Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) проценува дека во наредните пет години глобалната побарувачка за јаглен ќе се зголеми за 3 отсто, што е еднакво на 117 милиони тони јаглен, најмногу поради поголемите „апетити“ на Индија.
Со други зборови, ништо од „позеленување“ на планетата, а за тоа вината не е само кај оние кои се откажаа од Парискиот договор за климатските промени. Има и други причини: како што се наведува во најновиот извештај на оваа агенција, ваквиот пораст во најголема мера ќе се должи Индија, која очекува зголемување на побарувачката за 115 милиони тони. Ваквите прогнози се уште 'по ќумур' ако се има предвид дека побарувачката помеѓу 2015 и 2016 година забележа рекордно намалување.
Извештајот сигурно ќе ги израдува производителите на јаглен, но во целина земено, секој пораст на потрошувачката на јаглен е лоша вест за планетата. Јагленот емитува повеќе јаглерод од кој било друг извор на гориво, а сите ние го делиме истиот глобален буџет за јаглерод (види графика).
Неколку причини зошто јагленот е валкан извор на енергија:
1. Лош е за животната средина
Самиот чин на ископување на јаглен од земјата е деструктивен. На пример, кај јагленокопите со отворен коп, односно планинското рударство (mountain-top mining), планинските врвови се расчистуваат од дрвјата и јагленот се вади со помош на експлозив. Водата се испушта во долините под рудниците носејќи токсични хемикалии кои ги загадуваат водните патишта. Откако ќе се извади од земјата, со горењето јагленот ослободува огромни количества јаглероден диоксид, што е основната причина за создавањето ефект на стаклена градина и за климатските промени, како и сулфур диоксид и азотни оксиди, кои што предизвикуваат кисели дождови и создавање смог. Термоелектраните, пак, за турбините на пареа користат милијарди литри вода од блиските водни ресурси (заедно со сите мали риби и друг живот што се наоѓа во водата). Понекогаш постројките испуштаат топла вода во постојните извори на вода - што е еден вид на „термално“ загадување.
2. Лош е за здравјето на човекот
Токсичните загадувачи што се испуштаат во атмосферата како резултат на согорувањето на јаглен (покрај јаглеродните, сулфурните и азотните оксиди, тука се живата и честичките како саѓи) се поврзани со респираторни, кардиоваскуларни, па дури и невролошки болести. Честичките можат да навлезат во белите дробови, зголемувајќи го ризикот за многу болести - од астма до рак на белите дробови; живата, која до луѓето доспева преку рибите што ги јадеме, може да предизвика оштетување на мозокот, слепило и нарушувања во развојот на фетусите. Покрај тоа, ризикот од смрт од срцеви заболувања е пет пати повисок кај оние кои се изложени на емисии на јаглен над 20 години, во споредба со другите загадувачи. Само во Соединетите Американски Држави, на електричните централи на јаглен можат да им се припишат околу 30.000 предвремени смртни случаи годишно.
3. Лош е за економијата
Јагленот нема да помине на издржана анализа за трошоците и придобивките. Во САД, штетата што ја предизвикува јагленот ја надминува енергијата која тој ја генерира. Во една студија од 2011 година се проценува дека штетата од термолектраните на јаглен изнесува 53 милијарди американски долари годишно. Истражувачите користеле конзервативни процени за ризиците по здравјето предизвикани од јагленот и воопшто не ги земале предвид климатските ризици, што значи дека трошоците во САД и во целиот свет се значително повисоки.
Доколку јагленот продолжи да се користи како и до сега, тогаш глобалните температури ќе се зголемат над целта од 2 Целзиусови степени од Парискиот договор. Ако пак, се зголеми потрошувачката, штетите ќе бидат уште поголеми. Ваквиот пораст на температурата самиот е штетен за економијата: студија од 2015 година откри дека бруто домашното производство останува прилично стабилно при температури од 0 до 25 Целзиусови степени, но се намалува брзо со било какви температури над или под тој праг. Доколку не се остварат актуелните проекции за климата, тогаш глобалното економско производство би можело да се намали за 23 проценти до крајот на векот, покажа студијата.
Од друга страна, како што пишува Карбон бриф, некои експерти веруваат дека проекциите на Меѓународната агенција за енергија за побарувачката на јаглен во Индија можеби се надуени. Индиското министерство за нови и обновливи енергии тврди дека земјата до 2022 година ќе произведува 200 гигавати од обновливи извори на енергија. ИЕА користеше поконзервативен пристап во процените за производство од обновливите извори на енергија. Ако пак, соларната енергија и енергијата од ветерот се прошират толку брзо како што најавуваат најоптимистичките проекции, тогаш во ова време следната година би можеле да се променат и трендовите на глобалната побарувачка за енергија.