит и приходи, беше засенето од податок дека има намалена продажба на Ајфони и дека овие бројки се направени со помалку продадени уреди. Заради ова, Епл одлучи во иднина да не ги објавува бројките на продажба.
„Потенцијалот на пад на продажбата на Ајфон е сериозна грижа за инвеститорите бидејќи Епл во основа е телефонска компанија; на Ајфон отпаѓаат над 60% од приходите и така е со години,“ објаснува Волветрон.
И самиот Кук не е некоја битанга од директор, напротив за време на неговиот мандат Епл постигнува рекордни профити и успеси на берза, и станува највредната и најпрофитабилната компанија во светот. Проблемот со Кук, како што Џобс му кажува на својот биограф, е што „тој не е човек за продукти“.
„Тој е одличен за оперативно водење на компанијата. Тој е докажан како одличен менаџер, но нема визија за продукти,“ пишува Волветрон.
Освен што имаше неуспешни излети и инвестиции, на Кук му се припишуваат и „неуспеси“ од типот дека Епл мјузик глобално е на второ место зад Спотифај, додека во исто време треба да се справува со тоа што по почетниот бум продажбата на Ајпад прво се намали, а потоа и стагнираше.
„И покрај сето ова, акциите на Епл издржаа, затоа што Ајфон продолжи да биде машина за кеш,“ објаснува Волветрон.
Ова е речиси идентична ситуација со онаа на Микрософт од 2010, кога ЦЕО на компанијата беше Стив Балмер, човекот кој помогна да се донесе десктоп компјутер во секој дом и некако остана заглавен во десктоп софтверот додека наоколу никнуваа Ајфон, Гугл, Фејсбук и слични.
Балмер напушта во 2014 а на негово место доаѓа Надела, и од прв ден се фокусира на клауд решенија и цело ова време останува на тоа. Последнава фискална година 23% од приходите на Микрософт доаѓаат од клауд производи и услуги. Пред 4 години ова изнесуваше 3%.
„Инвеститорите се кладат дека ќе има уште. Микрософт сега е вреднувам речиси исто - а на периоди и повеќе - од Епл, дури и ако неговите приходи во последната фискална година се помалку од половина од оние на производителот на Ајфон, а профитот е помалку од една третина.
Ова е добра индикација за довербата на инвеститорите во Надела и нивниот ентузијазам за иднината на Микрософт. Исто така е сигурен знак дека тие мислат дека под Кук, најдобрите денови на Епл се минати,“ проценува Волветрон.